Еден од најемотивните моменти ми се случи кога заминувавме од концертот во Македонија: Тамара Милановиќ за Женски магазин

Добивај вести на Viber

Во 2013 година, на Балканот му се случи првата сезона на најпознатото музичко натпреварување во светот „Х – Фактор“. Натпреварувачите од четири држави – Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора – се потрудија со своите гласовни способности да го воодушеват тогашно жири, но и публиката и да се пласираат што е можно повисоко.

Помеѓу многубројните аудиции, покрај онаа на победникот – нашиот Даниел Кајмакоски, особено се издои и онаа на Тамара Милановиќ, тогаш 25– годишна студентка, која со емотивната изведба на „Don’t you remember?“ го расплака целиот Балкан, но и членовите на жирито. Денес, 8 години подоцна, Тамара за Женски магазин открива дека оваа песна е виновна за тоа што таа на овој начин се занимава со музиката.

- И денес знам да си ја пуштам „Don’t you remember?“ на Адел – од време на време имам потреба да го ислушам тој нејзин албум, а таа песна засекогаш ќе остане песна која ми ги отвори вратите кон животот за кој само сонував пред „Х – Фактор“. Да не беше таа песна, јас можеби сега немаше вака да се занимавам со музиката.


За работите кои ги нема направено во животот не се кае, но затоа доколку може, без никакво двоумење ни откри што би променила, кога е ова натпреварување во прашање.

-Во животот не се каам поради работите кои ги немам направено. „Х – Фактор“ го обележа клучниот пресврт во мојот живот и единственото нешто што можеби би го променила (да можам) е повеќе да уживам во тие моменти и лекции кои ги добив како подарок, додека се натпреварував.“

Симпатиите кај публиката ги освои уште со првиот настап, а тој беше само почеток, бидејќи нејзиниот талент и емоции ја однесоа до супер финалето, каде го освои второто место. Не ни насетувала дека целото натпреварување ќе има ваква завршница, а за секој круг се подготвувала како да ќе ѝ биде последен.

- Никако не очекував дека ќе завршев втора! Се сеќавам дека сите во семејството секој пат и пред секој круг на натпреварувањето се подготвувавме како тоа да е мој последен настап и секоја пат еднакво се радувавме кога ќе поминев во следниот. И тогаш, се сеќавам, постојано зборував дека сите супер финалисти сме всушност победници. Секако, бев пресреќна кога го освоив второто место.“

Во склоп на натпреварувањето, учесниците настапуваа во државите од регионот. Дел од таа турнеја беше и Македонија, за која Тамара вели дека ѝ оставила преубав впечаток.

- „Македонија ми остави преубав впечаток. Се сеќавам дека два пати кога гостувавме таму имаше армија од деца кои доаѓаа да дадат поддршка. На еден ручек, храната буквално ми се олади, бидејќи сакав да го испочитувам секој кој сакаше на секунда да ми пријде и да се фотографира. Можеби еден од најемотивните моменти се случи кога заминувавме од концертот со супер финалистите. Сѐ уште ја чувам кутијата со сите плишани играчки и пораки кои децата од публиката ми ги испраќаа.“

Секој човек кога се преиспитува за работите од минатото, да може би си дал совет на самиот себе, а еве што би ѝ кажала Тамара на онаа од пред 8 години:

- „Би ѝ го кажала истото што и често си го повторувам на себе, а што го истакнав и погоре – Уживај малку во животот.“

По завршувањето на „Х - Фактор“, Тамара замина во Доха, Катар. Иако повеќето мислеа дека се има откажано од музиката и се пресили таму, денес Тамара ни откри дека сепак долги години живее на релација Доха – Белград, но и со што се занимава таму.

- „Мојата приказна во Катар трае многу долго. Последните 15 години (не сметајќи ја последната, која на сите им беше „замрзната“) јас сум на релација Белград – Доха, поради семејството, само што по „Х-Фактор“ таму го поминав најдолгиот период, живеев и работев 3 години. Таму се занимавав со организирање на настани, моделинг, но и пеење.“

Кога е уметноста и сите нејзини гранки во прашање, за првпат оваа пејачка го откри својот неостварен сон:

- „Доколку зборуваме за уметноста, прилично сум сигурна дека ова никогаш не сум го кажала на никој, но мислам дека мој единствен неостварен сон е танцот.“

Некогаш Тамара Милановиќ, а денес „Lilliewah“ – името под кое ја објавува нова музика, но и името под кое може да ја најдете на социјалните мрежи крие интересна приказна.

- „Пред мноооооогу години кога ја креирав својата прва е-маил адреса, мојот помлад брат купи педала за електрична гитара која поради звукот кој го произведува се вика „Cry Baby, Wah Wah“, па од таму е тоа „wah“, а „Lillie“ беше псевдонимот кој го смислив поради својата тетка, која се вика Лилјана и која сите од милост ја викаме Лиле (од Лили Марлен), па така го споив тоа. Како да претчувствував дека тоа ќе добие своја смисла подоцна, па почнав да го користам „lilliewah“ на сите социјални мрежи.“ – откри пејачка.

Пред неколку дена ја објави најновата песна „Ликер“, која е со многу поразличен звук, за разлика од она по кој ја паметиме сите. Иако се класифицира како „поп“ пејачка, Тамара ни откри дека музиката не ја дели и дека ја сфаќа како универзален јазик.

- „Секогаш ми беше тешко да го објаснам правецот / жанрот кој го пеам. Кога и да ме прашаше некој да го ставам тоа во категорија, мене најлесно ми беше да кажам дека во прашање е „поп“, но јас музиката ја сфаќам како универзален јазик. Мене ме инспирираа различните правци, жанрови и елементи во музиката кои ги слушав. „Ликер“ е само еден слој низ кој ѝ се откривам на публиката, но знам дека тука нема да застанам. На новите песни веќе се работи, но би сакала тоа малку со созрее и добие вистинска целина, па тоа би го оставила за некои нови приказни кои следуваат.“


На крајот на разговорот, Тамара го откри својот став за тоа дали е лесно еден пејач може лесно да се избори за свое место на музичкото небо.

- „Мислам дека секој уметник може да најде свое место под сонцето, во Србија, но и на Балканот. Во врска со тоа морам да споделам една генијална реченица, која ја слушнав неодамна – FAITH it, till you make it (Верувај, додека не успееш).“

Ивана Мисајловска