Ексклузивно интервју со Грир Хендрикс и Сара Пеканен, авторките на „Анонимна девојка“ „НАШЕТО МОТО Е: ЗАЕДНО ПОДОБРИ“

Добивај вести на Viber

„Луѓето се мотивирани да застранат од своите морални компаси поради најразлични исконски причини: опстанок, омраза, љубов, завист, страст. И за пари.“

Анонимна девојка

Динамичното дуо Грир Хендрикс и Сара Пеканен, пред да станат ко-авторки, заедно, како автор и уредник, работеле на седум книги. „Анонимна девојка“ (издание на „Арс Ламина“), нивниот втор заеднички роман, стана инстант-бестселер бр. 1 на листата на „Њујорк тајмс“ и ќе биде адаптиран како ТВ-серија. „Не си сама“, новиот роман од овој тандем, наскоро ќе биде објавен на македонски јазик, што беше повод да поразговараме со овие две писателки, кои успеаја да го подигнат нивото на жанрот психолошки трилер.

*Пишувањето романи во тандем е плод на вашето долгогодишно пријателство и соработка. Со оглед на огромниот успех на вашите романи, она што веројатно најмногу ги интересира читателите е како се одвива креативниот процес на пишување книга со оглед на тоа дека сте ко-авторки?

‒ Процесот започнува со многу долги разговори низ кои постојано се провлекува прашањето: „Што ако?“ Многу го сакаме делот на креативно разменување сижеа и идеи. Исто така често електронски си праќaме инспиративни извадоци: од статии во весници, блогови и фотографии. Во оваа фаза комуницираме со еден вид кратенки, и додека нашите текстови може да бидат неразбирливи за другите, нам совршено ни имаат смисла.

Што се однесува на пишувањето, за разлика од повеќето коавтори кои си ги делат поглавјата или, пак, карактерите, ние го пишуваме секој ред заедно. Работиме користејќи „Гугл док“ преку „Гугл хенгаутс“ разговарајќи за нашите приказни, креирајќи нови сцени и уредувајќи го она што веќе сме го напишале. Луѓето секогаш ги интересира дали се караме. Најголемиот дел од времето нашите уреднички инстинкти се неверојатно синхронизирани. Секако, понекогаш не се согласуваме, но чувството дека ако нешто не функционира за едната од нас, не функционира за другата, ни е заедничко. Кога имаме креативни разлики, издвојуваме време да ги дискутираме во позитивна атмосфера, и двете сметаме дека токму затоа нашите книги се подобри.

 * Вашата книга „Анонимна девојка“ ќе биде адаптирана во ТВ-серија. Какво е вашето искуство со пишувањето адаптирано сценарио?

‒ Всушност сите наши три книги „Совршена замена“, „Анонимна девојка“ и „Не си сама“ ќе бидат адаптирани за филм или ТВ. Студиото „Емблин ентртејнмент“ (Amblin Entertainment) на Стивен Спилберг нè ангажираше да напишеме сценарио за „Совршена замена“, и веќе ја комплетиравме втората нацрт-верзија. За нас е фасцинантно да пишуваме за друг медиум и да ја раскажеме нашата приказна на нов начин. Држете ни среќа да ја видиме на екраните наскоро!

* Критиката за вас вели дека го подигнавте нивото на жанрот психолошки трилер на повисоко скалило. Читателите, пак, велат, каква магија и да користите, треба да ја раширите како самовилите својот волшебен прав врз читателите низ целиот свет. Која е тајната на вашиот успех?

‒ Ви благодариме многу! Не знаеме дали имаме тајна за нашиот успех, но мислиме дека нашата соработка е уникатна. Често се шегуваме дека ни требаат двата наши мозока за да држиме чекор со сите пресврти во нашите книги. Едно од нашите мота е: „Заедно подобри“. Во нашиот случај еден плус еден е три, што значи дека заедно создаваме книги која ниту едната од нас не би можела да ги напише сама.

* „Не си сама“ е вашиот нов роман. Како и во претходниот, од една страна прикажувате силни карактери, а од друга страна, интровертни ликови со ниска самодоверба и необичен психоемоционален профил. Дали истражувањето на женската психологија во различни контексти ви е главна тематска одредница во процесот на пишување?

‒ Кога почнавме да пишуваме заедно, знаевме дека сакаме да креираме комплексни женски карактери со кои читателите лесно ќе се поврзат. Двете студиравме психологија и сме љубопитни студенти на човечкиот ум. Слушаме многу психолошки поткасти, претплатени сме на „Психологијата денес“ (Psychology Today) и читаме нефикција што вклучува психолози, на пример, „Можеби треба да разговараш со некого“ (Maybe You Should Talk to Someone) на Лори Готлиб и „Добро утро, чудовиште“ (Good Morning, Monster) на Кетрин Гилдинер. Толку многу ја сакаме психологијата што главниот наратор во романот „Анонимна девојка“ е психијатар.

* Дали работите на нов роман и за што станува збор?

 ‒ Напорно работиме на нашата четврта по ред книга, во која главни ликови се неконвенционален психолог и гламурозна брачна двојка кои одат кај неа.

Остатокот од интервјуто може да го прочитате на https://blog.literatura.mk/2020/07/28/ekskluzivno-intervju-so-grir-hendriks-i-sara-pekanen/