Една приказна сосема ме скрши: Снеже Велков за хуманата мисија во „Вип на еден ден“

Добивај вести на Viber

Секоја приказна е своја судбина, вели Снеже Велков за хуманата емисија „Вип на еден ден“ на ТВ „24“, чиј автор и водител е. Во изминативе четири ипол месеци, таа и нејзиниот тим успејаа да израдуваат и да транформираат 13 жени. Во секоја емисија, на почетокот е претставена тажната приказна на кандидатката, а во наредната, таа завршува со среќен крај.  Откако пријавените дами еден цел ден ќе го поминат со ВИП третмани и разубавување, по секоја нова трансформација, тие се речиси непрeпознатливи.

„ Се воздржувам да не заплачам, мислејќи на убавините кои ги чекаат за време на Вип третманот. Секоја приказна е своја судбина. Ама една ме скрши сосема. Нема да кажам која. Но сакам да плачам на крај, кога се солзите радосници. Тогаш ниту кријам ниту имам намера да ги сопрам тие солзи“, искрена е Снеже за емоциите кои ја совладуваат за време на создавањето на емисијата.

Се воздржувам и од причина што сакам да знаат дека сме тука да бидеме силни за нив и со нив.- Снеже Велков

„ Се обидувам да ги гледам низ камерата, кога го правам интервујто со учесничките за да си ја задржам професионалноста, а солзите си ги чувам кога го пишувам сценариото и ја правиме монтажата. Се воздржувам и од причина што сакам да знаат дека сме тука да бидеме силни за нив и со нив, и секогаш пред мене си ја гледам онаа крајната слика на средена и убава учесничка. Знаејќи однапред што сѐ ги очекува, понекогаш ми е тешко да си ги задржам изненадувањата во себе. Едвај успевам да не се издадам кога ќе каже дека сака да запозне некого од Вип личностите а ние тоа веќе сме го договориле. Или на пример, не заминала на летување а ние веќе сме и подготвиле ваучер за бесплатен одмор“, ни раскажа шарматната водителка и пилатес инструкторка.

Снеже со гордост вели дека „Вип на еден ден“ почна да се емитува на 17 октомври лани, и нејзино големо задоволство како што вели усреќиле 13 учеснички а во фаза на трансформација моментално се  5. 

Ирена Нацовска го скрши мразот како учесничка во првата емисија 

„ Ме радува бројот на пријавени кој до сега е троцифрен, што значи дека нашиот тим веќе ја стекнал довербата кај потенцијалните учесници, но драго ми е што ја имаме довербата кај нивните блиски, бидејќи многу често се случува пријатели, роднини, деца да ги пријавуваат своите мајки, своите најблиски гледајќи шанса за враќање на насмевката на нивните сакани. Исто така, задоволство ми е и што во пријавите добиваме и мажи“, додава Велков. 

Со особена радост, таа вели дека се јавуваат голем број на стоматолози кои ги стваат на располагање своите услуги за враќање на насмевката на учесничките. Тука се и сите оние кои сакаат да донираат а да останат анонимни, со цел да се врати нечија самодоверба и среќа. 

„Голема е радоста за нив и заради нашите ВИП личности кои излегуваат во пресрет да поминат еден ден со учесничките, да бидат рамо до рамо со нив, да останат обични а сепак големи“, ни раскажа Снеже. 

Голема трансформација доживеа Тања Миркова 

На тимот, од неодамна му се приклучила и Викторија Бурсаќ, која е  стилист на Тамара Тодевска и на Антонија Гиговска. Сега таа е задолжена и за стилот на учесничките, и ја дополнува идејата за трансформација. Снеже е горда на несебичноста на тимот, почнувајќи од продуцентот, снимателите и целата организација, за кои вели дека се вложуваат максимално за да успеат да вратат нечива насмевка и да им подарат на кандидатките вистински Вип третман.

„ Исто е и со трансформациите, секоја е со своја приказна“, вели Снеже за промената на изгледот на кандидатките. „Некогаш физички не е толку големата трансформација, но истата пак носи душевно голема промена, на пример самодовербата, желбата да се тера понатаму во животот, да не се гледа црно на работите. Промената во сјајот на очите, во трепетот на срцето. На пример, имавме кандидатка која својата благодарност ја опиша со зборовите: „Ви благодарам за пеперутките во стомакот“. А физички дефинитивно најголемата промена до сега била кај Тања, Кај Анче и Кај Ирена“, вели Снеже.

Како сосема друга личност.- Анче Стојова 

Кога станува збор за соработката со кандидатките, тимот со нив поминува околу 20 дена од првиот контакт. 

„ Договарања, средби, интервјуа па процеси на трансформација, па пак снимања. Контактот со нив останува, се слушаме. За понатаму, им остануваат на располагање услугите на нашите соработници. Се слушаме за да си кажеме убав збор или да се израдуваме на нивните успеси. Се надеваме дека ќе можеме на крајот од првата сезона да ги собереме сите, за да се запознаат, да видиме до каде стигнале, како се и слично.  Тоа би било навистина многу среќа на едно место. Знаете, тоа  се луѓе кои не пуштаат нас како потполни странци да влеземе во нивната душа, во најинтимната нивна страна. Значи дека сме ја добиле нивната доверба, а довербата е нешто што мора да се заслужи. За тоа сме им бескрајно благодарни и почестени. Одиме понатаму!“,изјави Снеже за крај. Сите приказни кои таа ни ги долови од другата страна на камерата, гледачите премиерно ги следат секоја среда од 19:15 и репризно во недела 16:15. Пријавувањето оди преку Фејсбук фан страната на „Вип на едне ден“.

Милица Џаровска