Др. Фидановски: Нова постковидна состојба кај децата- сериозен мултисистемски синдром кој напаѓа повеќе органи
Веќе е познато дека децата кои биле заразени со корона вирусот, самата инфекција ја поминуваат или асимптоматски или со благи симптоми на болеста, но загрижува фактот што сега регистрираме една нова состојба, која се јавува кај децата две недели до еден месец, откако го прележале Ковсд-19 или пак имале контакт со заболен, вели во разговор за Фактор, шефот на Одделот за Педијатрија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, д-р. Душко Фидановски. Имено, тој појаснува дека кај осум деца досега констатирале повеќеоргански инфламаторен синдром или скратено МИСЦ, дијагноза која е поставена кај децата врз основа на знаците коишто се појавуваат. Последните четири пациенти се лекувале во оваа приватна здравствена установа во последните десеттина дена, односно две од нив се хоспитализирани завчера.
-Се работи за деца кои што биле во контакт со Ковис-19. Најчесто не биле болни, немале никакви знаци на корона вирусот или пак имале некаква многу блага клиничка слика, каква што е карактеристична за децата. Но, по извесно време, односно по период од две до четири недели кај нив се појавува болест, односно нова состојба која се манифестира пред сè со многу висока температура, над 38,5, 39, па и 40 која трае повеќе денови и која не реагира, односно не се спушта со никакви антипиретици. Тоа е водечкиот, иницијалниот симптом. Меѓутоа заедно со температурата, која и не е така специфичен знак, бидејќи може да се јави и поради низа други болести, се појавуваат и други симптоми. Децата имаат промени по кожата од типот на осип кој се јавува на лицето, на рацете, на телото, може да имаат и осип во устата. Очите стануваат црвени, конјуктивите се хиперемични. А, потоа се појавуваат и други знаци, односно овој нов синдром зафаќа повеќе органи, пред сè срцето и се манифестира со срцева слабост. Децата имаат тахикардија, забрзана работа на срцето, бледило на кожата. Можат да бидат засегнати и белите дробови и се јавува една слика на воспаление на белите дробови, кашлица, стегање во градите, диспнеа или тешко дишење. МИСЦ предизвикува кај децата и стомачни тегоби, болки, гадење, повраќање, па дури и една слика на дијареа, односно ентероколит. Практично, заедно со температурата, ова е уште еден од првите знаци, така всушност започнува состојбата, па потоа се појавуваат оние проблеми со срцето, белите дробови, кожните манифестации. Може да бидат зафатени и бубрезите заради што имаат потешкотии при мокрењето, некои од децата се со една класична бубрежна инсуфициенција, се појауваат отоци и многу често имаме пореметување на коагулација на крвта. Се јавува една состојба, односно тенденција кон зголемено згрутчување на крвта, дури и создавање на тромбози кои можат да бидат и фатални, вели во разговорот, д-р Фидановски.
Појаснува и дека се опшишани дури и случаи на засегање на централниот нервен систем, односно пореметување на свеста, главоболки и грчеви.
-Всушност кај децата се зафатени најмалку два органи, но и повеќе, а состојбата како што реков започнува со висока температира како водечки знак кој трае повеќе од 24 часа, затоа и ваквата состојба се нарекува повеќеоргански инфламаторен синдром кој настанува како последица на реакција на организмот на контакт со ковид, SARS-Cov2 вирусот.
Д-р. Фидановски вели дека освен клиничката слика, поради новиот синдром, кај децата постојат и промени во лабораториските анализи кои, за нив, лекарите, се битни да ги надополнат клиничките знаци за да можат да ја постават дијагнозата.
- Според дефиницијата за новата состојба за која зборуваме мора да имаме клиничка состојба и мора да имаме и некои лабораториски промени за да со сигурност можеме да кажеме дека станува конкретно збор за МИСЦ. Најважните промени се во крваната слика. Намален е бројот на белите крвни зрнца, леукоцитите и тоа класата на лимфоцити чија бројка е под нормала. Се намалува и бројот на тромбоцити, тоа се оние елементи кои учествуваат во згрутчувањето на крвта. Се намалува и вредноста на хемоглобинот, значи настанува една анемија, имаме зголемување на инфламаторните маркери, ЦРП, прокалцитонинот, тоа се се показатели дека има некакво воспаление кое се случува во организмот. Имаме промени во коагулацијата на крвта, тоа се тие Д-Димери кои ги следиме и кај болните од корона вирусот кои знаат неколкукратно да се зголемат, токму и тука исто така се менуваа. Еден од најбитните показатели е тоа што кај децата има зголемено ниво на антитела и тоа од класата на ИГГ антитела што значи дека организмот бил во контакт со вирусот пред неколку недели иако тие се негативни на ПЦР-тестовите или на брзиот антигенски тест, што значи дека во моментот немаат делови или секвенци од короан вирусот присутни во организмот. Сето ова заедно со клиничката слика веќе ја дава дијагнозата на повеќеорганскиот инфламаторен синдром, посочува д-р. Фидановски.
Целото интервју со др. Фидановски за постковидната состојба кај децата прочитајте го на Фактор.мк