Драгица Стевковска: Се родив како седмаче, мислеле дека сум мртва, пред да ме погребаат сум заплакала - ме однеле кај Баба Ванѓа да ми ја предвиди судбината

Добивај вести на Viber

„Љубовта која Господ ја всадил во мене само ја давав, а ја примав само од него. Луѓето ме сакаат,  ја забележуваат мојата учтивост, љубезност и добрина. Секогаш им возвраќам со насмевка. Секогаш се смеам“. Со овие зборови водителката и поетеса, Драгица Стевковска (58) почна да ја раскажува својата животна приказна, исполнета со страдања кои ѝ тежат како оловни пранги и се бори да ги влече со насмевка, додека срцето ѝ крвари..

- Мојата  приказна е многу тажна, повеќе сум страдалник на веков, отколку среќник. Родена сум девет дена по смртта на татко ми кој загинал во сообраќајка на 23 години. Мајка ми била во седмиот месец од бременоста и се породила од тага предвреме. Три дена била во безсознание и не била во можност да ме задои со мајчино млеко. Баба ми ме завиткала со крпи и ме ставила во кошница до шпоретот. Сум имала само 950 грама. Првите 40 дена ми давала вода и малку шеќер, а мачките лежеле врз мене. На 40-тиот ден ниту сум мрдала со раце и нозе, ниту сум плачала. Мислеле дека сум мртва. Ме однеле на рид да ме погребаат, оти по народни обичаи некрстено дете не се закопува на гробишта. Но,тогаш сум почнала толку силно да плачам, што се исплашиле и ме вратиле дома – открива Стевковска која на шест месечна возраст била многу слаба, изнемоштена и имала неполни 3 килограми.

- Прабаба ми и мајка ми решиле да ме носат кај баба Ванѓа во Петрич. Дел од патот од Делчево до Петрич го изоделе пешки, дел со запрежна кола. Стигнале длабоко во ноќта. Пред нејзиниот дом имало многу луѓе. Баба Ванѓа излегла надвор и рекла „Дајте ми го сирачето да го видам“. Ме зела во својот скут, ме кренала кон ѕвездите и рекла дека ќе живеам. Ѕвездите ме сакаат и цел свет ќе знае за мене, зашто ќе имам изразени претчувства  и за другите луѓе – вели Стевковска.

По три години престој во куќата на нејзиниот сопруг, мајка ѝ решила да се врати во татковата куќа. Тогаш Драгица се соочила со детство исполнето со страдање и потчинетост.

- Ги немав истите привилегии како децата на братот од мајка ми, поради вујна ми. Мајка ми ме бањала во коритото во кое јаделе свињите. Алиштата ги пружала на  оградата, позади плевна. Вујна ми не ме пуштала да играм со братучедите. Откако сите ќе јадеа, дури тогаш ќе седневме на маса со мајка ми. Живеев во куќа која за мене беше мачилиште. Првата визија сум ја добила на три години. Од толпа луѓе сум одбрала еден човек, сум го фатила за рака и сум викнала пред сите ,,Дојде татко ми. Но, тука не завршува мачилиштето. Мајка ми подоцна се омажи за него. Тој од првата жена имаше 3 деца, потоа се роди и сестра ми. Со нас живееше и братот на очувот. Сите живеевме во една двособна куќа со мало ходниче. Мајка ми си ги продала и облеката и капутите,  за да може да ни сошие облека за нас. Жално но вистинито, секојдневно беше преморена од перење на рака, месење и готвење. Маката ја истураше врз мене, ми викаше и ме тепаше до крварење од нос – зборува Дракче, со кнедла во грлото додека се присетува на детството. 

- Си најдов закрила во градската црква. Кога ќе ме тепаше одев кај Дедо Боже, палев свеќа и се молев... Клисарот во црквата беше тетин на очувот...Таму научив за светците и за црковните песни. Заспивав со суво лепче во рака. На 13 години многу се разболев. Тогаш сонував сон поврзан со црквата „Света Богородица“. Пред нејзините порти ме пречека еден мал чичко со сјајни очи кој ми рече „Влези Драгице, цела ноќ мајката Богородица ми кажуваше дека ќе дојдеш.

Влегов ме изми со вода, ми стави бројаници на вратот и рече: Ќе бидеш многу болна, многу синџири имаш околу вратот, но ќе се извлечеш.“ И денес можам да го нацртам неговиот блажен лик – вели таа.

Светла точка во нејзиниот живот била љубовта и бракот со фолк пејачот Орце Стевковски. Радоста била голема кога првпат забременила и била на прагот да се реализира како мајка. 

- Имав тешко породување. За животот на ќерка ми се бореа 42 дена. Една ноќ во сон ми се појави Света Петка, ме однесе на седмиот кат од болницата и ми рече: „Заколни се во  тебе и во животот на детето дека цел живот ќе им помагаш и ќе ги сакаш луѓето. Утре купи голем сребрен крст“..Кога се разбудив ќерка ми не беше до мене. Сестрите рекоа дека е на апарати. Отидов вриштејќи да ја барам... Лежеше на една маса покриена со чаршав, како да е мртва. Кога го тргнав чаршавот таа заплака. Ане моја сега има 38 години, а  јас секојдневно се молам на Бог за сите луѓе. Се трудам да им помогнам колку што можам. Родив уште една ќерка. Имам и пет внучиња. Тие ми се најголемо богатство – вели Дракче.

Но, нејзините маки не завршуваат тука. Следува борба за здравјето. Три тешки операции од карцином, две киретажи на тумур, мозочен и срцев удар со запушена каротида. Како ги преживеала тие денови, што ѝ помогнало да застане на нозе, како се снаоѓа откако останала без работа, ќе прочитате во нејзината нова автобиографска книга која го чека печатењето. За првпат ќе открие детали од животот, откорнати од срце. 

- Издржав поради децата, внуците. Голема утеха ми беше работата како водителка. Излегував и се дружев со луѓето. Бев водителка 37 години. Многу ми недостасува таа работа. Би била пресреќна кога би се вратила пред камерите. Лековите кои мора да ги пијам ги купувам приватно и се многу скапи. Не се плашам од каква било работа. Пет години плетев блузи и шалови, џемпери и корпи за цвеќе за ресторани. Но, кичмата веќе не може да го издржи тој напор – вели Стевковска која досега е автор на две книги посветени на живи случки „Патот на светлината“  1 и 2. Потписник е на две изданија со поезија „Говорот на срцето“ и „Откорнато од душата “.

- Мојот чудесен сон е полу автобиографска, а останатото е толкување на знаците во сон по народните верувања. Има дел и со свети места и свети води.

„Шепотот на молика“ е поема. „Безвременска љубов“ е посветена на мојата пријателка Боте и патувањата на светите места. „Сонце на дланка“ е поезија која ја напишав кога имав 14 години. Три книги се подготвени за печатење- дополнува Драгица која на крајот од разговорот открива зашто едвај ја убедивме да го прифати разговорот за интервју.

- Има луѓе кои едвај чекаат да се ситат и да коментират глупости, нарекувајќи ме гатачка и бајачка, затоа што толкував сонови и изработував нумеролошки карти. А за тоа учев со години од врвни професори од Русија. Сепак и за нив се молам секој ден – завршува Дракче.

Соња Алексоска Неделковска