Документарецот „Медена земја“ поздравен со овации на „Сараевскиот филмски фестивал“, следуваат премиери на „Македокс“ и во скопското кино „Синеплекс“

Добивај вести на Viber

Со силен аплауз и овации викендов беше проследена премиерата на македонскиот документарец „Медена земја“ (Honeyland) на „Сараевскиот филмски фестивал“. Публиката во преполната сала во сараевскиот „Мултиплекс синема сити“ со одушевување ја поздрави екипата која присуствуваше на проекцијата: режисерите Љубо Стефанов и Тамара Котевска, снимателот Самир Љума и главната протагонистка на филмот– Атиџе. Документарецот е влезен во официјалната конкуренција за наградата „Срцето на Сараево“.


Официјалната македонска премиера на „Медена земја“ ќе се одржи на 28 август 2019 г. во Куршумли ан, на затворањето на 10. издание на фестивалот за документарни филмови „Македокс“. Истиот ден, во рамки на фестивалот, ќе има проекција и во Младинскиот културен центар.
Пoчнувајќи од 29 август, пак, филмот ќе се најде на редовниот репертоар во скопското мултиплекс-кино „Синеплекс“ во „Скопје сити мол“. Влезниците за кинопроекциите ќе бидат пуштени во продажба денеска (понеделник, 19 август).
Деновиве филмот беше прикажан и во киното „Капитол“ (The Capitol) во Мелбурн, Австралија. На 24 август ќе се прикажува на фестивал во Макао, Кина, а на 21 и 23 август во Јужна Кореја. Следува учеството на филмски фестивал на планината Лесини во Италија, на 30 август.
Застапуван од американската компанија за производство и дистрибуција на филмови „Неон“, документарецот од 26 јули има кинодистрибуција во селектирани киносали во САД. Според официјалниот извештај на „Неон“: „Медена земја“ има најуспешна кинодистрибуција меѓу документарците, постигнувајќи повисока заработка од предвиденото.



Документарецот доби одлични рецензии од највлијателните медиуми во САД: „Њујорк тајмс“ (The New York Times), „Њујоркер“ (The New Yorker), „Вашингтон пост“ (Washington Post), „Сан Франциско хроникл“ (San Francisco Chronicle), „Лос Анџелес Тајмс“ (Los Angeles Times), „Венити фер“ (Vanity Fair), „Ролинг стоун“ (Rolling Stonе), „Атлантик“ (The Atlantic), „АВ клуб“ (FilmАVclub.com), „Ноктурнал“ (Тhe Кnockturnal), „Шокја“ (Shockya)... За филмот пишуваат и: „Нонфикшн филм“ (Nonfiction Film), „Попбрејк“ (The Popbreak), „Вокс“ (Vox), „Индивајр“ (Indiewire) и „Дедлајн“ (Deadline).