Добитничката на награда за најдобар студент за академската пракса во „Аџибадем Систина“: Имавме чест да учиме од најдобрите

Добивај вести на Viber

Сара Димиткова, студентка по Општа медицина, на Факултетот за медицински науки, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип и добитничка на наградата за најдобар студент на медицинските факултети која ја доделува Лекарската комора и која беше дел од проектот „Академската пракса Аџибадем Систина“ вели дека практичната настава е од витално значење за медицинското образование и дека токму праксата во „Аџибадем Систина“ ѝ помогнала  да го разбере и да го примени она што го научила на предавањата. 

Лекарската комора традиционално на Денот на Комората ја доделува награда за најдобар студент на медицинските факултети во земјава. Наградата го носи името на прим. д-р Димитар Ивановски, лекар кој дипломирал во 1953 година и бил најдобриот студент од првата генерација на Медицинскиот факултет во Скопје. Сара Димиткова, оваа награда како најдобар студент ја доби со просечен успех 9,60 остварен на Факултет за медицински науки, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.

Проектот „Академска пракса Аџибадем Систина“во текот на 2020 и 2021 година им овозможи на студентите од шеста година на Факултетот за медицински науки, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип да посетуваат практична настава во најголемата и најсовремената приватна болница во земјата ,,Аџибадем Систина’’

1.Сара, ти честитаме на наградата и одличниот успех. Како иден доктор, ти посакуваме уште многу големи достигнувања во иднина. Во последната, шеста година од твоето школување беше дел од Академската пракса Аџибадем Систина. Што значи и која е важноста за посетување на практична настава за еден студент на медицински науки?

-На почеток би сакала да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам на целиот тим на Аџибадем Систина кој несебично го споделуваше знаењето и вештините со нас студентите. Практичната настава е од витално значење за медицинското образование. Сè што знаеме дотогаш е чисто учење од книга надополнето со неколку практикуми и демонстрации. Висококвалитетната пракса е критичен премин од теоретско учење кон клинички вештини.

2. Какво знаење и искуство стекна за време на праксата и какво значење и придонес имаше праксата генерално врз твојот успех кој беше и потврден со наградата која што ја доби?

-Стекнатото знаење и искуство е од огромно значење за мојот иден ангажман. Воодушевена од целата организација тука и добро структурираната програма за пракса дури и во вакви предизвикувачки услови со пандемија, решив да продолжам со пракса во болниците на Аџибадем Групацијата во Турција. Академската пракса ми помогна навистина да го разберам и да го применувам она што го научив на предавањата.

3. Бевте дел од тимот, учевте од најдобрите доктори и имавте можност директно да посведочите како функционира системот на работење во најголемата приватна болница во земјата. Што е она што најмногу ви се допадна во тој систем и остави најголем позитивен впечаток кај вас од времето поминато во Аџибадем Систина?

-За време на мојата пракса на одделенијата во болницата, го видов концептот на „мултидисциплинарен тим“, нешто за што толку многу сум слушала, сега оживеа пред моите очи. Сведочев како лекарите, медицинските сестри и останатите здравствени работници работат заедно за да обезбедат непречена здравствена услуга, персонализирана за секој поединечен пациент и тоа беше неверојатно. Аџибадем Систина е пример за најсовремена технологија, врвен третман и реномиран тим на специјалисти. Чест ми е што имав прилика да учам од најдобрите и се надевам дека еден ден ќе можам да се истакнам како медицински професионалец.