Го празнуваме Преподобен Симеон Столпник: Еве што треба да направите денес
Родум Сириец, од родители селани. Во својата осумнаесетта година побегна од родителите и се замонаши. Се предаваше себеси на најтешки подвизи, понекогаш постејќи по четириесет дена.
Потоа се предаде на особен подвиг: имено, деноноќно стоеше на столб, во непрестајна молитва. Неговиот столб најпрво беше висок шест лакти, потоа му подигнаа еден од дванаесет, па од дваесет и два, па од триесет и шест, и најпосле столб висок четириесет лакти. Мајка му Марта двапати доаѓаше да го види, но тој не ја примаше, туку од столбот ѝ рече: „Не ме вознемирувај сега, мајко, ако се удостојам ќе се видиме во оној свет.“ Свети Симеон претрпе безбројни напади од демоните, но сите ги победи со молитва кон Бога. Овој светител изврши големи чуда и мнозина болни ги исцели со збор и со молитва.
Околу неговиот столб притекнуваше народ од сите страни, богати и сиромашни, цареви и робови. И тој им помагаше на сите: на некои враќајќи им го телесното здравје, на некои давајќи им утеха и поука, а некои разобличувајќи ги заради нивната еретичка вера. Така ја одврати царицата Евдокија од Евтихиевата ерес и ја приведе кон Православието. Свети Симеон се подвизуваше за време на царевите Теодосиј Помладиот, Маркијан и Лав Велики.
Овој прв столпник во христијанството и голем чудотворец поживеа сто и три години и се упокои во Господ на 14 септември, 459 година. Неговите мошти се пренесени во Антиохија, во црквата посветена на неговото име.
Во некои краишта се верува дека од денеска почнува времето на есенската сеидба. Затоа во многу села на овој ден е зачуван обичајот да се носат семиња од дома во црква за попот да го благослови и со тоа да обезбеди добра година.
Исто така, на овој ден задолжително е да се види каква е Месечината. Ако е млада, тоа значи дека зрното добро ќе дава и дека цела година ќе биде плодна.
Свети Симеон Столпник најмногу го почитуваат земјоделците. Тој што сее коноп треба да почне уште денес, но пред да сее во семето да стави три варени јајца. Подоцна да ги изедат орачите. Се верува дека на овој начин конопот ќе биде бел како јајце.
Нашите постари веруваат дека свети Симеон на овој ден го штити родот од секакво зло и затоа треба да се фрли семе во ораното поле, макар и „два прста“, за годината да биде плодна и родна за сите.
Нашата црква, како и некои други православни заедници ширум светот кои го почитуваат јулијанскиот календар, на овој ден ја слават новата година на црквата.
Фото: денови.мк/ Женски магазин - В. Тануровски