Елвир Мекиќ се врати во Скопје поради Јован Јованов: Во Сараево работам во винарија, пеам за своја душа

Елвир Мекиќ веќе неколку години не е активен на македонската музичка сцена, а беше еден од најпопуларните пејачи кај нас. Елвир, заедно со неговиот пријател Јован Јованов полнеше сали и дискотеки во времето на најголемата експанзија на македонската поп- музика, пред 15 години.

Елвир долги години живее во Сараево, оженет е со Лејла која има свој салон за убавина, а неговиот син Дарис, наскоро ќе наполни девет години.

Пред неколку дена, Мекиќ беше во Скопје, а причината што дојде од Сараево е токму неговиот пријател, Јован Јованов. Елвир и Јован се уште блиски како во времето кога ги пееја „Некаде после два“ и „Сега јас си заминувам“. Се дружеа и на снимањето на шоуто „Еден на Еден“ со Жаре кое ќе се емитува денес на Канал 5 од 18.30. Елвир во Босна и Херцеговина не се занимава со музика, освен што знае да запее, за своја душа.

„ Работам во преставништвото на најдобарата винарија во југоисточна Европа, „Тиквеш“ во Сараево“, ни рече Мекиќ. „Дома во Скопје доаѓам од време на време, за да ги видам моите и пријателите. Овојпат, дојдов поради Јован. Тој од Канада доаѓа ретко па не е тешко да се испланира нашата средба кога е тука. Овие два-три дена сме заедно од сабајле до вечер“, ни раскажа Елвир.

Вели дека е среќен сопруг и посветен татко на Дарис кој се интересира за музика, исто како него. Засега, не размислува за конкретно враќање на музиката. „Ми пишуваат луѓе на социјалните мрежи, ме прашуваат дали пак ќе снимам песна, дали пак ќе настапам на некој концерт. Тоа не зависи само од мене. Ако се собереме повторно старата екипа: Јован, Гаџа, Врчак, би било убаво“, ни изјави Мекиќ.

На свадбата на неговиот пријател, менаџерот Кристијан Стефановски во 2019 година, тој во Скопје дојде во друштво на својата атрактивна сопруга Лејла и за атер на младенците испеа неколку свои песни.

М.Џаровска

Фото: В.Тануровски, приватна архива