Гевгеличанката Данче со храна создава магија во чинии: Ги оживувам симболите на Тешкото, Македонско девојче и нашата традиција
На социјалните мрежи денес може да се сретне сѐ и
сешто. Но она што секогаш нѐ навраќа повторно кај истиот профил
е секако различноста, но и оригиналноста. Токму необични и целосно
различни оброци, буквално мали уметнички дела подготвува Данче Томашевиќ, која на Инстаграм се потпишува под севдонимот @mama.sa.limana.
Таа по потекло е од Гевгелија, но љубовта на нејзиниот живот и сегашен сопруг е од Србија, па така следејќи ја љубовта таа сега живее во Нови Сад. Гевгеличанката е мајка на три деца, Марко и близнаците Иван и Милан.
За себе вели дека е уметничка и креативна душа која постојано бара некој нов начин на изразување. По професија е дипломиран менаџер за бизнис и логистика, а моментално е целосно посветена на семејството и нејзиниот Инстаграм блог.
Данче е позната по нејзините декоративни дела, кои ги прави во украсни чинии. Изработеното е навистина воодушевувачко, особено интересно за дечињата, но и за возрасните, токму на оваа тема и за нејзиниот живот во Нови Сад и за секојдневието разговараме во оваа интервју.
* Како се запознавте со сопругот, која е вашата приказна ?
- Мојот сопруг и јас се запознавме месец дена пред истекот на неговиот договор во К.К. КОЖУФ, а веднаш знаевме дека сме еден за друг, тој е најдобрата личност која ја познавам во мојот живот. Кога тој се врати во Србија продолживме да ја одржуваме врската на далечина и после една година почнавме да живееме заедно. Заедно сме 10 години од кои 8 во брак. Ние двајцата сме еден обичен пар кој е потполно посветен на семејството, многу сакаме да патуваме и да истражуваме нови места, водиме активен живот и сакаме да поминуваме што повеке време во природа, така да кога и да сме во можност тоа и го реализираме. По природа сме едноставни и опуштени, секогаш можеме да се потпреме еден на друг и сме си најголема поддршка во животот, делиме исти вредности кон животот, а сето тоа е она што нѐ спои и што нѐ спојува.
* Како се снаоѓате со три мали деца, обврски и Инста блог, имате ли помош или сама успевате сѐ?
- Секојдневието со три мали деца е многу динамично и е потребна голема ментална и физичка сила, а и помош. Од самото нивно раѓање се трудев да воспоставам рутини по кои и ден денес функционираме, а тоа е навремено будење и спиење, оброци кои се во исто време, секојдневни прошетки предпладне и попладне, а јас се вклопувам во нивниот распоред и си посветувам време тогаш кога тие спијат, кога се во градинка или кога има кој да ги причува.
Се будам рано и тоа време е за мене, тогаш ги полнам батериите за цел ден. Наутро цртам, осмислувам постови, тоа време е за некои мои ритуали... Во суштина имам одредено приоритети и така функционирам, за она што е битно наоѓам време, а она што е помалку битно е на чекање и така во круг. Кога се во градинка имам повеќе време да ги позавршувам сите секојдневни домашни обврски и полесно се организирам и функционирам.
* Кога започнавте да создавате уметност со храна, од каде црпите идеја?
- Почетоците се врзани со почетокот на пандемијата и препораките да се седи дома, почнав да смислувам разно разни активности како да ги анимираме децата и да поминеме што поквалитетно време со нив дома. Една од тие активности беше и декорирање на храна. На почеток готвевме заедно, правевме колачиња, ја средувавме кујната, го миевме зеленчукот и овошјето, ја поставуваме масата за јадење... постариот син (близнаците тогаш беа многу мали) буквално го вклучив во цел процес на припрема на оброците и некако спонтано почнавме да правиме занимливи облици со овошје кои веќе ги имав видено на интернет и тоа многу му се допадна. Со текот на времето тој стануваше се покреаивен, а јас се повешта и почнавме да правиме приказни на чиниите кои со текот на времето почнав сама да ги скицирам, осмислувам и реализирам. Многу ми е жал што многу малку фотографии имам од тој период бидејки не постоеше никаква намера сето ова да прерасне во тоа што е денес.
- Инспирација имам толку многу што ќе ми бидат потребни неколку животи да успеам сето тоа да го реализирам. Во главно се трудам да сум во тек со актуелните случувања, обожавам да правам цртани јунаци кои ми се непресушна инсирација, исто така многу сакам да оживувам некои традицонални рецепти и симболи како што се Тешкото, Македонско девојче.... но секако децата ми се моја најголема инспирација!
* Така подготвена храна дали побрзо исчезнува од чинијата, дали се децата дел од креирањето и дали ви помагаат?
- Често напоменувам дека овие шарени чинии настанаа како резултат на една игра и забава и тоа остана и ден денес... не е начин на кој ги хранам децата, но секако е добар начин да ги поврзете децата со храната, на нив цел тој процес им е интересен и многу уживаат во истиот притоа учат за боите, вкусовите, текстурите, развиваат фина моторика и е еден супер начин кој ве зближува и вас како родител со детето, а на крај ќе ви биде драго и кога детето се слатко ќе изеде. Кога кажувам игра и забава не мислам да си играат со храната туку дека низ игра се доближуваат до храната.
Од кога мојот профил е јавен правам наменски постови за Инстаграм кои не секогаш се поврзани со децата, некогаш тоа се постови преку кои сакам да раскажам нешто интересно, да презентирам некој рецепт, некогаш нешто ми е предизвик да го направам, а некогаш се постови наменети за дечињата...
Со децата декорирам секогаш кога тие имаат желба за декорирање и тоа воопшто не изгледа така како кога креирам постови, воглавно тие се во фаза кога сакаат заедно да правиме сѐ, заедно да сецкаме овошје или зеленчук, а тие сами исецканото да го редат и најчесто прават цветови, виножита... некои едноставни форми... јас сум тука само да асистирам и да дадам некоја инструкција, тоа е убавината на овие декорирани чинивчиња - да ги вклучите дечињата и да им дозволите да прават сами свои приказни.
Кај нас моментално е борба кој ќе готви со мене, сите многу сакаат да ми помагаат... но кога креирам постови наменски за Инстаграм најчесто ги правам сама, бидејки тие ги правам кога спијат или кога се во градинка.
Понекогаш го вклучувам Марко, нормално дека тие се присутни тука секогаш, и го истражуваат секој мој пост и креација, гледаат (читај растураат), ми асистираат, се радуваат...
* Колку време ви е потребно за да декорирате една чинија?
- За креирање на еден автентичен пост е потребно многу време... тоа е еден долг мисловен процес кој може да потрае, потоа е потребна соодветна скица, а исто така потребно е и време да се осмисли соодветен рецепт кој ќе се вклопува во целата приказна и на крај самиот процес кој понекогаш е и по 3 саати..
За креирање едноставни детски чинифчиња не е потребно повеке од 10 до 15 мин,
Се случува да креирам шарени чинии за кои имам модел и за нив е потребно од половина час време, или максимално 1 час.
* Добивате ли коментари од вашите следбеници?
- До сега сите реакции биле позитивни, следбениците ми се огромна поддршка и постојано ми праќаат пораки да продолжам понатаму да се бавам со сето ова што го правам... Често кога ќе се случи одреден период да немам нова објава ми праќаат идеи во ДМ. Најчесто се тоа нешта кои што би можела да ги направам и бескрајно сум им благодарна за сета таа убава енергија која кружи на мојот профил, многу сум среќна што ги имам најдобрите следбеници.
Данче истакна дека за жал не доаѓа многу често во Македонија, но кога е тука освен родната Гевгелија, сака да ги посети Скопје, Струга, Охрид и Дојран, особено селото Ума од каде потекнуваат и нејзините корени.
* Покрај обврските со децата и вашиот Инстаграм блог, имате ли време за уште некое хоби?
- Во зависност од моменталните желби, така се развива и по некое ново хоби во мојот живот, ги имам многу, но они кои биле моја најголема љубов се правењето на накит – хоби на кое веројатно во некој момент ќе му се вратам, сликање и цртање, шминкање, креирање гардероба, готвење на нови рецепти, правење торти...
- Правењето торти и колачи се една моја посебна љубов веќе долги години, па и пред да имам јавен профил имав побарувања некому да му направам некоја торта и да ја декорирам. На мое големо задоволство... сега имам уште повеќе, но за сега останува да декорирам само во кругот на најблиските заради недостаток на време. Неодамна, бев поканета како гостинка во две градинки каде правев шарени чинивчиња за дечињата кои беа бескрајно радосни и среќни и со сласт изедоа сѐ.
Томашевиќ, на прашањето каде се гледа за 10 години од сега низ насмевка вели:
- Она што прво ми падна на памет е со три пубертетлии кои јадат по табла јајца за доручек, се шегувам... Каде и да сум за 10 години се гледам како задоволна, исполнета и среќна жена.
Наталија Миланова
Фото: Приватна архива