ФИЛИПЧЕ НАЈАВИ: За да го запишете детето во школо или градинка ќе треба да биде вакцинирано
Со години нашата земја имаше одличен степен на имунизација, но за жал сега не е така, истакна денеска министерот за здравство, Венко Филипче на музичкиот хепенинг кај Школка во парк по повод Светската недела на имунизација.
Според него, постои голем ризик дел од болестите кои со години наназад се искоренети, да се вратат назад, односно да ги донесат патници од земјите каде што тие се присутни и да се заразат невакцинираните деца.
- Ќе промовираме кампањи да ја подигнеме свеста и на населението и на здравствените работници, за бенефитите од вакцинацијата, да воведеме нови вакцинации во календарот, а календарот да го осовремениме со заменување на старите со нови вакцини. Антивакциналните кампањи се докажаа дека не се вистинити. Имаме обврска да се вакцинираме самите и да ги вакцинираме нашите деца, истакна Филипче.
Покрај кампањата за подигање на јавната свест, министерството за здравство најави и повеќе мерки. Превентивни тимови од 23 до 29 април за време на Европската недела на имунизацијата ќе одат на терен ќе ги проверуваат вакциналните картони и ќе бараат невакцинирани деца и лица за да бидат имунизирани. Министерството во годинешниот тендер за набавка на вакцини планира да вклучи и уште две вакцини, за рота вирус и за стрептокока, кои во редовниот календар за имунизација ќе влезат од следната година.
„Услов за запишување во градинка и во училиште ќе биде децата да бидат вакцинирани и се надеваме дека тоа ќе успееме да го спроведеме годинава од септември, бидејќи треба да се прилагоди и законската регулатива во труд и социјална политика и во образование“, кажа министерот Филипче.