ГАЛЕРИЈА ОД ЗАПУШТЕНОТО ЕЗЕРО ТРЕСКА: Мирис на спомени измешан со мирис на ѓубре

Тажно и запуштено изгледа просторот околу езерото „Треска“. Некогаш главното излетничко место на скопјани, кое во неделите беше преполно, денес е сосема празно. 

Деца кои си играа недалеку од езерото, чуварите на објектот и неколку работници се единствените што денес беа во близина на рекреативното езеро, кое буди многу спомени на оние кои израснале во Скопје.

Приколките се руинирани, ѓубре има секаде наоколу, вода во езерото сосема малку, рестораните се речиси целосно срушени. Еден од двата базени е полн со вода, другиот празен и се шири многу лош мирис наоколу. Внимание ни привлече ресторанот близу до базените на кој сè уште стои стариот натпис „Снек бар“. 

Пред многу години, беше доживување на лето да се оди на плажа на Треска, да се бара место повеќе на тревникот над езерото или на бетонот до самото езеро, за да си ја постелеш крпата за на плажа. Во истиот тој „Снек бар“ се продаваа сендвичи, „Јупи“, „Кокта“, пиво или лимонада. Мирис на скара се ширеше од камперскиот дел, многу скопјани си имаа закупени приколки на Треска и остануваа и по цели лета.  Големиот ресторан беше еден од најразработените за правење свадби и семејни веселби. Треска беше душата на Скопје. 

Градоначалниикот на Општина Сарај, Блерим Беџети вчера го претстави новиот детален урбанистички план за ревитализација на езерото , кој го усвои Општина Сарај.

Базени, аквапарк, спортско-рекреативен центар, простор за забава за деца и возрасни, викенд куќички, хотели и трговски центар, се очекува да се изгради на Треска. 

Урбанистичкиот план се состои од четири дела, а се очекува проектот да чини најмалку 200 милиони евра. Беџети најави дека проектот ќе отвори и  околу 1.000 нови работни места.

М.Џаровска

Фото: Женски магазин