„Гласот на езерото“ технолошко - музички проект кој не потсетува за раритетната природна убавина на Охридското езеро!

Добивај вести на Viber

По само неколку дена откакосе промовираше иновативниот проект и официјално беше пуштена во употреба интернет страницата „Гласот на езерото“, не стивнуваат позитивните коментари и критики од пошироката, но и од стручната јавност.

Станува збор за несекојдневно технолошко - музичко патување кое ја буди фантазијата и ги разнежнува сите сетила. Музика од звуците на Охридското Езеро, која за првпат ни е овозможено да ја слушнеме благодарение на проектот кој е инициран од Македонски Телеком, а прoизлегува од долгогодишното партнeрство со Охридско лето. Гласот на езерото на уникатен начин ги спои уметноста, технологијата и природата. При тоа, нашиот единствен Џијан Емин успеа звукот од Охридското езеро да го претвори во безвременско парче музика која ја разгалува душата, потсетувајки нè при тоа уште еднаш на природната убавина со која располага нашата земја. 

Бранка Костиќ-Марковиќ, инспирирана од „Гласот на езерото“, ќе рече:

„Природата е вечна инспирација за сите уметници во сите периоди на историјата. Проблемот денес е што сè помалку знаеме и можеме да ја слушнеме и видиме, поради замаскираноста на нашите сетила од ‘придобивките’ на цивилизацијата, а консеквентно на тоа и поради нашата отапена свесност за нејзините вредности. Ние наместо да ја впрегнеме технологијата во служба на одржување на природните ресурси, речиси редовно ја вртиме против нив, против нас самите. Оттука, дадениов моментум итно (ако не е веќе предоцна) треба да се менува, да не кажам, лекува. Мораме, како знаеме и умееме, повторно да си ги изостриме сетилата, да си ја повикаме свеста, да ги употребиме сите скриени ‘оружја’ за спас на планетата. А, отсекогаш, кога и да станувало збор за потреба од големи, револуционерни промени, сум ја истакнувала уметноста како една од најмоќните алатки за остварување на таа цел. Тоа и прво ми падна на памет кога ја видов веста за проектот ‘Гласот на Охридското Езеро’. Очигледно е дека овој природен бисер почна да го губи својот сјај поради нас и дека е на самиот раб на уништување. Оттука, сакам да ги поздравам сите вакви напори за подобрување на состојбите и спас на она што сè уште може да се спаси. Кога ги слушнав првите тонови на музиката на Џијан и кога ја прочитав идејата за уметничко претопување со звуците на Охридското Езеро прво ‘нурнав’ во морските длабочини на еден од моите омилени филмови ‘Големото синило’ на Лук Бесон, а веднаш потоа се сетив и на еден настан од којшто и денес ми одат трпки по телото, а тоа е гласот на пијаното во фузија со патувачките ледени блокови низ океанската шир. Имено, станува збор за несекојдневиот уметнички чин во 2016 година, кога како дел од кампањата на организацијата ‘Гринпис’ италијанскиот композитор и пијанист Лудовико Енауди го искористи Арктичкиот Океан, особено теритоторијата на Свалбард во Норвешка, за да го изведе своето дело ‘Елегија за Арктикот’. Мотивиран од кампањата која е насочена кон прекинување на експлоатацијата на нафтата и риболовот во акваториумот околу Северниот Пол, но пред сè поради личната загриженост од глобалното затоплување, Енауди својот порив го преточи во музика којашто ја изведе пловејќи на платформа на само 100 метри оддалеченост од распаднатите санти лед на архипелагот Шпицберг на северот на Норвешка. Овој уникатен уметничко-активистички чин ги одушеви сите во светот. Со право. Ова, за среќа, не е единствениот акт на уметниците во полза на освестувањето за промените во природата и борбата за нејзината заштита. Така, пред само еден месец ја прочитавме веста дека познатиот пејач и гитарист на ‘Пинк Флојд’, Дејвид Гилмор, продаде 127 гитари од својата приватна колекција за повеќе од 21 милион долари. Парите од оваа добротворна аукција одржана во Њујорк, којашто траела осум часа и имала понудувачи од 66 земји ширум светот, се наменети за борба против климатските промени. Во оваа пригода самиот Гилмор ќе рече: ‘Глобалната климатска криза е најголем предизвик со којшто човештвото некогаш ќе се соочи и за неколку години последиците од загревањето ќе бидат неповратни’. Се надевам дека продажбата на овие гитари ќе помогне на ‘Клајент ерт’ во нивната намера да го искористат законот и да донесат вистински промени. Потребен ни е цивилизиран свет за нашите внуци во кој на овие гитари ќе се свират и пеат песни. И навистина, потребен ни е цивилизиран свет. Потребни ни се совесни граѓани, чист ум и чиста околина, потребен ни е Охрид со целиот биодиверзитет, потребна ни е уметност, во сите ситуации, а особено неприлики. Оттука, ‘Гласот на Охридското Езеро’ го доживувам како едно убаво потсетување, но и апел за освестување за раритетната природна убавина што ја имаме во нашата земја и ургентноста од нејзината реафирмација, во нашите глави и пред светот“, вели Бранка Костиќ-Марковиќ.