Физиотерапевтот Блаже Арсов советува: Заменете ја класичната канцелариска столица со физио-столица
Блаже Арсов го започнува својот професионален пат како физиотерапевт, откако во 2004-тата дипломира на медицинскиот колеџ во Плевен , Бугарија, додека од 2018-тата станува специјализант по рехабилитација при ортопедија, травматологија и хирургија при медицинскиот универезитет „Св.Климент Охридски“- Битола. Веќе 12 години спроведува постоперативна физиотерапија во клиниката „Жан Митрев“ кај кардиохируршки пациенти, ортопедски, травматолошки и други видови на интервенции кои се третираат во болницата. Покрај тоа е и претседател и основач на Македонското физиотерапевтско здружение.
* Физиотерапевтите се едни од најважните медицински лица, иако можеби не им се дава толкаво значење на нашите простори. Тука се како дел од секој спортски тим и настан, тука се после секој оперативен зафат за полесна рехабилитација на пациентот, за физикална терапија за подобрување и заздравување на пациентите. Какво е Вашето мислење на оваа тема, дали сметате дека сте запоставени во здравствениот систем?
- Да, ние како профил сме најважните т.е неизоставен дел во процесот на медицинската рехабилитација, Ви благодарам на констатацијата, скоро после секоја повреда или хируршка интервенција потребна е физиотерапија. Дали сме запоставени... па да, недоволно искористени се и човечките ресурси и капацитети. Имаме голем број на колеги кои не се вработени и кои за жал и нема каде да се вработат, постојат голем број на пречки во нашиот здравствен систем за да можат да се реализираат професионално, а од друга страна пак има голем број на пациенти кои имаат потреба од физиотерапија, но немаат директен пристап до нас поради законските ограничувања, па чекајќи развиваат голем број на дополнителни компликации од основните кои ги имаат додека да најдат соодветно решение за себе. И според ова можеме да заклучиме дека имаме две незадоволни страни во приказната, само што едните (физиотерапевтите) можат да ја напуштат државата и да се реализираат во некоја западна земја, додека пак пациентите остануваат тука во Македонија и си го губат драгоценото време и здравје.
* Како сега се справувате со пациентите, во екот на пандемија од коронавирус, дали сте доволно заштитени?
- Јас доаѓам од приватна болница која има американска акредитација за квалитет „JCI“, според која ние ги превземаме сите мерки за пружање на безбедна услуга за пациентите и ги спроведуваме сите препораки за заштита и превенција од COVID-19. Според истата секој физиотерапевт во клиниката има помината соодветна едукација за користење на (PPE) опрема за лична заштита според препораките на Светската здравствена организација и Светската конфедерација за физиотерапија.Tимот на физиотерапевти при ZMC се првите физиотерапевти во Македонија кои даваат онлајн консултации и физиотерапија во домашни услови за нашите пациенти и сите други кои имаат потреба од нас, со цел намалување ризикот од изложеноста на пациентите на COVID- 19.
Македонското физиотерапевтско здружение со кое јас управувам соработува со Светската конфедерација за физиотерапија ( WCPT ) и во согласност со нив направивме македонски превод на водичот за спроведување на физиотерапија кај пациенти со Ковид-19 и истиот е достапен на нашата веб страна www.mfz.mk. На сите наши колеги им се дадени упатства како да се заштитат себеси и своите пациенти од трансмисија на вирус, знаете не е само Ковид-19, луѓето боледуваат и од други заболувања кои не можат да чекаат премногу долго за третман, па така што некои од нашите колеги – физиотерапевти веќе започнаа со пружање на физиотерапевтски третмани во ординациите каде што работат според препораките на владата.
* Пред неколку години се жалевте дека законската регулатива не дозволува самостојна физиотерапевтска дејност, а во исто време им се овозможува на физиотерапевтите да се едуцираат на факултетите во Македонија. Истакнавте дека причина за оваа состојба е тоа што не постои законска можност да формираат самостојни ординации за физиотерапија, но и поради лошата систематизација на работните позиции во јавните институции, каде што се вработуваат само или почесто физиотерапевтските техничари. Каква е ситуацијата сега?
- Проблеми стојат и се трупаат , т.е. се зголемува бројот на дипломирани физиотерапевти кои секојдневно ја напуштаат Македонија со желба да се вработат во некоја друга земја, за жал немавме слух од ниту една власт за решавање на нашиот статус, повеќе пати се обидовме, но беа игнорирани нашите барања.
* Уште
од најмала возраст, честа појава е искривување на ‘рбетот кај децата. Зошто е
најчесто така, која е главната причина? Што препорачувате Вие за да не дојде до
ваква состојба, а пак доколку дојде како најлесно се третира?
- Повеќе фактори влијаат за појавување на деформитетите на `рбетот кај децата, како на пример, недоволната или несоодветна физичка активност, прекумерното користење на смарт телефоните и компјутерите, неправилното носење на ученичките ранци и нивната тежина која најчесто не одговара на возраста и телесна тежина на ученикот. И покрај тоа што во нашиот школски систем е предвидено децата/учениците да ги остават своите учебници во школото по завршувањето на часовите тие сепак ги носат дома бидејќи наставниците ги задолжуваат со пишување на домашни задачи, така да има една неусогласенот која директно влијае на здравјето на децата за која треба да подразмислат здравните власти во Македонија. Можеби оваа пандемија ќе донесе и нови модели на едукација, па ќе можат децата да пишуваат и електронски домашни задачи. Ова нека биде еден предлог од мене до нив, а со тоа децата ќе имаат повеќе време за соодветна физичка активност во текот на денот и ќе ги превенираме 'рбетните деформитети.
Од кога ќе се појават првите проблеми/симптоми со искривувањето на ’рбетниот столб задолжително да се направи консултација со физиотерапевт со цел проценка на состојбата и започнување со индивидуални терапевтски вежби, но и за советување на родителите за да ги избегнат сите моменти кои влијаат на состојбата. Физиотерапевтите имаат соодветно образование за да можат да помогнат во вакви ситуации со што ќе направат индивидуален план за рехабилитација и едукација за избегнување на деформитетите. Лекувањето може да биде успешно, доколку се започне навремено во почетната фаза бидејќи се работи за пациенти/деца кои се се уште во раст и коригирањето на настанатите деформитети е се уште можно.
* Секојдневното користење на компјутерот меѓу другото води и до деформитети на ‘рбетниот столб кај возрасните. Кои се симптомите и првите знаци што може да се забележат?
- Разликуваме повеќе видови на деформитети на ’рбетот кои имаат различна манифестација, но најчести знаци дека нешто случува се болките во грбот и секако искривувањето на грбот кое е лесно видливо при тестирање/скриниг, други симптоми се: разликата во поставеноста на двете рамења, испакнатост на ребрата на едната страна на градниот кош, при наведнување едната страна на грбот е повисока од другата и други. Сите овие знаци треба да бидат аларм за тоа дека треба нешто да се превземе за да не настанат дополнителни компликации.
* Kомпјутерот не можеме да го избегнеме, но дали постои нешто друго кое можеме да промениме во опкружувањето или во однесувањето за да ги избегнеме последиците од долготрајното седење пред овие уреди?
- Секако, многу работи зависат од нас самите, јас моите пациенти редовно прво ги советувам да бидат подготвени за промени во својот животен стил за да се постигнат резулатати и најважно од се е да се направи план за редуцирање на времето поминато пред компјутерите и користењето на телефоните. Но доколку тоа ни е дел од работата тогаш се потребни промени во канцеларијата, односно прво треба да имате соодветна висина на бирото на кое работите, потоа да ја замените класичната канцелариска столица со физио-столица (столица со физио-топка) и трето да направите пауза за вежби за истегнување на секој 2 часа континуирано седење пред компјутерот. Едноставно е, искористете ја физио-топката од столицата и започнете да вежбате, истегнете ги мускулите и немојте да се грижите за колегите, здравјето е поважно од нивното мислење или пак пробајте да им предложите да вежбате заедно .
* Кое е дејството на физио-топката ?
- Долгото седење на канцелариските столици поради извршувањето на работните задачи може да биде болно на крајот од денот. Поради долгата неактивност мускулите се грчат и скратуваат и оваа состојба предизвикува болка најчесто во пределот на половината. Физио-столицата е спас од долгото седење бидејќи додека сме концентрирани на работните задачи ние без да сме свесни ги активираме мускулите и ги вежбаме додека работиме. Ги зајакнува мускулите на грбот, и овозможуваат цврста основа за здрав `рбет. Со седењето на физио-топката ќе се ослободите од болките во грбот и ќе го заштитите вашиот `рбет од евентуални деформитети. Секако се препорачува и за деца во развој како превенција од сколиоза со употреба на соодветна големина за нивната возраст. Еве уште еден предлог до здравствените власти можат да ги заменат стандарните столчиња во училниците со физио-топки за секое дете, може е поскапо, но здравјето на нашата иднина не треба да има цена, плус секое дете ќе има свој реквизит за спроведувње вежби на часот по физичко воспитување. Понекогаш е потребно малку за да имаме големи резултати.
* Дали се комбинира со други третмани за подобар ефект?
- Секако тоа е само дел од третманот, знаете еден физиотерапевтски третман може да трае од час до час и половина, што значи дека другиот дел од денот треба да бидеме одговорни кон себе и своето здравје и самите да допринесеме за да го одржуваме. Седењето на физио-столицата е дел од третманот за превенција од деформитети на 'рбетот, но доколку веќе се појавиле првите знаци и симптоми, потребно е да се комплетира третманот, т.е. да се дополни со други физиотерапевтски техники.
Д. Караташова