Склони сме да идеализираме. Секого и секогаш, како да е нормално да мислиме дека секому е поарно отколку што ни е нам. Неминовно е потоа да се разочаруваме и фрустрираме, мислејќи дека сме губитници кои никогаш нема да постигнат нешто вредно во животот. Оној купил поубав автомобил, онаа патува кога ќе и’ текне, види каква куќа направија, сликани се во ексклузивни летувалишта. Упорно и упорно вртиме нечии слики на ФБ и Инстаграм, јадејќи се однатре што не сме на нивно место. Од друга страна, ретко кој помислува дека е добро што го служи здравјето, што има пријатели и семејство кои богатство значат. Ретко помислуваме и на оние кои немаат до толку што секој ден е предизвик сам по себе. Сакавме капитализам во кој влеговме неспремни. Јадосувањето оди до љубоморење и правење приказни во главата дека сигурно некој има оти крадел или дека правел нешто незаконски. Успешните луѓе ги доживуваме како непријатели, па дури и ако ни се роднини. Да, факт е дека живееме во време во кое чесноста е наивност, но зошто си ја труеме душата со тоа кој има повеќе (не помалку) од нас?
Познавам неколку жени кои заработуваат одлично од Инстаграм. Знаат како, си ги знаат можностите и капацитетот, влезени се целосно во тоа што го работат и уживаат во плодовите на својот труд. Да, се сликаат на места кои за многумина во оваа беда од држава (не земја, оти земјава ни е прекрасна) се само сон кој никогаш нема да се оствари. Ама успеале. Tие си знаат колкав ангажман имале, дали секогаш им се смее кога рекламираат некој бренд и дали секогаш се во токму онакво расположение какво што го гледаме по сликите. Е, за нив ќе се изначитате најразлични глупости кои најчесто се поврзани со тоа дека некој маж стои зад нив и се “спонзоруши” (Универзумот само знае колку ми е одвратен овој збор). Притоа, луѓево како да забораваат дека блуениците кои ги пласираат во вид на коментари утре ќе ги читаат не само децата на личноста која е ставена на тапет, туку и нивните сопствени деца. После ќе се чудиме зошто децата ни одраснуваат во огорчени и зајадливи битија, не водејќи сметка дека сме им дале одличен пример за тоа.
Забораваме дека они на кои им го даваме епитетот “ѕвезди”, “џет-сетери”, “инфлуенсери” се обични луѓе како секој од нас. И тие имаат стравови, доживуваат неуспеси, кубурат со здравје, љубов, поддршка. Лути сме кога имале пари да си платат лекување во некоја приватна болница или во странство наместо да се лутиме дека она за што плаќаме цел живот (а не е мал износ) не го добиваме кога ни е потребно. Не се лутиме онака здраво на политичарите кои не’ доведоа до дереџе да стравуваме дали од првиот симптом дека нешто не е во ред до дијагностицирање на евентуално постоечка болест, може да поминат месеци кои ќе направат уште поголем проблем. Не се лутиме оти компјутерите по државните болници не работат или дека треба преку закажување да мине некогаш и повеќе од половина година, која некои не ја ни дочекуваат. Не се лутиме дека за секоја ставка која ја плаќаме и која оди во буџет, немаме видено бенефит. Возиме по улици полни дупки, плаќаме дополнително за струја оти нема парно, се мислиме каде е поевтино да се купи кашкавал. И наместо да си ја чукнеме малку главата дека не се виновни поединци кои имаат, туку сите топтан кои направиле повеќето да немаат, времето си врви и станува се’ потешко.
Она што е најстрашно е дека постои општа омраза со која сме сите затруени. Не се радуваме на успехот на другите, од што сме ставени во шах-мат позиција. Во денешно време просто да му е срам на човек да сподели дека постигнал нешто и тоа со свој труд. Се’ извртуваме да добие некаква политичка конотација “да де, врзан е со ВМРО”, или “абе да не беа СДСМ, ќе го видев копукот”. Не знам за вас, ама мене ме радува туѓиот успех, оти тоа значи отворање на врати и за сите. Тој синџир секогаш функционира, ама пусто, од што ни е дојдено преку глава да се бавиме со егзистенцијални проблеми, станавме груби.
До кога вака?
До кога ќе бидеме статисти во сопствените животи, во кои главната улога ќе ја има постоечката гарнитура која е на власт? Што уште треба да ни се случи за да сфатиме дека она што ни го кројат шака луѓе баш и не мора да го носиме. Ја губиме вербата во подобра иднина, поубав живот. И не само за нас, туку и за нашите деца. Како можевме да дозволиме нивната иднина да ја ставиме под знак прашалник?
Порано, бев голем противник на земањето пасоши од друга земја. Патриотското чувство кое и ден денес го имам, знам дека нема никогаш да ми дозволи да се откажам од корените кои ми се тука. Но, за разлика од порано кога немав разбирање за ваквите одлуки на другите, сега имам дилема. Она што ме поразува е што гледам и знам дека никој не го направил или прави тоа оти така му се присакало, туку од немоќ. Не оправдувам, ама не ни судам повеќе. Само ме боли што сами си ги донесовме децата пред чинот во кој треба да бираат дали ќе бидат патриоти во држава која не им обезбедува она што го заслужиле, или да ги третираме како предавници. За сите овие 30 години, наместо да работиме на тоа да ја издигнеме државата на ниво на кое нашиот пасош ќе вреди како било кој во Европа, ние водевме битки за тоа која партија да дојде на власт. Тажно е што самите си ги продаваме кадрите....пардон, ги поклонуваме талентите и кадрите кои можат да придонесат тука да имаме просперитет.
Ете, ме боли. И ве боли, ама тажно е што оние што имаат моќ да го спречат тоа, не ги боли или ги боли само кога губат на избори.
До кога вака?
До кога ќе се јадеме едни со други и ќе немаме спокој?
До кога ќе седиме потчинети и инфериорни, додека светот чекори напред?
До кога ќе стравуваме дали ќе е полошо, оти одамна свикнавме дека поарно нема да биде?
До кога ќе биде поважен индивидуалниот просперитет, наместо колективниот?
Знам дека сум веројатно и смешна со муабетов, оти говорам за утопија. Нејсе, болката не ми е за мојот живот, туку за тоа оти полека се ближи времето кога ќе треба да пакувам дете и да и’ кажам “чувај се и јавувај ми се за да знам дека си добро”.
До кога вака?
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Ни заминаа децата
Одамна младоста нивна нов дом си бара
Некаде далеку, уџум фатија
Како птиците кои на есен одлетаа
Само што нашите пилиња
На пролет дома не си дојдоа
И без ниет се да се вратат
Со надеж дека местото в туѓина ќе си го најдат
Та останаа куќите празни
Полни тишина и тага
Со спомени од дамнешна смеа
И топот од стапалца под кои крцкаше подот
Ни заминаа децата
И со себе младоста ја однесоа
Солзи радосници не ни оставија
Како бунари пресушени очите ни останаа
И гробници од молк во душите
Та копнеж пуст во секој дом заживеа
И времето се мери од едно до друго видување
На големите екрани од модерното време
Стискајќи ги рацете под маса од мака
Дур старата клетва уште ни стои
За во јабана чедата да ни спијат
Ни заминаа децата
Та се тешиме оти за арно е
И за арно да им биди
А пусто срце чедото си го бара
И дур си велиш себичен да не си
Мисла тешка во глава ти се врти
Дали ќе ти дојдат барем за погреб
За последното испраќање
Оти на староста, младост и’ треба
Како потпора и утеха
Како аманет оставен
Барем ќерамида од домот празен
Само тоа со себе назад да земат
За да не се заборави коренот
За писмото во умот да остани
И зборот кој мајчин ќе е
За да се пренесе на нивните чеда
Да не заборават
Да не не’ заборават
Земјава пуста туѓа да не им е
Оти и таа памети детски џагор
И времиња убај кои повеќе ги нема
Откако заминаа, откако децата ни заминаа