Ексклузивно интервју Кристина Камчева Стојческа: Претприемач кој на брендовите им дава дополнителна вредност
Кристина Камчева Стојческа е македонски претприемач, визионер, иноватор, личност која носи нова бизнис енергија во Македонија, а на македонските компании им помага да креираат дополнителна вредност. Недоволно позната за пошироката јавност, но за тие кои ја познаваат, врвен професионалец кој креира иновативни бизнис модели, кој инспирира со своето знаење, страст и енергија. Зад себе има дел од успешната приказна на Орка Холдинг, а од оваа година е и управител на македонската млечна индустрија Мекара Здравје, со која има амбициозни планови за создавање високо квалитетни млечни брендови, и нивен пласман на светските пазари.
* Млекара Здравје е компанија за производство на млеко и млечни производи, со солидна репутација, но и голем неискористен потенцијал. Какви се вашите планови?
Кристина Камчева Стојческа: Станува збор за компанија со голем потенцијал и одлична перспектива. Компанија која е партнерски поврзана со најголемиот земјоделски комбинат ЗК Пелагонија, која соработува и со други фарми од кои откупува македонско квалитетно млеко, која има модерен производствен капацитет, која ги има имплементирано сите безбедносни сертификати и стандарди. Компанијата набрзо ќе добие и дозвола за извоз во ЕУ, со што добива можност да се натпреварува на високо конкурентниот светски пазар.
Изминатиот период значајно инвестиравме во подобрување на квалитетот на производите, со набавување на нова опрема, во нов дизајн. Вложуваме во едукација на нашите вработени, континуирано ги следиме трендовите во прехранбената индустрија, истражуваме какви се потребите на конзументите, со цел да создадеме модерни производи кои ги задоволуваат специфичните потреби на потрошувачите. Сакам да ја смениме перцепцијата за Млекара Здравје, од локален произведувач на млечни производи, во модерна и современа компанија која создава производи со висока вредност, и кои набрзо ќе остварат успех и пробив на регионалните, како и на светските пазари.
Во тој контекст би го спомнала новиот пробитски јогурт “Бенефит” веќе е достапен на продажните места, и е нова инвестиција во цел еден нов асортиман на здрави производи, на кој интензивно работеа повеќе од 6 месеци експерти од повеќе области како нутриционисти, технолози и експерти за производство на храна. Многу брзо под овој бренд ќе промовираме и нови млечни производи.
* Со какви предизвици се соочувате во овој млечен бизнис?
Кристина Камчева Стојческа: Конкуренцијата е секако голема, и на домашниот и на регионалниот пазар. Станува збор за производи за секојдневна употреба каде квалитетот е нешто што мора да го поседуваме,но и ценовниот момент покрај квалитетот е исто така многу важен. Токму затоа Ние во Млекара Здравје сакаме да ги задоволиме тие два сегменти, цена и квалитет, со проширувањето на палетата на стандарди со кои на нашите потрошувачи им го гарантираме квалитетот а и со новиот подобрен дизајн да понудиме визуелно конкурентен производ кој ќе го преферираат потрошувачите.
* Живееме во ера на хипер конкуренција, на скратени животни циклуси на успешните бизниси, на се помалку лојални потрошувачи.. услови кога постои нелојална конкуренција. Како сето тоа делува на Вас, дали ви создава стравови, или напротив се дополнителен предизвик за работа?
Кристина Камчева Стојческа: Јас себеси се гледам како човек кој најпрвин мора да верува безусловно во тоа што го работи, човек кој сака да создава, кој не се штеди кога работата е во прашање,а резултатите од својата работа ги гледа низ реакциите на задоволните потрошувачи.
Затоа и секогаш највеќе се поврзувам со производствениот сектор, сектор кој е најнапорен, предизвикувачки но истовремено сектор кој создава вредности во кои јас уживам, на кој можам Јас лично да се гордеам. Промените и конкуренцијата се секогаш дел од нашиот бизнис, но тие се и факторите кои ја прават разликата помеѓу нашиот успех и неуспех, а дефинирањето на нашиот успех не зависи од тоа дали сме се снашле со промените, туку во нашата способност истите да ги предвидиме пред останатите конкуренти. Стравовите се само алатка секогаш да бидеме спремни, агилни и да го извлечеме најдоброто од секоја ситуација.
Јас лично во промените секогаш гледам нов почеток, можност да направам нешто подобро од тоа што било вчера, можност да се промени иднината. Животот ме научи дека секој вложен труд на крајот дава резултати, да бидеш буден,да бидеш успешен, потребно е да ги следиш и малите промени кои секојдневно се случуваат во сите индустрии, да размислуваш глобално и во спојот на повеќе мали промени да создаваш решенија за подобар начин за работење и живеење. Стравовите само не влечат надоле, ни го преокупираат времето со непотребни работи. Токму затоа секогаш се трудам да гледам напред, да бидам опкружена со позитивни луѓе, професионалци секој во својата област, и со таква енергија да размислувам за идните бизнис предизвици, независно во која област тие ќе бидат.
* Кој е најдобриот бизнис совет кој сте го добиле?
Кристина Камчева Стојческа: Ние како семејство, ја имавме таа голема среќа да имаме подршка и учител кој несомнено, иако беше најстрог кон нас, секогаш настојуваше да се изградиме како личности кои не се откажуваат, да се трудат повеќе од останатите и да веруваат во иднината без разлика на околностите. Тоа се непроценливи лекции кои не направија луѓе какви што сме денес, а потоа сопственици, претприоемачи и ментори кои треба да го пренесат знаењето на своите вработени.
Мислам дека ако сакате да успеете во овој бизнис, или било кој друг, кој е полн со предизвици и тешкотии, мора да верувате во себе. Да имате цел, и да сакате да успеете. Да сте упорни и трпеливи, бидејќи добрите работи не се случуваат преку ноќ.
Често се сеќавам на една мисла од мојот покоен татко, од кој многу научив, а кој знаеше да каже “еден фудбалски тим има многу фудбалери, сите тие се важни за успешен резултат, но сепак само најдобриот дава гол” укажувајќи ни дека утре како управители на компании, самите треба да носиме клучни бизнис одлуки. Да се советуваме со луѓето од тимот, да слушнеме други ставови, но на крај сами врз основа на нашите знаења и способност да донесеме одлука.
* Кое искуство што сте го стекнале во досегашниот професионален живот, сметате дека Ви помага во работата?
Кристина Камчева Стојческа: Успехот зависи од многу фактори. Пред се од вашата желба, и тимот кој го имате формирано околу себе. Но успехот е резултат и на личното задоволство и среќа по завршените работи, во компанијата, во семејството, во релациите со блиските и пријателите. Семејството е храм од каде црпам енергија и сила за надминување на сите предизвици. Мојата мајка ме научи дека е важен балансот помеѓу семејството и обврските, вниманието и продуктивноста кои работата ги наложува. Не можеш да си успешен во работата, ако не си добар и на останатите полиња кои ти се важни.
* Имате 13 годишна ќерка Олимпија. На што ја учите?
Кристина Камчева Стојческа: Мојата керќа ја учам да биде добар човек, да биде човек кој ќе биде упорен, кој ќе открие и знае што сака, и ќе го оствари тоа. Тоа е мојот сон за мојата керќа.
Сакам да поминувам време со неа, да бидеме пријателки, да стекнеме доверба.
Често пати ја информирам за нашите почетоци во Орка,кои верувајте воопшто не беа лесни.Ја учам дека секој почеток е тежок,но и само доколку има сон во кој верува -ќе успее,ја учам да ги почитува блиските- семејството, ја учам на сите оние традиционални вредности со кои и јас самата пораснав и во кои верувам.