Досега го читавме, наскоро „Зоки Поки“ и ќе го гледаме во ТВ-серија

Добивај вести на Viber

„Зоки Поки“ - се будевме и заспивавме со неговите детски лудории а сега имаме одлична вест за вас.

По култната книга која речиси да нема кој не ја знае и обожава ќе се снима играна серија.

Со 19 милиони денари режисерот Александар Поповски од Агенцијата за филм ќе ја снима ТВ-серијата „Зоки Поки“, во продукција на „Кино око“.

Зоки Поки - е книга за деца од македонската писателка Оливера Николова.

Првобитно, книгата беше објавена во 1963 година од страна на „Детска радост“, а потоа следувале голем број изданија. Во текот на долг период, книгата беше задолжителна лектира за учениците од основните училишта во Македонија а е преведена на српски, романски, украински, чешки, италијански, словенечки, турски, албански и германски јазик.


Да се потсетиме ...

Во едната рака Зоки стега два денари, а со другата ја држи Лидија.

- Што сакаш да ти купам, Лиде. Имам многу пари, вели тој. Сè би направил за својата пријателка.

- Сакам панделка, вели Лидија, и црвена, и бела, и жолта, и зелена, и сина, и...

- Нема таква панделка, вели Зоки.

- Има.

- Нема. Јас знам повеќе од тебе.

- Ти ништо не знаеш, вели Лидија, а и не сакаш да ми купиш.

- Посакај друго, вели Зоки, веднаш ќе ти купам!

- Сакам гума. И црвена и жолта и бела и зелена.

- Ех,ех, нема ни таква гума.

- Има.

- Нема. Посакај друго!

- Сакам јајце зелено, и црвено...

- Пак и зелено и црвено и сино? Нема! Друго, друго!

Лидија веќе се лути, но пак вели:

- Сакам зелено, сино, бело, жолто... Тоа сакам.

- Тоа не може да се купи, вели Зоки. Што сакаш ти поправо?

- Сакам сè, вели Лидија. Сè, сè зелено, сино, бело, жолто... И веќе сака да плаче.

- Како сè, сè? Сè што лета, сè што оди, сè што има? Сиот свет?

- Да, вели Лидија, сиот свет зелен, црвен, жолт, син...

Зоки најпосле се досетува.

Одат во еден колонијален дуќан. Зоки ги подава двата денари и вели:

- Чичко, сакам да го купам сиот свет. За Лидија.

- Како? – прашува продавачот.

- Сиот свет жолт, син, зелен, црвен... вели Лидија.

- Ќе плаче ако не ѝ купам, објаснува Зоки.

- Добро, вели продавачот и им завиткува нешто во една хартија. Еве!

Децата излегуваат надвор.

Во хартијата има две шарени бонбони. Лидија ни најмалку не е изненадена. Веднаш го грабнува едното бонбонче и го става в уста. Другото го зема Зоки.

Децата сега шлапкаат со устите, лижејќи ги бонбончињата.

Најпосле Лидија вели:

-Леле, Зоки, ама е сладок сиот свет! Да го изгризам ли?