Ѓорѓе Давид уште во јануари ѝ прогнозираше победа: Славица Ангелова е мала темпирана бомба

Добивај вести на Viber

Вчеравечер 17 натпреварувачи се обидуваа да победат во 16-тиот по ред натпревар на „Ѕвездите на Гранд“. Славица Ангелова и Драган Ѓуриќ останаа до самиот крај, а струмичанката ја однесе победата

Имено таа доби 17 илјади гласови повеќе од кандидатот на Цеца.

– Вицешампионот доби 71.747 СМС гласови, а победникот 88.367 гласови – рече Саша Поповиќ.

Наградниот фонд за оваа сезона е значително повреден од минатогодишниот. Првопласираната ќе биде наградена од продукцијата „Гранд“ со песна и спот, како и со маркетиншка кампања, а ќе ѝ биде подарен и автомобил Фиат Типо.

Менторот на Славица, Ѓорѓе Давид, не можеше да ја сокрие среќата и ентузијазмот за триумфот и беше целосно во транс, го вееше македонското знаме, додека Славица ја пееше „Угаси ме“ од Парни Ваљак.


Имено тој уште во јануари годинава, во ексклузивно интервју за Женски Магазин беше убеден дека токму Славица е неговиот сигурен финалист и не ги штедеше пофалните зборови за младата пејачка.

„Нема да верувате, но повторно имам личност од Македонија. Ангелова Славица од Струмица. Таа е нешто ретко. Ова јас ви го кажувам сега, кога сме на вториот круг. Што се однесува лично до мене, единствено болеста може да ја одвои од финалето. За мене таа е личност која ќе оди во финалето. За мене таа е личност во мојот тим за која сигурно ќе се борам да дојде до финалето. Имам право на свои фаворити, имам право некој да го ставам на пиедесталот во својата група, одлучив тоа да биде таа, исклучиво од квалитативните пејачки причини.

Таа е мала темпирана бомба, која е неверојатна и да не биде дека не сум кажал на време - Македонија мора да се разбуди и Македонија мора ова мора да го сфати, како што го сфаќаат фудбалот, како што ја сфаќаат кошарката, така треба да ја сфатат и оваа малечка во натпреварувањето „Ѕвездите на Гранд“ оваа година, бидејќи ќе дојде до финалето, скоро па сум сигурен. Кога ќе се случи тоа, подгответе се, гласајте за неа, за влакно сте до тоа да го префрлите победникот од ова натпреварување оваа сезона кај вас, во вашата Македонија.“


Прогнозата му беше 100% точна и неговата и наша 21-годишна Славица Ангелова ѝ ја донесе победата на Македонија во финалето на „Ѕвездите на Гранд“. Таа пак кажа дека тој е најдобриот ментор и дека му е благодарна за целото негово внимание. Сигурни сме дека ѝ претстои одлична кариера.

*Д. Караташова Илиоска