ФУДБАЛСКАТА ПРИКАЗНА НА СОЊА: Првиот албум го собрав на 8 години, ги следев сите натпревари со мојот покоен татко
Секое првентство ме потсетува на најголемиот ултиматум во животот, Италија 1990 година. Бев апсолвент и моите знаеа дека поради фудбалот нема да се посветам на неколкуте испити таа јунска сесија. Резервирав билети за Рим. „Ако ги положиш испитите, ќе те носам на фубалски натпревар. Имам пријатели кои ќе средат“, ми рече татко ми. Бев пресреќна. Ама,не го одржав ветувањето, раскажува познатата новинарка
Соња Алексоска Неделковска со нетрпение го очекува вечерашниот старт на Светското првенство во фудбал. Познатата новинарка и авторка на романизираната биографија за Тоше Проески, благодарение на нејзиниот татко пораснала со „најважната споредна работа на светот“.
- Првиот албум што го наполнив до крајбеше Минхен ‘74. Имав 8 години. Ги следев сите натпревари со мојот покоен татко Јордан. Тој ми ја пренесе љубовта кон сите спортови, собено кон фудбалот. Како поранешен фубалер, а потоа и како дел од раководството на ФК Гостивар, постојано беше присутен на терените. Секогаш го придружував и внимателно ги слушав неговите анализи – раскажува Соња.
Со синот Филип лани на натпреварот Вардар – Фенербахче
Магијата на фудбалот првпат ја почувствувала на шестгодишна возраст кога го гледала натпреварот Вардар - Црвена звезда. Гордо објаснува дека како страстен навивач на „Звезда“ ги проследила сите значајни натпревари на овој клуб во Белград, а некои и во странство.
- Секое светско фудбалско првентство ме потсетува и на најголемиот ултиматум во животот, Италија 1990 година. Бев апсолвент и моите знаеа дека поради фудбалот нема да се посветам на неколкуте испити таа јунска сесија. Резервирав билети за Рим. „Ако ги положиш испитите, ќе те носам на фубалски натпревар. Имам пријатели кои ќе средат“, ми рече татко ми. Бев пресреќна.Ама,не го одржав ветувањето. Не верував дека ќе пропаднат билетите и патувањето. Тоа беше првата и последна казна на мојот покоен татко за мојата тврдоглавост - се присетува таа.
Освен фудбалот, слабост ѝ е ракометот: На светското првенство во Катар во 2015 година
Вели дека претстојниот мундијал со голема страст ќе го следи со семејството. Бидејки е фан на Манчестер Јунајтед, најмногу поради нејзиниот син кој живее и се буди за победите на овој клуб, ќе навиваат за Англија.
- Секако ќе навивам и за Србија и Хрватска, јас сум југословенско дете. Порано ги сакав Италијаните поради Малдини и Холанѓаните поради Марко Ван Бастен. Инаку уживам да ги гледам Бразилците кои се вистински „балетани“ на сцена. Кога ќе ги изгледам првите натпревари на сите репрезентации, ќе предвидам кој е фаворит. Но, искуството вели дека многу репрезентации кои едвај се протнале прва фаза,потоа стигнале до врвот – заклучува познатата новинарка.
Ѓорге Стојанов