Габриела Маркова за животот со глувонеми родители: Ги набљудував како комуницираат и од најрана возраст го научив знаковниот јазик

Добивај вести на Viber

Габриела Маркова (24) студира на Технолошко-металуршкиот факултет и работи во американска фирма. Луѓето кои ја познаваат велат дека е културна, воспитана, секогаш насмеана и позитивна. Исто како и нејзиниот брат Деко (31) кој дипломирал економија.

Растеле со двајца глувонеми родители, кои и покрај инвадилитетот, на своите деца им овозможиле прекрасен живот. Габриела ги опишува како големи борци, храбри и успешни луѓе. Татко и Васко Марков (54) има средно образование и е вработен во Царина. Нејзината мајка Маја Маркова (48) работи во Министерство за транспорт и врски.

ЖМ: Каде се запознале твоите родители и на кој начин почнала нивната љубовна приказна?

- Моите родители се запознале на многу млада возраст, мајка ми имала 13 години, а татко ми 18. Татко ми е роден во Гевгелија и во тоа време живеел таму, додека мајка ми е родена во Скопје. Тие се запознале на новогодишна прослава во домашна атмосфера кај заеднички пријател и оттогаш биле заедно. Татко ми четири години секој викенд доаѓал во Скопје, за да го поминуваат времето заедно. А кога биле одвоени комуницирале преку писма.

ЖМ: Дали се родени без слух, или го изгубиле во текот на рзвојот од некој немил настан, ситуација?

- Татко ми е природно глувонем, додека за мајка ми, мојата баба веруваше дека била повредена при породување. Мојата мајка слуша гласни звуци како што е гласна музика, а ако носи апаратче слуша и подобро од тоа. Меѓутоа нема желба да носи апаратче со оглед на тоа што и предизвикува главоболки и се има прифатено каква што е.

ЖМ: Имале ли помош околу грижата за вас, од блиски членови на фамилијата кога сте се родиле и во првите години од вашиот живот?

- Да имавме голема помош од нашите баби. Особено од страна на мајка ми. Таа беше наставничка по музичко и имавме многу големо внимание и посветеност од нејзина страна. Таа не учеше како да пишуваме, да читаме, ни помагаше со домашните задачи. Целиот процес на воспитување беше најголем дел од нејзина страна. Таа беше мојата втора мајка.

ЖМНа која возрста се соочи со фактот дека твоите родители не слушаат кога им се обраќаш? Како реагираше?

 - Немаше конкретна возраст каде што се соочив со фактот дека моите родители се глувонеми. Со мојот брат си се адаптиравме на самата средина уште во нашиот ран развој и тоа ни беше нормално.

ЖМ: Докажано е дека децата кои прво го учат знаковниот јазик подоцна подобро го учат говорот и пишувањето и се пописмени од децата на кои им е забранет знаковниот јазик. Кога го научи и колку ти помогна?

- Со мојот брат го научивме исто како делот кога требаше да учиме да одиме. Ги набљудував како комуницираат меѓу себе и постепено го учев знаковниот јазик. Тоа си беше природен процес на учење.

ЖМ: Како би ги опишала своите родители? Која е нивната најголема доблест?

- Како најголема доблест на моите родители би го издвоила успехот и упорноста. Немам сретнато луѓе како нив кои се бореле како што тие се бореле за подобро утре, за подобро наше утре. Во Македонија е тешко да успееш и тешко е да имаш работа каде што некој ќе цени луѓе со инвалидитет. Постојат многу глуви лица кои немаат ни работа, и се борат за корка леб. Татко ми беше претседател на глуви и наглуви лица во Македонија и се бореше за нивните права. Се избори да имаат некои поволности што никогаш до сега ги немале. Поради неговиот труд лицата што не слушаат земаат паричен додаток за глувост и имаат некои други бенефиции. Се гордеам со тоа.

ЖМ: На што го ставија акцентот при вашето воспитување?

- Акцентот секогаш бил да бидеме подобри луѓе, да помагаме, да бидеме внимателни, и да учиме. Да имаме високо образование затоа што тие ја немале таа можност како што ја имаме ние.

ЖМ: Дали се труделе да ве заштитат, да не ја преземате функцијата да бидете мост со комуникацијата со другите луѓе. Или сами со твојот брат тоа го правевте како обрска, која не ви причинуваше тешкотија?

- Со мојот брат секогаш сме тука за нив кога станува збор за комуникација со други луѓе кои не го знаат знаковниот јазик. Се што треба да правите доколку сакате да комуницирате со нив е да зборувате побавно, поедноставно и убаво да ја отварате устата. Тие не користат сврзници додека комуницираат и лесно можат да ве разберат доколку се потрудите малку. Секако, секогаш сме тука кога се работи за посериозни работи.

ЖМ: Кога би се споредиле со семејствата каде сите слушаат или зборуваат, забележуваш ли разлика? 

- Во минатото комуникацијата со нашите родители беше многу потешка бидејќи не можевме да комуницираме директно. Пример кога сме биле на подалечна релација не сме биле во можност да комуницираме директно со нив туку тоа морало да биде преку некој друг човек. Додека во денешно време сето тоа сега е многу олеснително со оглед на современата технологија. Сега во било кој момент можеме да зборуваме на камера.

ЖМ: Да бидеш личност со оштетен слух не е болест. За твоите родители тоа не е хендикеп, туку само чувство дека се поинакви. Дали во текот на животот си била сведок на дискриминација и како си реагирала на тоа? Како реагираа твоите пријатели, соседи, наставниците?

- Никогаш досега не сум се соочила со предрасуда од страна на моите пријатели, соседи и луѓе кои што секојдневно комуницирам или работам. Секогаш кога сум ги претставувала моите родители пред некој, сите биле љубопитни и сакале да го научат знаковниот јазик. Додека од друга страна сум се соочила со неморални работи во здравствениот дел. Имало случаеви каде што самите доктори се однесувале арогантно, нетрпеливо и не внимавале како комуницираат со нив. Во тој случај секогаш сум се спротиставувала и сум им појаснувала дека треба да имаат разбирање и трпение кога се комуницира со нив. Секако секогаш постојат исклучоци. Има и доктори кои се премногу внимателни и самите се справуваат со ситуациите и нема потреба да доаѓаме јас или брат ми за да толкуваме.


Соња Алексоска Неделковска