Ежење од првиот до последниот стих: „Некст тајм“ приредија концертен спектакл за кој уште долго ќе се зборува (ФОТО)

Добивај вести на Viber

Со големиот концерт во спортскиот центар „Јане Сандански“ го заокружија проектот „Мајка“...

Братското дуо „Некст тајм“ вчера ги обедини сите поддржувачи на македонската комитска песна. На публиката ѝ приреди вистинско аудио и визуелно уживање и во живо ѝ ги претстави своите преработки на македонските комитски песни.

Двочасовниот спектакл го отворија со „Нешто ќе те питам бабо“, а уште на првиот такт ја наежија публиката со изведбата. По оваа песна, почнаа да ги редат песните кои го сочинуваат нивниот студиски албум „Мајка“.

Публиката посебно се распеа на „И ние сме деца на Македонија“ и во еден глас ги пееше со Стефан стиховите од оваа безвременска песна.

„Чекавме 15 години за во ваква голема сала да одржиме концерт. Ви благодариме на сите што ја поддржувате македонската музика, затоа што во ова време ѝ е многу потребно на Македонија да се одржува културата и традицијата. И ние и вие сме главна причина што оваа причина уште трае. Да сте живи и здрави“ - кажа Стефан кон средината на концертот и им се заблагодари на сите присутни.

Концертот доживеа кулминација на песната „Ја излези Ѓурѓо“, на која членовите на навичката група „Комити“ запалија бакљи и со овој чин им покажаа на браќата дека им се благодарни што и на помладата публика ѝ ги доближија овие песни.

Освен Николче Мицевски, Гоце Димовски и членовите на нивниот бенд, специјален гостин на концертот беше и Влатко Лозаноски - Лозано, кој го отпеа својот хит „Километри“. Стефан, заедно со него во дует уште еднаш ја испеа „Ја излези Ѓурѓо“ и покажаа колку моќно звучи оваа песна кога тие двајца ќе ги вкрстат гласовите.

Нивната мајка Сузана, заедно со вереницата на Мартин - Андреа и девојката на Стефан - Тинеа, беа во првиот ред и оттаму во еден глас ги пееја овии песни.

Но, браќата Стефан и Мартин голема поддршка добија и од голем број познати личности кои присуствуваа на нивниот концертен спектакл. Каролина Гочева, Елена Ристеска, Тимчо Муцунски, Снеже Велков, Ирена Спировска, Јана Бурческа,  беа само дел од оние кои уживаа во квалитетната музика на „Некст тајм“.


И. Мисајловска

фото: Вангел Тануровски