Драган Таневски: „Гасне само оган што не се ложи. Ете толку треба да знаете за љубовта“

Добивај вести на Viber

Велат стиховите на Драган Таневски како молња се провлекуваат во менталниот склоп на читателот и го освојуваат со секавична брзина. Можеш да ги мразиш или сакаш, но сигурно нема да останеш рамнодушен на нив.  За себе вели дека завршил неколку школи, магистирал Имагинација и Фантазија, а докторирал Филантропија. Верува дека без солзи, крв и пот нема ни успех, дека од сите титули, највредна е титулата – Човек, а стравот од неуспех е убиец на ентузијазмот... Важи за миленик е на илјадници жени, и „учител“ на многу мажи, кои како прирачник ја користат неговата поезија во која е опишана суштината на животот, љубовта, среќата, тагата. Покрај тоа што пишува несекојдневна поезија за секојдневни нешта, Таневски ужива во спектакуларните изгрејсонца, а само за Женски магазин зборува за своите стравови, успеси,за љубовните писма и семејството. 

Ж.М. Како Ви започнува денот, со кого го пиете првото утринско кафе?

Сакам да станувам рано. Еден од прозорите ми гледа на исток. А Творецот ги направил изгрејсонцата спектакуларни. Сакам да се потсетам дека за него сме вредни. Изгрејсонцата се потсетник дека сме сакани од најважната личност во универзумот. Не смее да се пропушти и игнорира изгрејсонце, нешто толку монументално. Аха, спомна кафе, второто по спектакуларност нешто… тоа е строго моја задача, и си е ритуал скоро па религиозен. Денот мора да почне со полни батерии. Со мојата инспирација го пиеме во ситни голтки за да ни трае што подолго дур праиме муабет за се и сешто.

Ж.М. Што најмногу Ве прави среќен во животот?

Првите две работи веќе ти ги набројав. Списокот е километарски, дека многу малку работи има што не ми причинуваат среќа. Едноставно го тренирам окото да ги фаќа и запишува нештата што се вредни а да ги игнорира безвредните. Ме прави среќен да ги усреќувам другите. Да ги потсетам колку се вредни. Многу има работа, ќе ни требаат колеги. Ајде, идеме?

Ж.М. Кој е вашиот најголем страв?

Од што се плаши највеќе еден потпорен столб на куќа? Ете од тоа се плашам. Да не потфрлам. Да не не издржам. Дека се повеќе се тресе земјата од неправди и потребни се цврсти столбови да ја задржат куќата здрава.

Ж.М. За кој тип на луѓе никогаш не би пишувале?

Се поише ги има. И се хранат со сето тоа што се пишува за нив. Злото е за нив достигнување и успех. А ние несакајќи од нив правиме инфлуенсери и модели.

Ж.М. Колекционер е must have колекција за вистинските вредности кои речиси и да се изумрени, покрај вашата сопруга, од каде црпите дополнителна инспирација?

 Подобро прашај ме од кого не црпам инспирација. Не стварно, ако ти е наместен системот на учење, од секого можеш нешто да научиш. И добро е така нели? Да сме свесни дека она што го знаеме е само трошка во однос на она што не го знаеме. Колку е поубаво дружењето со таков човек отколку со некој што “знае се”.

Ж.М. Велите пишувате откако знаете за себе, меѓутоа, некој мора да го пробудил тоа нешто во Вас, таа креативност тој начин и поглед кон светот и кон љубовта, дали можете да се сетите кој е „виновникот“ за она што сте денес?

Бев неколку пати скршен и повторно составен. Веројатно во тој процес нешто истекува од нас. Кој е виновен? Книгите. Не ме оставаа да спијам, да јадам, да дишам… и после претекува од тебе. Тоа е. Некој вид света врска.

Ж.М. Се случувало ли да пишувате љубовни писма на барање на Ваши другари/другарки? 

 Ми барале, да, ама никогаш не сум прифатил. Тоа ми е полошо од прељуба.

Ж.М. Имате изјавено: "Ако е со мерка, не е љубов." Како според Вас се мери љубовта?

Не се мери. Ама некако осеќаш кога е малку, нели?

Ж.М. Многу момчиња / мажи ќе речат, не го слушајте Драган, тој само раскажува бајки, таков маж не постои, проблемите и секојдневието си го прават своето, па да Ве прашам, постои ли навистина таков маж што ќе направи жената да живее бајка, познавате ли таков?

Комплексно е прашањево. Бајка, што е тоа? Тој да ја сака неа со цело срце, таа да го сака него со цело срце… тоа е за мене бајка. Еве сега ти кажи ми зошто е тоа толку недостижно?

Ж.М. За жената имате само убав збор, сепак таа важи за понежен пол, но, дали можеби во идина би направиле и краток прирачник, како треба да се однесуваат жените, ако сакаат да  имаат добар маж покрај себе?

Напишав 8 книги до сега. Во сите има понекое семче. Гледам некои никнуваат. Наречи ги како сакаш… прирачник, совет од паталец, фластер на рана…

Ж.М. Дали Вие сте како и идеалниот маж опишан во Колекционер, како се справувате со ситуацијата кога ќе наидат искушенија?

Идеален според чии критериуми? За оние за кои цело срце е единствена прифатлива мерка, не се потребни критериуми. Тоа е идеал. Неподелено срце.

Ж.М. Велат ако мажот е добар, нежен романтичен... не е интересен за жената, тие сакаат лоши момци со „став“... Па  дали сметате дека девојката, жената би била среќна ако има навистина таков идеален маж покрај себе?

За моите пеесетина години живот видов многу глума. А Многу уфилманост ќе ги сруши илузиите кога-тогаш. Знаеш, сето тоа е тенка позлата врз евтина пластика. Шуплив лампион. Малку оган и? А вистинските вредности се како злато. Оганот го прави златото само уште почисто.

Ж.М. Ако треба да одберете еден ама вреден совет за среќен брак, кој би бил тој?

Ако ништо не ти е свето, не стапувај во брак.

Ж.М. Велите и Вашата сопруга и иста „будалетинка“ како вас, што значи тоа поконкретно? 

 Ние сме две комплементарни будалетинки. Ретко сме озбилни. Животот го тумбаме така што секогаш ни е насмеан. Знаеш, еден полукруг може да биде и смајли и грампи, се зависи колку ќе се потрудиш да го свртиш наопаку. 

Ж.М. Кога не творите, како го поминувате слободното време, што е тоа што Ве исполнува?

Денес си расположена да ме простресеш онака здраво… што е тоа слободно време? Одамна сум немал. Периодов ми е прилично хектичен, а јас не се научив да функционирам така. Сега сум во некои брзи води, штом дојдам до мирни води те барам пак за ново интервју.

Ж.М. Совет за сите ваши следбенички и следбеници...

Децо, гасне само оган што не се ложи. Ете толку треба да знаете за љубовта.


Елеонора А.