(ГАЛЕРИЈА) БОГАТО ШОУ НА ТУРСКИТЕ ТАНЧАРИ: Огнот од Анадолиа го запали Скопје

Добивај вести на Viber

Богато танцувачко шоу понудија гостите од Турција, „Fire of Anatolia“, сношти на концертот во ВИП Арената Борис Трајковски.


Носејќи го во себе огнот на нивната Анадолиа, гостите со публиката ја споделија својата страст, умешност и глума. На сцената освен синхронизиран танц во совршена кондиција, гледавме и мини театар, што придонесе за силните аплаузи и извици. Концертот го отвори фантастичен настап на националната гордост, ансамблот „Танец“, кои беа идеална увертира на за гостите од Турција.


Концептот на проектот „Огнот на Анадолиа“ е спојот на цивилизациите, а нивната цел е испраќање универзални пораки за мир. Убавината и разновидноста на шоуто е што танчарите ги комбинираат традиционалните фолклорни игри и познатиот ориентален танц со современи танци и со други дисциплини. Македонската публика, освен во танцот, уживаше и во турската музика, чувствувајќи близина на делови од турскиот фолклор со домашниот.


Приказната на овој танцувачки оган започнала во 1999 година од Мустафа Ердоган, кој го започнал проектот кој првично се викал „Султани на танцот“. Првично, танчарите биле барани на оглас во весник, а од 750 луѓе кои аплицирале, избрани се 90. Скопје ја имаше таа чест што наследниците на таа постава ни беа на гости со својата изведба. Настанот го организираше „Прагма продукција“.

На сцената освен синхронизиран танц во совршена кондиција, гледавме и мини театар, што придонесе за силните аплаузи и извици


Милица Џаровска