ФАНИ ХРИСТОВА СО ЕМОТИВНА ПРИКАЗНА ЗА ДЕЦАТА СО АУТИЗАМ: Напишав песна инспирирана од мојата братучетка

Добивај вести на Viber

Сите сме различни, но љубовта н‘ врзува. Мојот свет на ѕидови и твојот свет на обиди ќе го најдат својот мост на љубов и насмевки. Ова се стихови од темата „Во мојот свет“ кои популарната пејачка и диџејка Фани Христова ги напиша за лицата со аутизам. 

- Напишав песна за мојата прва братучетка, мојата сестра која е лице со посебни потреби. Кога ми се јави Гаро Тавитјан со идеја да се промовира химна за децата со аутизам, без никакво размислување прифатив да бидам дел од проектот. Секогаш, на свој начин се обидувам да им помогнам на сите дечиња со посебни потреби и тоа е најмалку што би можела да направам. За мене таа тема е премногу чувствителна затоа што во моето семејство најдобро знаеме со какви бариери се соочуваат овие луѓе-открива Христова.


Нејзините стихови на музика на браќата Тавитјан ги отпеаја Влатко Лозановски, Мики Јовановски-Џафер и Ребека, а проектот е поддржан од здружението што го носи истото име како и песната, „Во мојот свет“.

- Овие лица се ставени на маргините на општеството. Прво, осудени се со погледите од случајните минувачи на улица. Не сакам да се прикажам како хуманитарец, туку ова е апел за сите кои можат да направат многу повеќе од мене–раскажува Фани.

Во времето кога познатата пејачка и диџејка работела како музички педагог во градинка имала шанса подобро да ја запознае природата на нивните проблеми.

- Не е во ред само родителите да се борат. Тоа е обврска за сите нас. Не сум родител, но ја знам борбата. Мојата братучетка е само еден случај, а ги има илјадници. Овие луѓе треба да имаат услови, добри педагози, дефектолози и психолози – објаснува Фани.

За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов