(ФОТО) Сведоштва од Џенова: Автомобилот му паднал од мостот и заглавил меѓу столбови и рушевини
Во близина на Џенова вчера се урна мост кој сочинува дел од автопатот, а претставници тврдат дека бројката на починати сега за сега е 35 и дека е можна трагедија од огромни размери.
Поранешниот голман Дејвид Капело во моментот на трагедијата бил на мостот „Моранди“.
„Чудо е што сум жив. На почетокот слушнав бучава и потоа се' се сруши. Мојот автомобил падна од 30 метри висина и заглави меѓу столбови и рушевини. Неверојатно, но немам ни гребнатинка“, изјавил Капело.
„Го поминував мостот кој е еден од најпрометните во земјата. Видов што се случува околу мене. Тоа беше шок. Не знам како мојот автомобил не се распадна“, додаде поранешниот голман, за рушевењето на мостот кој не само што повлече возила, туку и падна врз куќи и згради, кои се наоѓаа под него.
Од информациите кои ги објавуваат странските медиуми, потрагата по преживеани продолжува, а меѓу загинатите е и мало дете, чиј идентитет се уште не е откриен.
Од друга страна, возач на автобус од Хрватска исто така ја сподели приказната по настанатата трагедија.
„Возев накај Хрватска и мостот го поминав половина час пред да се сруши. Бев шокиран кога ми стигна порака дека мостот веќе го нема. Морав да донесам одлука дали ќе правам пауза пред или после Џенова. Да донесев поинаква одлука, сигурно ќе бев на мостот во текот на несреќата“, изјави Рудолф Полуниќ.
Мостот е на висина од 100 метри над земја. Изграден е во 1967 година, а обновен во 2016 година. Се истражува причината за колапсот.