Хиџабот е круна со која си еден чекор напред од сите други амбициозни жени кои знаат што сакаат: Интервју со Џенета Телак Дурмиши
Џенета Телак Дурмиши е посветена сопруга, мајка
на две деца и академски асистент на Меѓународниот Балкански Универзитет во Скопје. Покрај сите овие титули кои гордо ги носи, 32-годишната дама која е родум од Кичево, на својата глава носи хиџаб или како што самата вели една круна со самодоверба за да се справи со сите пријатни и непријатни работи кои ја очекуваат
Како амбициозна дама со стил, која секогаш била активна во образовниот невладин сектор, а исто така и при многу меѓународни конференции и симпозиуми, сака да се
докажува и да учи во областа на млади истражувачи и да се надоградува во
образовниот свет.
Зборува флуентно Турски, Македонски, Албански и Англиски јазик, а во моментов е и кандидат на докторски студии кои што се очекува да ги заврши следната година.
Џенета верува дека хиџабот (термин кој се однесува на вел или шамија која ја носат некои жени со исламска вероисповед) е нејзин идентитет без да треба да објаснува која е и како треба да се однесуваат со неа, а во нашето интервју открива и дали постојано се соочува со негативни мислења и бариери во општеството во кое живееме.
* Дали во минатото се соочивте со проблеми или негодување од Вашето семејство или околина бидејќи сакавте да го продолжите вашето образование?
- Веднаш одговарам НЕ. Јас доаѓам од семејство кое се занимава со трговија уште од времето на независноста на нашата држава. Моите родители иако не се високо едуцирани и се орентирани кон трговија и приватен бизнис, никогаш не ни поставувале пречка во образоиванието, ниту на мене ниту на моите сестри.
Напротив, тие секогаш не мотивирале да се едуцираме и да бидеме финансики независни жени. На пример како тоа што јас сега сум вработена во позната високо образвона институција која е одлука на голем број меѓународни студенти од Балканот и Македонија, една од моите сестри работи како стоматолог во Турција другите сестри работат како образовен администартор во општина и професорка во средно училиште во родниот град Кичево.
Горенаведните позиции ги спомнав за тоа како не само од семејството, па и од околината секогаш сме имале поддршка. Дури сега на моите докторски студии, моите ментори се многу познати професори од Македонскиот универзитетски кадар кои се друга вера и националност и немаат никаква предрасуда на моите верски вредности. Напротив, од почит дури некогаш доаѓа на некој „левел“ посебна чест.
* Дали некогаш сте биле дискриминирани? Дали сте наишле на препреки само поради носењето хиџаб?
- Мојот сопруг е со младешки дух и обожава да шета низ светот. Го имам придружувано низ мнгу места низ Европа и многу ми е мило да одговорам дека во Македонија нема разлика од другите држави во Европа.
Нема никаква дискриминација кога се работи за една млада девојка која течно зборува повеќе јазици и носи хиџаб. Нормално, секогаш постои некој исклучок, но тоа се случува во многу мала мера што не ни вреди да се спомне. Не би ги нарекла пречки, но некаков вид на збунетост и зачуденост се случува во прв момент кога ќе се појавам прв пат на некој настан или установа. Но веднаш кога ќе се претставам или ќе почнам да зборувам сѐ се сведува на нормала.
За ова е потребна самодоверба. Не е само хиџаб, и некој друг да се појави во друг стил како прва реакција на луѓето наспроти вас ќе биде збунетост, но важно е како со тоа да се справите и да го доведете до нормала. Имав случка во која со една многу мила универзитетска професорка закажував состанок во врска со моите студии и се договараме на телефон и сѐ е океј (зборувам течно Македонски како мајчин јазик ) и кога договирвме средба и пред нејзе виде добро средена млада девојка со хиџаб се збуни. Јас нормално сум навикната на вакви ситуации и веднаш си продолжив со мојата пракса да се поздравам и да се однесувам нормално. Многу ми беше мило што после тоа професорката ми се извини за нејзината реакција и ми објасни дека според некои стереотипи не се навикнати да гледаат девојки со хиџаб во нивниата институција.
* Колку Ве обесхрабуваа дека како „жена со марама“ нема да може да бидете исто прифатена како и останатите?
- За среќа не ме обесхрабруваа. Јас сум амбициозна жена и не прифаќам неправда. Напротив, тоа дека нема да бидам прифатена како останатите ме мотивира да се борам повеќе за тоа што го сакам и за среќа да не се откажувам додека не го добијам. Благодарение на многуте девојки и жени со хиџаб во Македонија кои се успешни, ние помладите веќе немаме тешкотија да се докажуваме зошто носиме хиџаб или да си го бараме нашето место во општеството.
* Каде се наоѓа Македонија кога станува збор за односот кон хиџабот?
- Хиџабот не се однесува само на надворешниот изглед, се работи и за благороден говор, достоинствено и праведно однесување и скромност. Без разлика на бројки и проценти на етничка или религиозна припадност во Македонија, тој е прилично прифатен. За некој дел од општествто е прифатен како дел од традиција, за некој дел од општеството е прифатен како дел од религија, за некој дел од општеството е прифатен како дел на слободен избор, но во главно е прифатен. Се разбира, има мал дел од општеството во Македонија кој нема доволно знаење за хиџабот и затоа реагираат на тој начин. Но сето тоа се базира на незнаење што тој значи и неговите вредности.
Во мојата околина во Македонија, како академски граѓанин презадоволно кажувам дека луѓето го прифаќаат и дека се изразуваат со голема почит. Сите се многу внимателни како се однесуваат и како пристапуваат кон мене. Кога има непочитување тоа се чувствува од првите погледи, веднаш чуствуваш непријатност, но како што спомнав погоре, најважно е да знаеш да се справиш со вакви ситуации.
* Во светот не престануваат да се донесуваат разни верски забрани кога станува збор за хиџабот. Какво е Вашето мислење на оваа тема?
- Денес хиџабот значи многу различни работи за различни луѓе. За исламските жени кои избираат да носат хиџаб, тоа им овозможува да ја задржат својата скромност, морал и слобода на избор. Тие избираат да се покријат затоа што веруваат дека тоа е ослободувачко .
Мојот хиџаб е јавна слика за мојата религија и мојот став. Тој го покажува мојот идентитет без да треба да објаснувам која сум и како треба да се однесуваш со мене. Тој ми дава сила на самодоверба. Покрај сите религиски причини исто така ми дава посебна вредност да сум различна. И тоа што сум различна, прво како жена па после како жена со хиџаб да можам да бидам успешна. Можеби нашите успеси не се нешто големо, но во рамките на општеството во кое што живееме, тие се навистина голем успех.
* Покрај работата, Вие сте и посветена сопруга и мајка. Како балансирате меѓу приватниот и професионалниот живот?
- Како секоја мајка, оваа функција не може да биде лесна, но не е невозможна. За жена која е навикната да биде активна во професионалниот живот и која е амбициозна , титулата мајка ѝ е само еден период на пауза и после пак продолжува. Мајките се губат во професионалниот живот само додека се освестат дека се мајки, а после тоа се навикнати да бидат „мултитаскинг“ и да си продолжат. Тоа е една од најдобрите карактеристики на жените. Чувство на балансирање помеѓу овие два дела од животот. За ова балансирање, поддршката на партнерот е од големо значење, и сум пресреќна што јас ја поседувам таа поддршка. Мојот сопруг е тој кој секогаш знае да ме поттикне кога ќе се уморам
* Имате ќерка и син. На какви вредности ги учите Вашите наследници? Дали сметате дека светот е потежок за живеење за жените ( со оглед на тоа дека живееме во „машки свет“ каде што жените не се сметаат еднакви на мажите)?
- Сметам дека светот е потежок за жените. Навистина сум уморна да гледам како скоро на сите високи позиции и раководителни позиции стојат мажи. Жена, без разлика дали со хиџаб или без секогаш мора да се бори повеќе за да го добие тоа што го заслужува. Но за жал ова е сурова вистина и ние мора според тоа да се однесуваме. Мојот син е сѐ уште мал, но уште од сега го учам да знае како да се однесува кон својата сестра па кога ќе порасне ќе знае како да се одесува кон жените. Кога станува збор за мојата ќерка, многу ја размазувам. Ја учам да биде нежна, со самодоверба, упорна и најважно независна. Овие работи сега се учат преку барбики и пластични играчки, но всушност тоа ќе биде нивно однесување кон вистинските луѓе тие ќе пораснат. Но најважно двајцата ги учам на почит. Да знаат да ги почитуваат луѓето без оглед на нивниот јазик кој го зборуваат, без оглед на нивниот изглед или верска или етничка припадност. Ќерка ми е петгодишна, но течно зборува Македонски и Турски јазик. Со тоа го имам направено првиот чекор да не поставува линија помеѓу различностите на луѓето.
* За манекенката Икрам Абди Омар хиџабот е синоним за убавина и скромност, но и самодоверба. Што претставува за Вас?
- За мене хиџабот преставува мој идентитет. На некој начин моја круна. Тој е еден знак за моја одлука и слобода. Самодовербата е првото нешто кој што го дава хиџабот. Ведаш кога некоја девојка ќе се одлучи за овој чин со тоа докажува дека има самодоверба за да се справи со сите пријатни и непријатни работи кои ја очекуваат. Освен пријатното чуство кој го дава хиџабот од религиозни причини, тој дава на некој начин да си напред еден чекор од сите други жени кои се амбициозни и знаат што сакаат.
* Опишете ни го Вашиот стил. Како го вклопувате хиџабот во секојдвенвите комбинации, дали следите трендови?
- Мојот стил не е нешто поразлично од другите жени во нашата држава. Купувам облека во сите нормални продавници за облека како и другите и ги комбинирам според правилата на носење хиџаб. Благодарение на технологијата и дигиталнатиот шопинг често купувам и облека од Турција, држава која што навистина е дел од светската мода кога се работи за „хиџаб фешн“. Но во главно и во Македонија може да се најде облека за жени со хиџаб. Кога се работи за стил, често внимавам да ги балансирам розевата девојка во мене и сериозната жена која е со хиџаб. Но не е тешко затоа што хиџабот има свои правила кои се толку флексибилни во овој 21-ви век што секоја модерна жена може да се снајде без да излезе од рамките на тие правила.
* Што ќе им порачате на сите оние девојки со марама кои се запрени или потиснати од општеството?
- На девојките кои се потиснати од општеството би ги потсетила само дека тие веќе се чекор напред од сите други девојки со тоа што веќе имаат круна на глава. Тие веќе имаат одредено своја слобода и став и имаат една причина повеќе да се борат. Јас верувам дека жена ако сака нешто може на секој начин да го добие, не е важно дали е со хиџаб или без. Општеството е навистина голема сила кога се работи за да се потисне една жена во кој било аспект, но верувам, дека женската сила е поголема само кога се се сака.
Д. Караташова Илиоска