Горан е мојот дијамант: Надица Пандев зборува за својот сопруг, капитенот на македонската фудбалска репрезентација
Се слушнавме два дена по големиот успех на нејзиниот сопруг Горан Пандев, кој со двата гола против Беневенто, дојде до бројката од 100 голови во италијанската Серија А. Стана првиот фудбалер од просторите од поранешната СФР Југославија кој постигнал таква бројка. Во гласот на Надица Пандева (36) беа забележливи возбудата и среќата. Факт кој уште еднаш ги разбива предрасудите дека жените на фудбалерите немаат многу разбирање за најважната споредна работа на светот – фудбалот.
Ја прифати понудата за интервју и покрај обврските во овој период, поврзани со преселбата во друг дом во Џенова. Ако се суди според телефонскиот разговор, таа е исклучително срдечна и искрена личност. Максимално се вложува во идејата да има здраво, функционално и среќно семејство. За неа, тоа е доказ за љубовта, а не одрекување. Ужива во секој миг од растењето на нивните Филипо (11), Ана (9) и Софиа (2,5), за кои истакнува дека се мирни и разумни деца.
*Ако се суди според сите достигнувања на Горан, голем придонес во тоа имате и вие како негова сопруга, обезбедувајќи му топла семејна атмосфера во која се враќа после секој натпревар. Дали е тешко да се биде сопруга на професионален фудбалер?
- Да, воопшто не е лесно да се одржи една нормална семејна атмосфера. Горан повеќе време поминува надвор од дома. Тренинзи, натпревари, патувања. Тие се неизоставен дел од неговата професија. Со децата имаме големо разбирање за неговата професија. Истовремено ја знаеме и ја почитуваме неговата вредност. Се трудиме сите проблеми, кои се јавуваат како и во секое семејство, да ги решиме на свој начин. И што е најважно со договор и разбирање. Се вложуваме максимално да живееме во топла семејна атмосфера.
Соседите доаѓаа пред нашиот дом да аплаудираат
*Како се носите со сите победи и порази, убави и не толку наклонети денови?
- Кога се победува, среќата е преголема. Понекогаш ја споделуваме со најблиските преку онлајн комуникација. А и со соседите. Кога Горан играше во Наполи, соседите доаѓаа пред нашиот дом да му аплаудираат. Поразите се дел и од фудбалот, исто како и од животот. Во тие мигови се обидуваме со децата да го прекинеме молкот. Тагата да ја замениме со позитвна енергија.
* На кој успех на вашиот сопруг сте најгорди?
- Најмногу сум горда на голот што го постигна против Грузија, кој нé однесе на Европското првенство. Тоа е голема радост и за нас и за Македонија. Среќна сум што му се оствари тој голем сон.
*Живеевте во различни земји, но најмногу време поминавте во Италија. Изминативе шест години во Џенова. Колку се промени начинот на живот во градот со појавата на Короната?
- Како и целиот свет, така и ние почувствувавме голема промена во нашиот живот. Слободата на движење беше ограничена, децата следеа онлајн настава. Сите физички контакти беа заменети со онлајн контакти. Но, полека животот се враќа во нормала и се надевам дека оваа година сé ќе биде во ред.
Ги почитувам сите обичаи за Велигден
*Се ближат велигденските празници. Како ќе ги прославите, ги почитувате ли обичаите?
- Прославата ќе биде во кругот на семејството. Ги следам сите обичаи поврзани со празникот. Го практикувам и Велигденскиот пост. Велигденските јајца ги бојадисувам на Велики четврток, наутро пред изгрејсонце. Обично се во црвена боја. Првите три јајца се за: Господ, семејството и за успех во работата.
*Сакате ли да готвите и дали на велигденската софра ќе доминираат македонски или италијански специјалитети?
- Обожавам да готвам. Едноставно уживам кога сум во кујната. Подготвувам јадења од различни кујни. Сакам да откривам нови вкусови. За Велигден на софрата ќе доминираат македонски специјалитети.
*Доаѓаат ли на гости соиграчите на Горан? Што најмногу ги воодушевило од нашата кујна?
- Да, тоа се случува постојано. Со задоволство им подготвувам македонски специјалитети. Најмногу се воодушевени од мусака и сарма. Го сакаат и ајварот.
*Се дружите ли со жените на другите фудбалери?
- Да, постојано. Кога сопрузите се во карантин, ние излегуваме на кафе или прошетка заедно со децата. Исто беше и кога живеевме во Наполи, Милано, Рим и Џенова. Со сите продолжив да го одржувам пријателството. Ги почитувам сите жени на фудбалерите, бидејќи се соочуваме речиси со исти предизвици како жени и мајки.
*На теренот е брилијантен фудбалер, но каков е Горан како сопруг и татко?
- Многу сум среќна што го имам Горан за сопруг. Тој е прекрасна личност, добар татко и сопруг. Тој е мојот вистински дијамант.
СОЊА АЛЕКСОСКА НЕДЕЛКОВСКА