(ГАЛЕРИЈА) Веќе имам желба пак да дојдам кај вас: Шарлин од „Тексас“ се вљуби во македонската публика

Добивај вести на Viber

Досега на ниту еден наш концерт не сум доживеала толкав аплауз и таква енергија на Say what you want како овде со вас. Првпат сум во вашата земја, во Македонија, се надевам не и последен. Веќе имам желба пак да дојдам, порача Шарлин Спитери, ѕвездата на легендарниот шкотски поп-рок бенд „Тексас“ кој вечерва првпат свиреше кај нас во спортско рекреативниот центар „Кале“.

Фановите на популарната група која во безмалку три децениската кариера има продадено преку 38 милиони албуми имаа можност да уживаат во интимно шоу со best off сет во времетрање од речиси два часа. Спитери родена пред точно половина век е во одлична кондиција. Беше еуфорична до последната минута. Свири, танцува и одлично се забавува. Инспиративна жена со одличен вокал. Природна и неверојатно духовита.

- Имам 50 години. Размислувам како осумнаесетгодишна, а имам тело како на седумнаесетгодишна девојка - се пошегува Шарлин.

На паузите меѓу хитовите кои се редеа, раскажа неколку анегдоти. Нѐ пофали и дека имаме одлична кујна. Вчерашниот ден го поминала во Старата чаршија. Јадела гравче и се одушевила.

- Вие навистина знаете да готвите. Сѐ што пробав беше превкусно. Признавам, сакам да јадам. Не сум од ониe „skinny bitch“ поп-ѕвезди. Ми треба енергија за да размислувам правилно - појасни таа.

Спитери не пропушти да ја прокоментира и спарнината во салата под Кале на која домашната публика е навикната.

- О, боже. Овде е навистина жешко. Толку сум жедна што се чувствувам како да сум во пустина. Не сме ние навикнати на топло, ние сме животни што сакаме ладно - забележи пејачката која на бис се појави со пешкир на главата.

Токму на крајот ни приреди уште едно изненадување. Се одјави со Suspicious minds од Елвис Присли.

- Дали сте среќни? Јас знам дека сум. Не би можела да замислам да работам нешто друго. Фала Ви на поддршката - порача Шарлин.

„Ареа“ како специјални гости беа стандарно добри на сцена, а потоа се префрлија од другата страна и уживаа во настапот на „Тексас“. Концертот го организираше „Авалон продукција“.

Ѓ.С.