Докторката ми рече дека никогаш нема да имам деца, сега имам три: Ана Андреевска искрено за борбата со потомството
- Борбата со неплодност може да ви го заземе животот. Луѓето зборуваат зад грб, похрабрите советуваат. Сите се паметни, сите знаат повеќе од нас. Полни се со претпоставки и осудувања зошто не ни успева. Ни кажаа дури и да сме посвоиле прво дете, тоа ќе ни донело среќа…, ова е само дел од животната приказна со која се соочила скопјанката Ана Андреевска и нејзиниот сопруг Орце, додека цели 5 години се бореле со сите сили, да добијат свое детенце.
- Вообичаено има многу повеќе во приказната на бездетен пар, отколку што се мисли, искрена е Ана.
Брачниот пар Андреевски цели 5 години поминал низ голема, макотрпна и емоционално тешка голгота. Но оваа храбра жена никогаш не помислила да се откаже. Па, затоа денес им се радува на своите три ќерки.
Како успеала да остане бремена, како се родиле трите девојки и кој е нејзиниот совет за сите парови кои се борат за свое потомство, раскажа за Женски магазин, а еве ја нејзината животна приказна која нема да ве остави рамнодушни.
ТРНЛИВИОТ ПАТ ДО ЗАЧНУВАЊЕ НЕ БИЛ ЛЕСЕН, НО
НИКОГАШ НЕ СЕ ОТКАЖАЛА
- Од самиот почеток сакавме да имаме бебе, но неуспешно. Јас имам дијабет тип 1 откриен неколку месеци пред да правиме свадба и долги години хипотиреоза. По неуспешните обиди по природен пат да добиеме бебе, се обративме кај стручни лица. Од докторка ми беше кажано дека со хипотиреоза и дијабет тип 1 никогаш нема да имам деца. На ХСГ испитувањето (метод за испитување на проодноста на јајцеводите) се увиде дека имам и една непроодна страна. Тука започна нашиот трнлив пат. Четири неуспешни инсеменации, сите можни испитувања, хормонски терапии, инекции, лаборатории, трчање и плачење по болничките ходници. Тука настанува и психичко оптеретување.
*Што помисливте прво кога дознавте дека ќе станете мајка?
- Моментот кога направивме тест преку крв за бременост и добивме висока бета, ни рекоа оваа бета покажува близначка бременост. Тоа беше вртелешка од емоции и чувства. Не се надевавме на две, дури и кога ги видов резултатите од тестот на крв, си реков подобро да отидам на преглед за докторот да види со свои очи. Радосни, но и исплашени бидејќи од самиот почеток ни беше укажано дека близначката бременост носи свои ризици, а и мојата историја со настанатата ситуација во мојот организам не ме оставаше мирна.
*Добивте близначки, бидејќи ги чекавте подолго време, имињата ги смисливте многу порано или пред да се родат?
- Од секогаш знаев дека ќе имам ќерка и дека нејзиното име ќе биде „Ива“. Тоа и се случи. На првиот скрининг ни беше кажано дека се машко и женско. За бебето кое кажаа дека е женско ние одма почнавме да го викаме Ива. Другото бебе на првиот скрининг беше машко на следната контрола се посомневаа дека е женско и понатаму до крајот се криеше и не знаевме пол. Пред крајот на бременоста, една вечер седнавме со сопругот да разговараме како ќе биде името на другото бебенце. Тој одлучно кажа: „ Доколку е женско сакам да се вика Јана, а за машко ќе размислиме, ајде ќе се договориме“. Утрото отидов на редовна контрола и веднаш ме задржаа за итен царски. Прво излезе скриеното бебе, ми кажаа дека е женско и како ќе се вика - „Јана“.
*Имаше ли моменти кога помислувавте да се откажете? Што ве туркаше напред цело време ?
- Борбата е навистина премногу тешка, секој ден во исчекување... Никогаш не помислив да се откажам. Ме водеше помислата и преголемата желба дека еден ден ќе ми се исполни сонот дека во мојата утроба ќе започне да се развива и расте моето чедо.
СО СОПРУГОТ ОРЦЕ ПРВ ПАТ СЕ СРЕТНАЛЕ ПРЕД 20 ГОДИНИ, А 8 СЕ ВО БРАК
* Колку е важна поддршката на најблиските, кој најмногу ве поддржуваше?
- Поддршката во тие моменти е многу важна, особено сопругот да биде до Вас кога го одите целиот тој пат. За среќа мојот сопруг е најголемата поддршка во мојот живот, а тука се и нашите родители и блиските пријатели.
*Дали можеби се соочивте со суд од околината, коментари од типот на тоа дека е време да се откажете, и дека на некои едноставно не им е судено да бидат родители?
- Борбата со неплодност може да ви го заземе животот. Луѓето не гледаа, а некои ни зборуваа зад грб, а имаше и похрабри или поискрени кои не советуваа за нешто подруго од медицина. Сите се паметни, сите знаат повеќе од нас. Полни се со претпоставки и осудувања зошто не ни успева. Се чудам на нивната храброст, како лесно можат да ги кажат тие зборови, а не знаат што поминуваме, како без да се запрашаат или без да претпостават имаат храброст да споделат нивно тврдење или некоја приказна која ја слушнале на телевизија или пак некој им ја раскажувал. Ни кажаа дури и да сме посвоиле прво дете, тоа ќе ни донело среќа… Со тек на време ќе дојде моментот и вие ќе се радувате, а потоа веќе им беше незгодно да коментираат, па само жални погледи ни упатуваа на секое сретнување. Една од најштетните работи во разговорите во врска со темата планирање на семејството е кога луѓето прават претпоставки. Некои претпоставуваа дека во нашите раце немавме деца, бидејќи не ги сакаме токму сега. Некои претпоставуваа дека сме себични. Вообичаено има многу повеќе во приказната на бездетен пар, отколку што се мисли.
* Откако ги добивте близначките како се смени вашиот живот? Како замислувавте дека ќе изгледа мајчинството, а како се менуваше идејата додека расте децата?
- Нашиот живот се смени во целост. Да се биде родител на предвремено родени деца е многу тешка улога која што почнавме да ја играме во моментoт кога ги добивме близначките и спремни сме да ја играме цел живот. Не обземаат чувствува на страв, неудобност, грижа, тага ... Меѓутоа децата се драгоцен дар. Нивното раѓање означи почеток на ново поглавје од нашиот живот, исполнето со предизвици, силни емоции кои не сме ни замислувале дека постојат, бесценети насмевки, секојдневни изненадувања. На должност сме 24 часа, 7 дена во седмицата. Научивме да функционираме со многу малку сон. Започнавме да веруваме во љубов на прв поглед кога ги запознавме тие толку мали личности со кои можеме и сакаме да ја поминеме секоја секунда до крајот на животот.
ВТОРАТА БРЕМЕНОСТ СЕ СЛУЧИЛА НЕОЧЕКУВАНО
* По три години од раѓањето на близначките повторно сте бремена, како дознавте, дали очекувавте, што прво помисливте?
- Мојата втора и успешна бременост се случи сосема неочекувано. Не верувавме дека може да се случи такво нешто. Мене циклусот и покрај инсеменации, ИВФ, терапии никогаш не ми доцнел. Овој пат ми доцнеше дури 7 дена. Многу ми беше чудно, па посакав да направам тест за бременост, да бидам на чисто и бев уверена дека ќе биде негативен. Меѓутоа, еве пример дека никогаш не треба да губиме надеж. Сѐ се случува. Тестот беше позитивен... На крајот од декември на свет дојде и нашата трета среќа. Ја добивме ќерката Дора.
*Кои би биле најкорисните совети, без разлика дали ги усвоивте од некој или до нив дојдовте сама, а кои би сакала да ги споделиш со оние кои се борат со неплодност?
- Посакувам луѓето да сфатат дека неплодноста е емоционален ролеркостер. Ништо не боли повеќе од зборовите „Само релаксирај се и ќе се случи”. Паровите кои доживуваат неплодност, исто така, се соочуваат со емоционална исцрпеност која доаѓа со негативните тестови за бременост. Некои парови одат низ третмани за плодност со години, а некои жени и парови доживуваат трајна неплодност. Периодот од месец дена во обидот да се зачне е полн со подеми и падови. Неплодните жени може да бидат полни со надеж на почетокот на циклусот. Но, втората половина на циклусот носи емоционална исцрпеност од исчекувањето. Секој месец е борба со подигнувањето на нашите надежи, само за да видите како надежите се рушат со секој нареден негативен тест за бременост. Навистина двојките кои го одат тој пат не сакаат да слушнат дека знаете како им е само зашто вие сте се мачеле неколку месеци. Едно е да се обидуваш да забремениш, а сосема друго е неплодноста.
* Ваша порака до сите оние жени и парови кои се борат со неплодност?
- Жената често се чувствува сама во борбата, но сето тоа е исто толку тешко и за сопругот. Неплодноста не ја негира твојата машкост или женскост. Никогаш не губете надеж! Побарајте повеќе мислења. И бидете упорни со верба во себе. Вие можете!!!
*Што мислите за неплодноста како тема? Дали доволно е разработена или ќе ја сместите на листата табу теми во нашата земја?
- Кај нас неплодноста сеуште е табу тема. Меѓутоа неплодноста не треба да биде табу тема, неплодноста не е срам!
Ние како здружение „До бебе по патот на ивф” се бориме во реализацијата на својата програма и цели, Неплодноста не е табу тема - Неплодноста не е срам. Се бориме, едни за други, за уште многу нови и успешни приказни.
Наталија Миланова
Фото: Приватна архива