ДОЈДОВ НА ПЛАНИНА 3 ДЕНА, ОСТАНАВ 3 ГОДИНИ: Интервју со македонскиот Кенеди
Животот на планина е како птица на небото и риба во морето. Најмногу ми се допаѓа природата, таа чудна појава која секој ден плени со убавина. Прекрасните пејсажи, мирните утра, тивките ноќи и чистиот воздух, кој за жал во градовите се помалку го има
Секој ден се бориме со бучава и хаос, животот ни минува низ гужва од луѓе и обврски, и едвај ги чекаме оние денови кога „на раат“ ќе тркнеме до некое место каде ќе одмориме душа. Ретки се оние кои можат да уживаат во таква рајска убавина секојдневно, но ретки се и оние кои ќе остават се, само за да го најдат својот мир.
Јован Божиновски е момчето кое пред 3 години го напушти Тетово, и замина да живее на 1730 метри надморска височина, поточно на преубавата Шар Планина. Имено ако сте биле во ресторанот „Конак“ сигурно сте имале прилика да се запознаете со Кенеди, 28- годишното момче кое работи и ужива во сончевите денови или снежната покривка на раскошната шарпланинска убавина. Тој и неговиот другар, алјаскиот маламут Хектор се чувари на природната убавина на една од најубавите планини во земјава. И ако помислите дека е жалосно млад човек да поминува 365 дена на планина, Јован ќе ве убеди токму во спротивното.
За Женски Магазин, Кенеди раскажува за животот на својата најголема љубов...
* Кој е Јован Кенеди во една реченица?
- Кенеди е едно позитивно, дружељубиво момче, со големи амбиции.
* Зошто прекарот Кенеди, каква приказна стои позади тоа?
- Долга и широка приказна, се шегувам. Кенеди прекарот ми е даден од дедо ми, бидејќи личел на претседателот Кенеди и се носел исто како него. Потоа, прекарот го наследил мојот татко и ете, денес, го носам и јас, со еден збор фамилијарниот прекар.
* Веќе изминат период живеете на Шар Планина, секојдневно и низ сите годишни времиња. Како се роди таква идеја? Како се заљубивте во Попова Шапка?
- Случајно. Дојдов на 3 дена, а останав 3 години. Едноставно се заљубив во мирот, тишината и моќта на планината. Толкава позитивна енергија немам почувствувано многу долго време. Луѓето кои доаѓаат на планина имаат подруг менталитет од тие во град, и некако се приврзав многу со таа енергија, и не сакам да ја променам, барем не во блиска иднина. И планината сама по себе си е прекрасна, па се заљубувам секој ден одново и одново.
* Каков е животот на планина, што најмногу Ви се допаѓа, а што најмногу мразите?
- Животот на планина е како птица на небото и риба во морето. Најмногу ми се допаѓа природата, таа чудна појава која секој ден плени со убавина. Прекрасните пејсажи, мирните утра, тивките ноќи и чистиот воздух, кој за жал во градовите се помалку го има. Немам време за мразење во планина.
* Што најмногу Ви недостига од градот?
- Не можам да кажам дека ми недостига градот. Искрено нема ништо интересно, посебно во Тетово - се е исто како што имам оставено. Повеќе би рекол дека ми недостигаат моите внуци и фамилијата, отколку градот.
* Зошто млад човек кој може да ужива во социјален живот во град, се затвора на врвот на планина ?
- Јас сум најслободниот човек на планетава и скоро воопшто не се чуствувам затворено на врвот од планината, туку напротив, слободен сум како птица и секој момент го уживам, а не како луѓето во град што секој ден ги прават истите работи и се им е монотоно.
* Најинтересна случка од животот таму?
- Сум имал многу интересни случки. Животот во планина е премногу интересен и авантуристички. Се имам среќавано со многу диви животни, како на пример: мечка, волк, лисица... Но најблиска средба ми била со волк, кој беше на неколку метри од мене. Мислам дека за момент и срцето ми престана да ми чука, се додека не побегна...
* Во кое годишно време Попова Шапка е најубава?
- Шапка си е убава во сите годишни времиња, нo ако јас би избирал, тоа би било лето.
* Со кого го пиете првото кафе, а со кого последното пиво на Попова Шапка?
- Првото утринско кафе го пијам со мојот најдобар пријател, кучето Хектор, кое секое утро ме пречекува пред врата и си уживаме во првите сончеви зраци заедно, а последното пиво го пијам со колегите или понекогаш сам.
* Дали кога ќе ја најдете љубовта на Вашиот живот и ќе основате семејство, ќе биде поинаку?
- Ја најдов љубовта на мојот живот, тука, на планинава. Ако би се разделил од работава на планина, секогаш би се враќал тука, заедно со неа. Не знам, некако ми се засади планинава за срце и не можам да ја оставам туку така. Си го најдов мирот тука, искрено. Хенри Дејвид Торо има напишано „Отидов во планина затоа што сакав да живеам со помисла, да се соочам само со суштинските факти на животот, а не кога ќе дојдам до тоа да умрам, да откријам дека не сум живеел".
* Каде и како се гледате себе си за 10 години?
- На планина, во некоја дрвена куќичка.
Даница Караташова