Фотографиите на жени во Иран од пред 86 години се реткост! Можеа да носат што сакаат, а вака им беше уништена слободата

Деновиве во фокусот на светската јавност се немилите сцени од Иран кои уште еднаш нè потсетија на лошата положба на жената и недостигот на нивните права во таа земја. Протести и јавен отпор предизвика трагичната смрт на 22-годишната Махса Амини, која беше убиена затоа што не носела хиџаб, поточно затоа што наводно и се гледала малку коса под него.

Поради овој суров чин, следуваа протести, при што животот го загубија неколку десетици луѓе, меѓу кои и 20-годишната Хадис Наџафи. Хадис е убиена со шест куршуми само затоа што се осмелила да го крене гласот за својата слобода и за слободата на другите жени.

А како дојде до ситуацијата Иран од земја во која жените можеа слободно да учат, па дури и носеа мини здолништа и тесни фармерки, да стане земја каде што жените беа осудени на апсење, па дури и на смрт доколку се осмелат да не носат хиџаб?

Во текот на 20-тите години на минатиот век, правата на жените почнаа да се оформуваат во Иран - образованието стана бесплатно и за момчињата и за девојчињата. Дозволен беше и упис на жени на факултет. Дури и Иранската женска партија беше формирана во 1942 година, која активно се бореше за правата на жените. На почетокот на 1963 година, жените добија право на глас на изборите, а заслугата за тоа и се припишува на Ашраф Пахлави, сестрата близначка на тогашниот шах на Иран, Мохамад Реза Пахлави. Исто така, старосната граница за брак беше поместена од 13 на 18 години, жените добија можност да поднесат барање за развод, можеа да се борат и за старателство над децата... До крајот на 70-тите години, неколку жени беа дел од иранскиот парламент, а стотици од нив имаа позиции во локалните совети. Иранките сочинуваат значителен дел од работната сила.


Кога станува збор за облеката, тие тргнаа по модерни патишта во 1936 година, кога претпоследниот шах на Иран, Реза Пахлави, во тоа време спроведе контроверзна политика - задолжително откривање на жените.

Декретот е познат и како Кашф-е хиџаб и значеше укинување на сите видови исламски превези, па дури и на машката традиционална облека. Шахот ги охрабрил Иранците да носат европска и западна облека, се со цел да се модернизира земјата и да се зголеми учеството на жените во општеството, инспириран од примерот на Турција. Сите жени од кралското семејство се облекуваа европско, играјќи активна улога во менувањето на општествената свест.

Промените беа воведени постепено за да се избегнат немири - на почетокот, само четири илјади од 6,5 милиони Иранки излегуваа во јавност без хиџаб, а тоа беа главно жени од високата класа, образовани во Западот. Сепак, не сите жени беа среќни да ја прифатат оваа промена - во длабокото традиционално општество, многумина сè уште се држеле до хиџабот.

Затоа во 1936 година, неносењето хиџаб било прогласено за законска обврска, а на полицијата дури и било наредено физички да го отстрани од секоја жена која ќе ја види како го носи во јавност. Многу жени дури решиле воопшто да не излегуваат од дома, а забележани се и неколку случаи каде жени се самоубивале за да не мораат да го симнат хиџабот.

Реза абдицирал од тронот во 1941 година, а неговиот син и наследник Мохамад Реза Пахлави решил да го следи патот на компромисот - тој им дал на жените право на избор и тие можеле да се облекуваат како што сакаат. Сепак, дури и тогаш чодорот -  традиционалната женска облека во Иран, се сметаше за знак на заостанатост, досада и беше значајна пречка при искачувањето на социјалните скалила. Чодорот и хиџабот станаа белег на класа - најчесто го носеа жени кои потекнуваат од конзервативни религиозни семејства со ограничено образование.

Во текот на 70-тите, хиџабот стана симболичен знак на противење на режимот на Пахлави, и како таков, дури и работничките од средната класа почнаа да го носат доброволно, што не беше случај порано. Но, никој од нив не очекуваше дека револуцијата ќе им донесе враќање на задолжителното носење, ниту пак сакаа да поддржат таков закон.

Исламската револуција од јануари 1979 година промени се‘! Се вртеше околу една идеја: слобода. Тоа беше крвта што инспирираше огромен број жени да застанат и да покажат отпор кон шахот. Но, револуцијата беше изгасната веќе во февруари - паролите што го пропагираат исламот ги заменија знаците на демонстрантите, а жените на митинзите почнаа да се замолуваат да ги покријат главите.

Потоа, во февруари истата година, Ајатолахот (врховната верска титула во Иран) официјално ја презеде власта, револуцијата беше завршена и за неколку недели реалноста таму почна радикално да се менува. Започна нападот врз малцинствата, политичката опозиција и правата на жените. Помалку од две недели по револуцијата, весниците почнаа да објавуваат најави за прослави што ќе се одржат на 8 март, Меѓународниот ден на жената. Но, на 7 март, беше донесен декрет дека жените мора да носат хиџаб во владините канцеларии, односно, како што рече тогаш иранскиот лидер Хомеини, тие не треба да влегуваат на работното место „голи“.

Она што требаше да биде прослава се претвори во масовни протести. Во Техеран, утрото на 8 март, десетици илјади жени се собраа пред канцеларијата на новиот премиер, додека уште 3.000 од нив излегоа на протести во верскиот град Ком, каде што престојуваше Хомеини. По улиците се слушаа извици: „Немавме револуција за да се вратиме назад“. Во следните шест дена, жените излегоа на улиците, учествувајќи во нивниот марш за слобода, борејќи се да ја вратат својата револуција. На улиците беа нападнати од контра-демонстранти со ножеви, камења, тули, скршено стакло... Во еден момент се чинеше дека женските протести успеаја - само неколку дена по демонстрациите, спорните изјави на Хомеини беа повлечени. Но, овој прв масовен, колективен отпор кон Исламската Република стана последен. Пред раните 80-ти, кога режимските насилни репресии врз опозицијата се интензивираа, имаше краток процут на женските здруженија на работните места, дури и женските комитети во политиката и автономните женски организации кои беа независни од која било партија.


Но, веќе по јули 1980 година работите почнаа да се влошуваат - повторно беше одлучено дека жените мора да носат хиџаб. До 1981 година, за сите жени постари од 9 години стана задолжително да носат хиџаб. Следеа и други промени - родова сегрегација на работното место, училиштата, плажите и спортските манифестации и низа закони кои го регулираат разводот, старателството над децата, наследството, државјанството, сето тоа на штета на жените, секако.

Денес ситуацијата во оваа земја, вечно поделена меѓу желбата за промени и модернизација и отфрлањето од нив, сите ја знаеме - тажна е, страшна и влева страв во коските.


Фото: Профимедиа/Инстаграм

Таа е лицето на борбата за правата на жените-брутално претепана од полицијата, починала во најлоши болки: Жените се кренаа во нејзина чест, ги палат своите хиџаби