Ѓоко Хаџиевски за прославата на празникот во Саудиска Арабија: Арапите го почитуваат Велигден, а ние Рамазан – јадеме по 18 часот, тренираме навечер

Добивај вести на Viber

Нашите сонародници ширум светот деновиве го одбележуваат Христовото Воскреснување - од Америка и Австралија идо бројни европски земји. Исто и тие кои поради спецификата на својата работа живеат во егзотичните земји во Азија. Еден од нив е и легендарниот Ѓоко Хаџиевски, тренер на клубот Најран од истоимениот град, кој се наоѓа на југот на Саудиска Арабија, блиску до Јемен и Црвеното море.

-Тука првпат дојдов пред 11 години и ги постигнав најголемите резултати во историјата на клубот. Годинава се враќам по вторпат. Правилно името ми е Ѓокица. Не знаат да го напишат и воглавно тука ме знаат како Ѓокика. Верник сум, одам често во црква, ги почитувам сите наши православни празници и ја чувствувам убавината на нашата првавославна традицијаЗа жал, тука во Саудиска Арабија нема цркви. Во Емирати има и кога живеев и работев таму, секогаш одев во црква за време на најубавите наши верски празници, Божик и Велигден– вели Хаџиевски и дополнува дека неговото семејство ги почитува сите обичаи за Велигден.

- Моите најблиски во Македонија, редовно одат во црква и палат свеќа и за мене, кога не сум таму. Мојата сопруга Тања уште на Велики Четврток рано наутро бојадисува јајца и се труди да бидат убаво педантно изработени и добро декорирани. Кога сум во Македонија за некој празник, тогаш сите се собираме дома на празничната трпеза. Во Најран немавме можност да бојадисуваме јајца. Но, со моите соработници Филип Деспотовски, Филип Спасески и Филип Маџовски ги испочитувавме сите обичаи. На Велики петок постевме, јадевме варена храна или салата, а за Велигден набавиме јагнешко. - открива тој.

Вели дека Арапите го почитуваат празникот. Истата почит ја покажува и тој кон нивните празници.

- Добивме многу честитки за Велигден. Оваа година нашиот Велигден многу блиску се совпаѓа со нивниот Рамазан Бајрам. Со моите соработници се однесуваме многу пристојно во однос на нивниот ред. Не излегуваме и не јадеме пред нив до почетокот на Ифтарот. Тренираме доцна во 22 часот. Навечер сме будни, денот скоро го преспиваме, па така и ние навикнавме да јадеме после 18 часотПонекогаш сме поканети да гостуваме на различни места за Ифтарот– посочува Хаџиевски и дополнува.

- Со најблиските и пријатели си честитавме со видео повик. Во тек сме со сите настани, ја следиме програмата на Македонската Телевизија и на останатите телевизии. На Фејсбук веќе разменуваме безброј честитки и со нашите и со Муслиманите, зашто веќе три недели сме во нивниот најголем празник Рамазан– вели тренерот.

Соња Алексоска Неделковска

фото: Приватна архива