ФОТО-ВЕСТ: Караванот на ДИК ги посети Штип, Конче, Струмица, Куманово и Старо Нагоричане
Караванот на Државната изборна комисија оваа недела ги посети општините Штип, Конче, Струмица, Куманово и Старо Нагоричане. Како дел од овогодинешната едукативна и информативна кампања, „ТИ СИ НА РЕД“, ДИК во општините кои ги посети, делеше едукативен материјал, со цел да ги претстави гласачките права на гласачите за претстојните Парламентарни и Претседателски избори и да ги едуцира и за двата изборни циклуси.
Државната изборна комисија, ја подготви оваа едукативна и информативна кампања - „ТИ СИ НА РЕД“ со цел да поттикне поголема излезност на овие избори и да упати апел кон сите гласачи, дека и на претстојните Претседателски и Парламентарни избори нивните лични гласачки права се загарантирани. Токму затоа, караванот „ТИ СИ НА РЕД“ продолжува да патува и во понеделник ќе се посетат Скопје и Студеничани.
Многумина од граѓаните заинтересирано ги прифаќаа едукативните и информативни материјали, кои ги делеа претставници на Државната изборна комисија и од досега реализираните посети, најчесто поставуваните прашања се однесуваат на валидноста на документите за идентификација и можноста за гласање со лични документи чиј рок на важност е истечен. Од Државната изборна комисија појаснуваат дека секој кој ќе гласа на Претседателските избори во среда, потребно е со себе да носи документ за лична идентификација – важечка лична карта или пасош, односно лична карта или пасош чија важност истекла во периодот од 24 јули 2023 до 24 април 2024 година.
Гласачите можат да ги проверат своите податоци во Избирачкиот список наследниот линк: https://www.izbirackispisok.gov.mk/.