Др.Фитмама за жените кои подзаборавиле на себе: Само исполнета, среќна мајка е добра мајка

Добивај вести на Viber

Анита Николовски - доктор по професија, сопруга и мајка на две деца е дамата која на Инстаграм стартува проект под името Др.Фитмама, наменет за сите жени кои сакаат да се грижат за себе, а особено за мајките кои подзаборавиле на себе и го ставиле фокусот само на семејството и грижата на децата. Зошто не треба да е тоа така и што може да преземат, Анита открива во нашето интервју. 

* Раскажете ни нешто повеќе за Вас?

- Јас сум Др. Анита Николовски, доктор по професија, сопруга и мајка на две деца. Љубовта кон спортот започна од мојата петта година со пливањето. Низ годините искусив повеќе правци во спортот како кошарка, атлетика, пилатес и аеробик.

Работејќи на својот психофизички развој, се запознав со фитнесот и јогата. Преку медицината ја проучив анатомијата на човековото тело и функцијата на секоја група мускули одделно. Со тоа ја продлабочив пасијата кон пронаоѓање на совршениот баланс помеѓу телото, умот и духот.

Остварувајќи се во улогата на мајка и вработен доктор, можноста за посета во теретана се намали и континуитетот на вежбањето го продолжив во домашни услови, а ефектот и мотивот за вежбање стануваше сè поголем.

Не мора да бидете професионалец за да изгледате онака како што посакувате!

* Како дојдовте до идејата за проектот?

- Движејќи се во круг на нови мајки, сретнав многу кои беа залутале и подзаборавиле на самите себе, насочувајќи го сиот фокус само на бебето. Наидов и на жени кои веќе не се осеќаат убаво во својата кожа и во „новото тело“, кое им прави нелагодност и нервоза, а тоа несомнено ја изобличува сликата за самите себе, па се одразува и на односот со самите себе, и со партнерот и околината. Жени кои се соочуваат со постпородилна депресија... Па доаѓаме до еден „circulus vitiosus“ (волшебен круг) на фрустрации кои се накалемуваат во нашето тело и нашата душа. Сретнав мајки кои се неинформирани и неупатени, кои се соочуваат со страв да вежбаат зошто дојат, се плашат дека ќе го изгубат млекото или ќе му наштетат на своето бебе. Сретнав девојки кои не знаат зошто треба да го подготват телото пред да настане бременост и како да го направат истото.  Дојдов до идеја да ја надоврзам медицината, мојата професија со моќта на женското тело, мојата пасија,па се роди др.Фитмама. Симбиоза на две професии, се со цел да од медицински аспект се разбијат сите табу теми поврзани со женското здравје и можноста за физичка активноста. Да научиме да живееме здраво во ова нездраво време. Да научиме како да живееме удобно во своја кожа и како да се грижиме за своето тело, слушајќи ја секоја порака, секој сигнал кој истото ни го испраќа. За таа цел направив спој на кардио вежби со динамична јога и техники на дишење кои најбрзо ќе не доведат до психофизички баланс.

* Како грижата за себе не значи себичност, дури и кога сте мајка, но потреба?

- Само исполнета, среќна мајка е добра мајка. Само задоволен, реализиран човек е успешен човек. Не може да полеваме од празна чаша. Грижата за себе не значи јас и само јас, туку и јас меѓу другите.

* Зошто менталното здравје е поважно од изгледот на женското тело?

- Храната не помага кога душата е гладна, нити сонот помага кога душата е уморна. Ни една телесна перцепција не може да се задоволи, ако на психичко поле не се создаде идеална слика. Работите не се онака како што ги гледаме, туку онака како ги доживуваме. Да ти ги дадам моите очи па да погледнеш велат. Не дека поинаку гледаат, туку различно перцепираат, а очите се ништо без мозокот, тамо се „изработува“ секоја слика и се создава секоја перцепција, а во душата спие секоја емоција.

Како ние се чувствуваме, таква слика оставаме и на околината, така и не доживуваат.

* Како може да им помогнете на жените да се чувствуваат убаво во своја кожа? За кои жени е наменета Вашата програма, раскажете ни нешто повеќе?

- Најпрво сакам да им помогнам да станат свесни за себе, да го постигнат моментот на сега и тука. Да бидат присутни и да живеат во овој миг. Посебно на мајките, да станат свесни за моќта на своето тело, како е спремно да направи чуда (како носењето на свет едно малечко чудо чие срце биело под мајчиното срце 9 месеци), какви се промени успеало да претрпи, кој ролеркостер од емоции и хормони. И пак цврсто да стојат на нозе. Да бидат горди, но и да бидат трпеливи и нежни спрема себе. Да научиме како да се сакаме, како да си простуваме себе, како што многупати им простивме на други.

Да научат преку физичка активност да го канализираат сиот стрес, да ја исфрлат сета негативна енергија која се наталожила во секој зглоб, да се ослободат од сиот товар што го носат на својот грб.  Да ја издишат секоја фрустрација.

Програмата е наменета буквално за сите, не е само за мајки. Тренинзите се изработуваат според потребите на клиентот, интензитетот зависи од физичката и кондициона спремност на клиентот и неговата цел. Вежбањето не е во живо и може да се вежба кога и каде клиентот сака.

* Совет за вежби кои секој може да ги практикува дома во ова време невреме?

- Целата моја програма е наменета за домашна примена. Вежбите се со сопствена тежина и нема потреба од дополнителни реквизити. Се што ви е потребно е само добра волја да стартувате,а веќе после првата недела ќе станете зависни од физичка активност 

* Како Вие го балансирате приватниот и професионалниот живот, што според Вас е клучно за добар баланс?

- Мора да признаам дека партнерот ми е најголема подршка. А децата најголем мотив и инспирација. Од нив учам секој ден и заради нив се трудам да бидам подобар човек секој ден.

Почетокот на љубовта е да дозволиме тие кои ги љубиме да бидат совршено свои,  а не да се трудиме да ги промениме за да ни се вметнат во нашата слика и замисла за нив. Поинаку само ја сакаме рефлексијата од сами себе која ја наоѓаме во нив,а тоа не се тие.

Ова ни е стил на живот, медицината и физичката активност испреплетени една со друга. Двајцата како партнери „кликнавме“ тука.

Се трудиме да не ги комплицираме работите, зошто каде што е сѐ просто, ангелите се сто посто.


Д.Караташова Илиоска