Гледате во една од најубавите Македонки: Ана Марија Јанковиќ за соработката со престижен моден бренд
Велат дека македонките се едни од најубавите жени на светот. Тука нема да негираме, особено кога ќе погледнеме околу нас, убавината е дефинитивно карактеристика на жените од Македонија. Секогаш скоцкани, убаво негувани, верувам дека машкиот дел од нашите читатели најмногу ќе се согласи со мене.
Дека убавината на македонките е надалеку позната, доказ е и младата Ана Марија Јанковиќ, која периодов по втор пат работи за еден престижен светски бренд- Guess. Последниве денови актуелен е e-com shooting-от, а за нашите читатели оваа атрактивна битолчанка со хрватско потекло, која живее во Скопје, откри неколку тајни од модниот свет.
Но, пред да не воведе во модниот свет во кој таа работи, да се потсетиме дека дружењето со фотоапаратите и камерите не и беше непознато уште од дете, кога присуствуваше на снимањата на нејзиниот татко. А од друга страна, нејзината мајка која е медицински работник, беше (и е препознатлив мејкап артист) , за оваа млада битолчанка може да се каже порасна на сет, учејќи ги тајните на модата и убавината. Се појави во неколку музички видео записи, реклами, не само наши туку и светски, на наши насловни, но и на насловна страна на турски моден магазин.
„Најважно е да го одработите професионално вашиот ангажман“, ќе каже Ана Марија, „а препознатливоста, славата и се останато е пропратно и второстепено“.
*Како дојде до соработката за модниот бренд Guess и какво е чувството да се работи за нив?
А.М.Ј.- Мојата соработка со Guess започна во 2020 година. Контакт со нив остварив преку мојата матична агенција од Србија поточно Real Women Agency.Чувството е прекрасно, бидејќи се големи професионалци и третманот кој секој модел го добива таму е неспоредлив со други места каде што сум работела. Сон на секој модел е да биде дел од големата Guess фамилија.
*Како изгледа еден ден на снимање ?
А.М.Ј.- Рано наутро најчесто во 08:00 часот доаѓа возач кој ме зема од хотелот и ме носи во седиштето на Guess за Европа. Таму се наоѓаат студијата во кои се фотографира. Следува шминка и фризура и се разбира после тоа најопуштено и забавно фотографирање. Не се чувствува колку брзо поминува денот, бидејќи луѓето со кои работам се феноменални и секогаш расположени и насмеани.
*Ова не е прва соработка со Guess. Кога беше првата и како изгледаше кастингот?
А.М.Ј.- Првата соработка беше во Јануари 2020. Не се работеше за класичен кастинг, туку бев предложена за соработка од страна на мојата матична агенција на г. Пол Марциано ( сопственик на Guess и Marciano).
*Кои личности кои ги запозна при самата работа, ти оставија впечаток?
А.М.Ј.- Се запознав со многу модели, фотографи, стилисти, make up артисти, но најголем впечаток ми остави г. Пол со неговата едноставност и приземност.
Ана Марија е дел од повеќе реклами и музички спотови.
*Каков е предизвикот да се работи реклама, а каков музички спот?
А.М.Ј.- Секоја работа ми претставува голем предизвик и со задоволство и голема професионалност ја работам истата. Најчесто ме има во музичките спотови кои се изработени од страна на продукцијата на мојот татко.
*Пред оваа соработка со Guess имаше снимање во Турција. За што се работи?
А.М.Ј.- Во Турција престојував 1 месец и имав соработка со Ice Models Agency, соработував со доста турски модни дизајнери и се најдов на насловна страна на познато модно турско списание.
*Каква е работата во Македонија и каква надвор од нашата држава? Кои би биле позитивни, а кои негативни впечатоци?
А.М.Ј.- Со оглед на тоа што најчесто работам со мојот татко и скоро во 90% од сетовите тој е позади објективот, зборувам за во Македонија, најубаво ми е тука. Меѓутоа и работата надвор од нашата земја ми претставува големо задоволство.
Таткото на Ана Марија е познатиот фотограф Дарио Јанковиќ, кој најчесто е зад фотоапаратот и камерата на многубројните нејзини проекти.
*Кои совети најчесто ти ги дава твојот татко?
А.М.Ј.- Уште од малечка сум секаде со татко ми каде што работел, запознаена сум со тој свет од најрана возраст. Ја имам разбиено таа фото трема и имам собирано совети за како треба и не треба да се однесува еден модел пред камера. И најголем совет од татко ми е секогаш да бидам природна и тоа што сум, и пред и позади камерите.
*Кои совети ги дава мајката Сандра, која е медицински работник ,но и често задолжена за make up-от ?
А.М.Ј.- Мајка ми покрај тоа што е медицинско лице, подолг период работеше како мејкап артист и чувството за естетика сум го наследила од нејзе. Меѓутоа со оглед на тоа што е битолчанка има совет што ми го има дадено и го практикувам, а тоа е : „Несредена и без шминка не се оди ни до продавница” .
Ана Марија е по потекло од Хрватска.
*Колку те влече оваа земја ?
А.М.Ј.- Ја сакам Хрватска и кога имам ангажман да работам таму ми е многу драго и се чувствувам како на своја територија.
*Имаш ли некои омилени модели од Македонија, а некои и од странство?
А.М.Ј.- Омилен модел посебно да издвојам не можам, меѓутоа личности на кои се огледувам се Sasha Luss и Rosie HW.
*Кој е следниот проект ?
А.М.Ј.- Моментално најблизок следен проект е кампања за костими за капење за Sara Fashion.
*Каква е реакцијата и поддршката од битолчани, но и пријателите од Скопје ?
А.М.Ј.- Имам многу пријатели и во Битола и во Скопје и од сите нив имам навистина голема поддршка.
Неда Маретиќ
Фото: Татиана Герусова и Дарио Јанковиќ (приватна архива Ана Марија Јанковиж)