Елена Реи: „Верувам дека колку помалку луѓе знаат што ни се случува, ќе бидеме повеќе среќни“

Добивај вести на Viber

Модната библија VOGUE во 2015 ја стави на листата на модели на кои им предвидуваат блескава кариера. Тоа и се случи. Оттогаш се до денес, Елена Реи е еден од најдобрите и најуспешни  модели кај нас кои се стекнаа со светска слава и постигна вртоглав успех. Од Келвин Клајн, преку Армани до Валентино... Елена има богато портфолио исполнето со бројни ревии, кампањи и насловни страни од најпознатите светски модни имиња.

Убава, нежна, ненаметлива, грациозна и своја, Елена некогаш Тајковска, денес Реи, карирерата ја започна  на 13 години, а убавината, ја наследува од својата мајка, која исто така некогаш чекорела по модните писти. Покрај кариерата, Реи само за Женски магазин зборува за се она што малкумина до сега имале можност да го слушнат за неа, почетоците на кариерата, промена на името, светот на славните...

Ж.М. Од 13 години си во светот на модата, речиси целото твое семејство некако го очекуваше тоа од тебе со оглед дека и твојата мајка била модел. Кога ќе погледнеш назад, дали и денес тоа би била твоја одлука?

- Доколку ми верувате, истото прашање си го поставувам последниве години и не можам да дадам вистински одговор, но тоа што сум сигурна е дека уживам во својата професија и е сто посто правиот извор за мене.

Ж.М. Дали беше тешко толку мала да зачекориш во светската модна индустрија, целиот тој гламур, слава...?

- Бев многу мала и не доволно свесна каков чекор во суштина превземам, благодарение на мојата мајка која што патуваше со мене на почетокот успеав да се снајдам полесно. Почетоците беа навистина тешки за мене поготово што почнав во едно друго време каде што технологијата се уште не беше развиена и гугл мапс беше во физичка форма на мапа од градовите во кои што престојував. Транспортирањето од едно до друго место до ден денес ќе го паметам и солзите пролеани од стрес што не можам секогаш лесно да се снајдам за да стигнам до негде. Мајка ми ме слушаше на телефон, знаев често пати да и се јавам и да плачам дека сум изгубена негде и до ден денес ми е жал што поминуваше низ тоа како родител, меѓутоа нејзината верба и доверба во мене ме направи многу храбра, истрајна и зрела. 

Ж.М. Позади прекарот Реи стои интересна приказна, поточно, Слаткар е оној кој ти ја дал инспирацијата. Можеш ли да ни раскажеш нешто повеќе?

- Вистина е дека Слаткар има заслуга тоа што денес сум Реи. Не користев фејсбук во тој период а ми беше потребен за да бидам во тек со настаните на факултет. Креирајки профил го ставив своето име Елена но ми требаше поинакво презиме за тој профил бидејки не сакав да станам активен член од социјалната мрежа, во моментот додека размислував во позадина течеше песната “добро да е” од Слаткар и делот “Панта Реи не е ништо како порано” е инспирацијата за моето преиме.

Ж.М. Со оглед на светската кариера, ти се уште важиш за приземна личност, која воопшто не ја искористи славата на начин на кој што тоа го направија многу девојки, напротив, остана ненаметлива и своја. Што е тоа што те "држи на земја"  ?

- Манекенството не го гледам како хоби, го гледам како работа и тоа е првото нешто што ме прави по смирена личност. Мојот карактер во принцип е таков и не сакам да сум во спотлајт, верувам дека колку помалку луѓе знаат што ни се случува, ќе бидеме пoвеќе среќни. Луѓето што ми значи да се до мене, се запознаени со секој мој успех и чекор. И како последно е тоа што не сакам да сум никаков вид на селебрити и да сум опкружена со фејк луѓе што се наметливи само поради успесите кои што ги имам постигнато, не ми се поминува време со луѓе без вредност, се држам до оние кои навистина ме сакаат поради Елена а не Реи, сакам да сум своја во целост и да не треба да глумам и во слободно време кога не сум модел.

Ж.М. Ти си една од најдобрите модели од Македонија кои успеале да сораборуваат со многу познати имиња од модниот свет. Која соработка би ја издвоила како најдрага?

- Имам соработувано со многу светски познати брендови како што се Chopard, Jimmy Choo, Burberry, Calvin Klein, Armani, Tommy Hilfiger, Massimo Dutti, Bershka, La Mer, Shiseido, Sephora, DVF, Donna Karan, Marni, Bluegirl, Theory, Uniqlo, Cerutti, Alviero Martini, Fila, Kappa, Ralph Lauren, Shein и ред други меѓутоа повторно не можам да издвојам најдрага соработка но ако морам бар нешто да одберам ке биде Calvin Kelin бидејки бев ексклузивно лице за нив и не само што бев дел од ревијата и кампањата, целата колекција беше креирана на мене тоа беше цел месец поминат во нивното студио во Њу Јорк и имaв чест да видам како од материјал нештото станува фустан, кошула и слично.

Ж.М. Со оглед на големите ангажмани кои течат континуирано, како успеваш да најдеш време за себе, за одмор, пријатели, момче...?

- Константно сум релација Скопје-Кина последниве две години, одмарам со најблиските кога сум во Скопје и потоа се вракам на работа во Кина. Имам постигнато совршен баланс.

Ж.М. Каде се гледаш во идинина, дали имаш цел да живееш некаде надвор од нашава земја или пак сакаш да останеш и да продолжиш од тука?

- Немам никаков план, сметам дека тоа ќе зависи од мојот партнер. 

Ж.М. Каде има најубави и најзгодни момчиња според тебе, со оглед на тоа дека ја имаше честа да работиш со различни машки модели и едни од најубавите во светот?

- Го поставувате прашањето на најпогрешната личност хаха. Не ме привлекуваат фит и згодни момчиња и генерално модели, се замислувам со “маж“ во вистинска смисла на зборот до себе и сите машки модели ги гледам како “модели” и еднакво нежни на себе па и затоа не ме привлекуваат.

Ж.М. За крај, како би ги оценила нашите девојки - модели, што мислиш, што е она на што треба да се фокусирааат доколку сакаат да постигнат успех од светски размери?

- Сите што имаат квалитети за светска кариера веќе се заминати и работат. Останатите се таму каде што се. Фокусот е едноставен одговор за тие што имаат предиспозиции за успеси надвор од земјата а тоа е да го гледаат ова како фул тајм професија а не како хоби, само со таков мајндсет може да се постигне нешто.


Елеонора А.