Eдиција со најпознатите дела од Агата Кристи претставена на „Денови на литературата“

Добивај вести на Viber

Инспирирано од детективските романи на легендарната писателка Агата Кристи, вчеравечер (9 февруари), во „Литература суперстор“ во „Скопје сити мол“ се одржа тематската книжевна дружба, која беше во рамките на „Денови на литературата“. На настанот, во стилот на ерата на Кристи, беше претставена колекционерската едиција со најпознатите дела од Кристи, кои се во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Гостите во настанот со наслов „Мистериозниот случај на Агата Кристи“ во „Литература.мк“ исто така уживаа во коктелите инспирирани од романите, а имаше и квиз со интересни факти за славната писателка.

Во 2020 година, по повод сто години од творештвото на Кристи, „Арс Ламина“ објави едиција со 12 најзначајни нејзини детективско-криминалистички дела. Книгите се поделени во два колекционерски сета. Во првиот се: „Мистериозниот случај во Стајлс“, „Убиството на Роџер Акројд“, „Лорд Еџвер е мртов“, „Убиство во Ориент експрес“, „Смрт на Нил“ и „Зло под сонцето“, а во вториот: „По погребот“, „Завеса: последниот случај на Поаро“, „Мртво тело во библиотеката“, „Во 16.50 часот од станицата Падингтон“, „И не остана ниту еден“ и „Златната топка и други раскази“. Уредничка на едицијата е Надица Фирфова, која се обрати пред присутните на настанот и објасни дека изборот на насловите е направен внимателно, со цел да се покрие поголем хронолошки опсег со оние изданија што се сметаат за најпопуларни и највредни од книжевен аспект. Во изборот доминираат наслови каде што главна личност е белгискиот детектив Херкул Поаро.

Агата Мери Клариса Милер е родена 15 септември 1890, а починала на 12 јануари 1976 година. Важи за една од најславните британски авторки кои твореле во 20 век, а чијашто популарност може да се пресмета и со продажбата на рекордниот тираж од над две милијарди примероци на нејзините книги. Нејзината слава е постојана и не стивнува дури ни по речиси половина век од нејзината смрт. Постојано се јавуваат нови генерации посветени читатели и обожаватели на нејзиното творештво, а огромен број нејзини наслови биле преточени во филм, драмски изведби, радиоизведби и сл.

Огромната популарност на романите на Агата Кристи се должи на нејзиното мајсторство на пишаниот збор и начинот на кој го плени читателот со приказната. Ликовите во нејзините дела се шаренолики, заплетот интригантен, дејството динамично, локациите каде што се случуваат мистериите се хотели, возови, бродови, типични англиски села, острови, археолошки пронаоѓалишта итн., па со секој нов наслов читателот има чувство дека отпатувал некаде.
Во нејзината 56-годишна кариера Кристи има создадено и над осумдесет детективски романи и збирки раскази, како и деветнаесет сценски дела под презимето на нејзиниот прв маж, полковникот Арчибалд Кристи. А под псевдонимот Мери Вестмакот има објавено шест љубовни новели. Огромната популарност на делата на Агата Кристи е забележана и во Гинисовата книга на рекорди како најпродаван и најпреведуван автор на сите времиња. Денес, повеќе од еден век од почетокот на нејзиното творештво, сè уште постои огромен интерес за нејзините дела и се создаваат нови генерации нејзини посветени читатели.

Агата Кристи фасцинира со својата проникливост и способност да раскажува мистерии. Всушност, и нејзиниот живот бил мистерија. Сѐ уште е неразјаснето нејзиното неколкудневно исчезнување, по разделбата со својот прв сопруг, кога ѝ се губи секаква трага... Но, потоа се враќа и продолжува со животот. Притоа, никогаш не објаснила што ѝ се случило. Затоа, според многумина – книжевна мистерија од Агата Кристи што најмногу ќе ве обземе е всушност нејзината сопствена автобиографија, која исто така е објавена на македонски јазик во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Третото издание на „Денови на литературата“ се одржува од 2 до 16 февруари во сите книжарници на „Литература.мк“. Во акциската продажба има попусти до 50 отсто, подарок книги и промотивни настани. За секоја сметка со книга од „Арс Ламина“ следува подарок книга. Во акцијата се вклучени изданија од „Арс Ламина“, „Академска книга“, „Антолог“, Артконект“, „Бата прес“, „Бегемот“, „Или-Или“, „Култура“, „Мартина“, „Нампрес“, „ПНВ Публикации“, „Полица“, „Прозарт“, „Сакам книги“, „Слово“ и „Три“. Во рамките на „Денови на литературата“ ќе се одржат низа промотивни настани за книги во издание на „Арс Ламина – публикации“. Досега се одржаа: работилница за деца со авторката на сликовницата „Жолтите чорапи“, Билјана Лотеска, книжевна кафе-дружба со писателката Јана Мишо за романот „Лулу“ и промоција на сликовниците „Коњчето од рингишпилот“ од Јован Стрезовски со илустрации на Орце Нинески и „Во полската куќичка“ од Ванчо Николески со илустрации на Љупка Стојкова.

Во недела (12.02) во 13 часот, во „Кафе Литература“ во „Ист гејт мол“ ќе се одржи промотивен настан за книгата за деца „Детелинки-белинки“ од група автори. На 14 февруари (вторник), со почеток во 19 часот, во „Кафе Литература“ во „Ист гејт мол“ ќе се одржи промоција на романите „Ние“ од Ана Стојаноска и „Мастилна мапа“ од Марија Ралповска. Со промоцијата на новиот научно-фантастичен роман на Хари Кацановски, „Анатрос“, на 16 февруари (четврток) во 19 часот во „Литература.мк“ на ул. „Македонија“ ќе биде заокружена промотивната програма на „Денови на литературата“. Истиот ден во книжарницата „Литература.мк“ во Струмица ќе биде одбележана една година од отворањето.

 Книгите од Агата Кристи се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку ww.literatura.mk.

Каталогот од акцијата „Денови на литературата“ можете да го разгледате на следниот линк:http://arslamina.com/denovi_na_literatura_2023/#p=1

*Пр објава