ЕМОТИВНО ИНТЕРВЈУ- ВЕРА ЈАНКОВИЌ- Го живеам сонот, не го сонувам животот

Добивај вести на Viber

Ми фали сето она што им фали и на сите „Зи-Зи“ поклоници. Пијаните ноќи како резултат на фантастичната дружба низ призма на беспрекорната музика која пак беше единствената спојка на сите збиднувања со вкупно 13-те години постоење на ова моќно,градско,македонско и светско збиралиште. Ми фалат утрата по 6, моментот кога се сркаше првата чорба во „Бристол“

Стана телевизиски бренд поради нејзиниот течен говор, музичка писменост и харизматичност. Од „Видеометроном“ на тогашната Телевизија Скопје, до сценарист и заштитно лице на „Макфест“ цели 14 години- ова се само дел од нештата по која ја препознаваме Вера Јанковиќ. Рокерка во душа, но љубител и на домашните и на екс-југословенски шлагери со кои пораснала, во 1984 година, Вера беше вокал на групата „Психо“, чиј басист беше нејзиниот покоен сопруг Зоран Јанковиќ- Бајо. Со него, подоцна испишаа уште една скопска, градска историја, како сопственици на култниот ноќен клуб „Зи-Зи Топ“. Ведрата и позитивна Вера и денес го работи она што ја прави среќна, а со тоа ги прави среќни и луѓето околу неа. Зад микс пултот, таа е диџеј, а од другата страна е жена која најмногу вложува во патувањата и убави парфеми. Освен носталгичното сеќавање на безгрижните години од минатиот век, Вера верува и во нејзините сегашни пет минути, и вели дека како никогаш досега не била поспремна, повторно да им се врати на ТВ камерите.

„Макфест“ беше мојата папочна врвка, истрајност и посветеност на духот


Женски магазин- Колку точно години си диџеј и каде во моментов пушташ музика како постојан ангажман?

Вера-Практично, со отворањето на мојот култен клуб „Зи-Зи Топ“ започна и мојата кариера како диџеј. Од тогаш поминаа речиси 28 години, период дефинитивно највозбудлив и најкреативен во мојата мултимедијална кариера. Нема цена задоволството и целото музичко искуство да го споделуваш со огромниот број поклоници благодарение на нејзиното височество, музиката. Секако, активна сум буквално секаде низ државава, постојани ангажмани имам во Џубокс кабаре, Цреша бар, Јард лаунџ во Куманово.

Женски магазин- Како ја бираш музиката, според гостите или твоето расположение?

Вера- Со себе носам цело богатство од дискови кои живот значат, „кофер љубави“. Нормално дека го следам ритамот на публиката, мораш да ја следиш таргет групата, таа соработува и квалитетно враќа. Така бидуваат најдобрите журки за паметење. Никако не смееш да влезеш во его-трипот и да дозволиш вечерта да страда заради нечии хирови. Таму сум за нив, тие заради мене, знаејќи речиси секогаш што можат да очекуваат од плејлистата.

Не сум возач па морам куферите од опрема и дискови да ги разнесувам со возови, автобуси, хахаха.- Вера на диџеј сет


Женски магазин- Може ли во Македонија една жена пристојно да се живее од професијата диџеј, која е условно речено, повеќе машка?

Вера- Професиите не ги делам на машки и на женски! Почитувам мајстори на својот занает, поединци кои прават фантастична фузија на љубов, задоволство, знаење и умешност, и сето тоа да се сподели со оние кои го консумираат финалниот производ. Да,се живее пристојно, се посветуваш комплетно на она од кое го јадеш лебот. Доколку си комплетно предаден- добиваш и десерт, хаха.

На Италија пак ќе и се навратам.- најдобра инвестиција за Вера се патувањата


Женски магазин- Што ти е најубаво, а што најтешко во оваа работа?

Вера- Секој сет е моја драга страница од приказната која трае и ќе трае. Уживам како тоа да ми е и самиот почеток на серијалот со кој ги споделувам музичките задоволства со армијата сладокусци на феноменот наречен ноќна магија. Единствен проблем ми се патувањата надвор од градов. Не сум возач па морам куферите од опрема и дискови да ги разнесувам со возови, автобуси, хахаха. Некогаш ја имам честа моите пријатели да патуваат заедно со мене, некогаш да ги впрегнат автомобилите и да поминат фантастична вечер со сосема различни гости и опкружувања од оние кои се секојдневие. Сума сумарум-за вистински работници не постои варијантата- „буцни прачка- пиј вино.“

„Зи-Зи Топ“ беше институција, лајфстајл, животно школо од кое излегоа неверојатни поединци! Приказна која трае и ќе трае низ моите сетови. Боли и недостасува

Женски магазин- Кој ти е најдраг телевизиски ангажман со најубави спомени?

Вера- Уф, сите телевизиски ангажмани ми се подеднакво драги и битни со целокупната кариера која започна во далечната 1984 година, со култниот „Видеометроном“ кој одеше на Југословенската радио-телевизија. Секое понатамошно искуство ме направи помудра, спретна и препознатлива по енергијата која ме турна кон самиот врв на музичките проекти. „Макфест“ го оправда горе кажаното, цели 14 години редовен водител и сценарист,бренд на фестивалот. Животно искуство. Гордост.

Женски магазин- Зошто си замина од ТВ екраните и ти недостасуваат ли камерите?

Вера- Никогаш не сум заминала од ТВ екраните!!! Тоа е мојата најголема љубов, таму сум како риба во вода. Едноставно дојдоа времиња во кои вистинските играчи седат на резервна клупа, нема кој да ги распореди во Арената!!! Не сум научена да барам спонзорства и луѓе со помош на кои ќе ја буткам идејата за интересен телевизиски проект, а тоа денес така функционира. Ќе мора да најдам модус да се вратам онаму каде што припаѓам. Никогаш не сум била подобра и поспремна од СЕГА. Акумулирано знаење, искуство и квалитет кое мора да се распрсне во најскоро време.


Женски магазин- Ти фали ли Макфест и кои ти се најубавите спомени од златното време на овој фестивал?

Вера- „Макфест“ беше мојата папочна врвка, истрајност и посветеност на духот!Институција, коефициент за достигнувањата кои беа одлика на еден незаборавен период од историјата на македонската забавно музичка и фестивалска сцена. Беше живот, уживање, беше иницијална каписла за создавачите на звукот и за неговите консументи. Ја имав честа да бидам еден од првите луѓе на композицијата наречена „Најдоброто од Македонија“. Некако се надевам дека сè уште има простор да се вратиме на корените. Тука сме, живи и полни со ентузијазам кој пркоси на глобалниот хаос. „Макфест“ ја испиша музичката историја уште од далечната 1986 година, дел сум од неа оставајќи го како трајна вредност мојот компакт диск на 14 миксови од највпечатливите рефрени со кои го отворав секое издание на фестивалот. Непроценливо задоволство.

Женски магазин- Имаш ли најдрага, најинтересна анегдота од култниот клуб „Зи-Зи Топ“ и што мислиш, ќе му се повтори ли на Скопје такво место?

Вера- „Зи-Зи Топ“ беше институција, лајфстајл, животно школо од кое излегоа неверојатни поединци! Приказна која трае и ќе трае низ моите сетови. Боли и недостасува. Среќни се оние што беа дел од тоа златно време, затоа што оној кој имал такво минато се справува со сегашноста, може да и пркоси на иднината. Не случајно сите мои проекти се насловени како „Back To The Future“, се започна таму,таму и ќе остане во иднината. Не верувам дека може да се оживее тој култ, артерија на градот и се она што го правеше посебен, единствен и неповторлив. Пораснавме Милице, дојдоа некои нови клинци со некои нови состојби на умот. И што би рекол покоен Бајо- да го оставиме „Зи-Зи“ да си почива во мир.

Фалат тие-„Зи-Зи“ и Бајо Јанковиќ, остануваат спомените со кои полесно балансираме во одвратниов свет.- Вера со покојниот сопруг


Женски магазин- Што најмногу ти недостига од тоа време, времето на клубот и времето на Зоран Јанковиќ-Бајо?

Вера- Ми фали сето она што им фали и на сите „Зи-Зи“ поклоници. Пијаните ноќи како резултат на фантастичната дружба низ призма на беспрекорната музика која пак беше единствената спојка на сите збиднувања со вкупно 13-те години постоење на ова моќно,градско,македонско и светско збиралиште. Ми фалат утрата по 6, моментот кога се сркаше првата чорба во „Бристол“ залеана со уште понекоја ракија (оти оние не беа доволни од убавини), првиот бурек кај Тетка во Кисела Вода (Таму цело Скопје, таа од под тезга вади љути пиперки за персоналот на ЗЗ Топ) Утрата кога некој не стигнал до дома па заспал во околните жардињери, а ние купувавме наочари само за да можеме да се справиме со првото сонце кое ќе не огрее. Доаѓаш дома полн себе, заспиваш, ја чекаш новата вечер која пак те уфрлува повторно и повторно во кругот кој ние го смисливме, оној кој ние го создадовме- затоа менувавме ден за ноќ, затоа бевме ЕКВ деца. Фалат тие-„Зи-Зи“ и Бајо Јанковиќ, остануваат спомените со кои полесно балансираме во одвратниов свет.


Женски магазин- Патувањата се твоја голема страст, каде се патуваше оваа година и кое место ти е неостварен сон да го посетиш?

Вера- Патувањата се мојата најдобра животна инвестиција, затоа што само она што ќе си го вложиш за себе останува до крај како гориво за она што ти претстои понатаму. Патувањата се извор на енергија и креативност. Токму таа ме прави вечно млада и спремна за секој нов предизвик. Викај ураааа и собирај пари за следната авантура!!!Годинава во февруари по трет пат и се вратив на Барса-мислам дека таму сум живеела минатиот живот. Ме чека наскоро авантура во Италија на која исто така и се враќам по не знам кој пат. Некаде во јуни Малага, мојот омилен Амуљани и Атос, крајот на август веројатно Португалија. Можеби и концерт на единствените „Депеш моуд“ по четврти пат во Мадрид, некаде во јули не е така лоша идеа, а? Животен сон ми е Виетнам. За храната да не зборувам. Мора-заповед за скоро време. Јас го живеам сонот, не го сонувам животот. „Јер најјачи остају“.


Женски магазин- Освен патувањата, што те прави среќна, која е твојата дневна рутина?

Вера- Патувањата, мирисите и музиката оставаат простор за вечен спомен. Ги сакам обиколките по омилениот десигуал кој ете стана и заштитен знак на мојота гардероба, се радувам на секоја капка нов парфем. (Онаа жена која води сметка за својот изглед и мирис го води и својот идентитет под рака) Ги обожавам дооолгите пешачења низ градов, ги сакам морињата, убавата риоха чиј вкус ме води по егзотичните координати, храната зготвена со мноооогу љубов и лук. На крајот, најсреќна сум по секој мој добар диџеј сет, оти има онакви половични, кои само јас ги препознавам и заради кои и знам да се казнам самата. Среќна сум што имам неколку убави луѓе покрај себе.


Женски магазин- Позната си како ноќна птица, каква е Вера кога некој ќе ја разбуди наутро?

Вера- Може да ме разбуди наутро, да, ама ако тоа биде до кај 6 сабајле, тогаш сум сè уште орна и будна за разговор. Е, ако се случи во (за другите нормално работно време) е тогаш има да ика од споменување и пцуење буквално цел ден. Секој со своето, секој со заслугите и теркот на функционирање. Јас си учев за ова и не дозволувам никому да ми го наруши тоа задоволство. П.С. Јас не звонам никому по полноќ, хахаха.

Милица Џаровска