(ГАЛЕРИЈА) ЕМОТИВНА НОЌ СО ПРИЈАТЕЛИТЕ: Чиста десетка за Дуке!

Добивај вести на Viber

Како течеа минутите, докажаниот музичар кој имаше мал вовед пред секоја изведба, уште еднаш покажа дека инспирацијата најмногу ја црпи од својата животна приказна

По речиси две години пауза, нашиот пијанист, композитор и продуцент Дуке Бојаџиев повторно свиреше во Скопје. Со огромна радост дебитираше во новиот објект на Македонската филхармонија. Не ги криеше емоциите. Ни призна дека кога првпат ја видел салата до толку бил фасциниран што напишал песна.

- Кога го видов просторот празен се возбудив. Сега кога е полн е уште повозбудливо. Композицијата „Разбој“ е напишана само за Вас и за оваа ноќ – порача тој.

Парче музика кое заслужено доби овации. Највисока оценка од публиката доби и за останатиот материјал што го слушнавме вечерта. Чиста десетка за десетте ѕвезди кои блеснаа на сцената. За кларинетистот Исмаил Лумановски, за Костас Анастасиадис на тапани и Мартин Ѓаконовски на контрабас, за интерпретацијата на Дапчевиќ и за нарацијата на Петровиќ, за одличниот стринг квартет и се разбира за иницијаторот, за сонувачот кој безрезервно верува во љубов, за маестро Бојаџиев.

На вчерашното прво шоу (вечерва има уште едно) уживавме во интересен спој на филмска, класична и изворна музика во која силно се чувствува поднебјето на авторот, односно духот на македонската традиција. Како течеа минутите, Дуке кој имаше мал вовед пред секоја изведба, уште еднаш покажа дека инспирацијата најмногу ја црпи од својата животна приказна.

Почна со оригинална филмска музика. Со „Катарина“ од „Уставот на Република Хрватска“, политичката трагикомедија на реномираниот режисер Рајко Грлиќ. Во дует со актерката Наташа Петровиќ ја отпеа нумерата „Сон“ од остварувањето на Митко Панов, „Војната заврши“. Се обиде и школски да ни ја пренесе еволуцијата на една тема, од нејзината изворна верзија создадена на пијано до финалниот производ на големото платно. Желен постојано да ги шири своите видици, Бојаџиев музиката и овојпат умешно ја зачини со моќта на зборовите. Со одбрана поезија. Во првиот дел од концертот со стихови од нашата редовна соработничка, поетесата Ана Бунтеска, а негде при крајот му одаде почит и на неповторливиот Петре М. Андреевски како „интро“ во композицијата „Тео“ создадена непосредно по раѓањето на неговиот син Теодор.

Еден блок посвети и на рефрените од филмот „До Балчак“, а „Ѕвезден шепот“ која на неговите концерти најчесто ја интерпретираат гостите, овојпат одлучи сам да си ја отпее. Со долгогодишната пријателка, популарната Тијана, евоцираше спомени за татка си, покојниот Тодор Бојаџиев, инаку автор на евергринот „Ти си некаде“ оригинално отпеан во далечната 1972 од Симеон Гугуловски. Иако се познаваат од деца, ова беше нивен прв заеднички настап на концерт во живо. Со Дапчевиќ ги отсвири „хитовите“, но и го заокружи концертот со емотивната „Дојди“ која по вторпат ја слушнавме на бис. И како што се редеа зборовите „.тука ил‘ Америка, песна една утеха, свири иста музика, срцево ми запира“, сфатив зошто творештвото на Бојаџиев се консумира како универзална порака. И во „Карнеги Хол“ во Њујорк и овде на домашен терен неговата музика пренесува иста енергија. И овде и таму срцето запира. И овде и таму песните се утеха. Токму во тоа е убавината.

Ѓорге Стојанов