Емотивно видео: Мето Јовановски режираше спот на Јане Рафаиловски

Познатиот актер Мето Јовановски е режисер на спотот на саксофонистот и музичар, Јане Рафаиловски, со неговиот последен проект насловен „Сеќавања“.

Песната е посветена на неговиот татко, а Рафаиловски вели дека му е драго што успеа искрено да допре до срцето на сите вљубеници во она што се нарекува македонска убавина, музика, традиција, култура и љубов кон својата земја. 

Со пејсажи од Галичник, Бигорскиот Манастир, езерото Козјак и одличната глума на наши млади актери, под режисерката палка на Мето Јовановски, во видеото се прави еден премин од традицијата во 50-тите години во денешно време, а сето тоа преку обичаи го доловуваат актерите и студенти на самиот Јовановски: Андреј Серафимовски, Цветанка Вељковска, Сандра Темова, Сања Балшиќевска, Ангела Николова, Марија Панзова, Ирена јакимовска, Димитриа Марковски. 

Музиката е на самиот Јане, аранжманот на Дамир Имери, гитарата ја отсвири Петар Ренџов, додека пак видеото го изработи тимот на „Арт Продукција“ и Дејан Георгиев. Ова е нешто поразлично од Рафаиловски, односно по проектот „Зајди зајди“ минатата година, овој пат ја изненади музичката јавност и публиката со еден вид на филмска музика со ова емотивно видео.