И двете возат автобуси во Скопје: Марија и Сања рушат предрасуди со професијата која ја имаат

Добивај вести на Viber

Денес повеќе од секогаш, изгледа дека разликата помеѓу „женските“ и „машки“ професии не постои. Двете дами кои ги рушат сите предрасуди кај нас се Марија Цветковска и Сања Богдановска.

И двете се остварени сопруги, и мајки а денес го живеат сонот од детството. Возат автобуси во ЈСП. Ова не така вообичаено занимањe за жени Марија го избрала по примерот на машките членови од семејството. Возачи биле нејзиниот татко, чичковци, дедовци. Сања пак уште од мала мечтаела да вози автобус,а желбата пораснала и покрај нејзиниот татко кој бил вработен во ЈСП.

Иако не е ниту малку лесна работа, која бара голема концентрација и претпазливост, Марија и Сања велат дека е доста интересна.

За Женски магазин, тие ја раскажаа нивната автобуска приказна .

Марија Цветковска има 39 години. Мажена е во Драчево за Горанчо кој е нејзин колега, возач на автобус. Плод на нивната љубов се двете деца-ќерката Матеа (7) и синот Михаил (4).

Сања Богдановска има исто 39 години. Таа е сопруга на Јовица и мајка на три прекрасни деца: Марко 18 години, Петар 14 и Јана 2 ипол години. Живеат во Автокоманда.

Марија лево - Сања десно

ЖЕЛБА ДА ВОЗАТ АВТОБУС ПРЕГОЛЕМА УШТЕ ОД МАЛИ НОЗЕ

-Желбата за возење започна на најрана возраст. Можам да кажам дека голем дел од возењето го научив само со гледање што прави татко ми додека вози. Само што почнав да ги стигнувам педалите седнав да возам. Тоа беше некаде на 13 годишна возраст. Постепено низ годините се појави желба за возење на габаритни возила. На 21 година полагав за камион и релативно подоцна на 28 години полагав за автобус. Желбата за возење беше многу голема и две години откако ја земав возачката се вработив во ЈСП, ја почнува приказната Марија.

Од друга страна упорноста на Сања и сонот да биде возач на автобус и сѐ исполниле во 2012 година кога се вработила во ЈСП.

-Желбата да возам е од мали нозе . Во ЈСП се вработив во 2012 година и тогаш мојот сон се исполни . Патот беше тежок. Конкурирав неколку пати на огласите, но упорноста и храброста победија, ни раскажа Сања.

Марија Цветковска

Ги прашав како реагирале нивните најблиски на одлуката да бидат возачи на автобус

-Потекнувам од фамилија на професионални возачи. Татко ми, чичковците, дедовците сите беа возачи на автобус во ЈСП. Имав голема поддршка од сите нив и како избор на професија за нив беше сосема нормално прифатено. Предрасуди од околината отсекогаш имало и ќе има, за жал-ни открива Марија.

Најголема поддршка за Сања да ја избере оваа професија, биле нејзините родители.

-Секогаш имав поддршка од моите родители, мојот татко беше вработен во ЈСП но не успеа да ме види како возач на автобус-вели Сања, додавајќи дека сега има голема поддршка од сопругот.

-Во моментов ако не се лажам сме само три колешки што возиме автобус.Јас во работните денови возам на 41А од селото Драчево до клинички центар, во сабота на 41, а во неделите може да ме видите на било која линија во зависност од потребите, истакнува Марија.

Сања пак, ни кажа: Возам двокатен автобус моментално на линија број 41 во двократна смена, започнувам во 4:30 се до 9:00 часот наутро, одмарам и повторно се вклучувам во 13:00 часот до 17:00.

Сања Богдановска

КОЛКУ Е НАПОРНА РАБОТАТА ВОЗАЧ НА АВТОБУС

Работата е напорна. Во сообраќајот во градот се вози лошо , луѓето немаат трпение не му даваат предност на автобусот кога се вклучувам од постојка, не се внимава на престојување паркирани возила на постојки, но кога ја сакаш работата сѐ се надминува, ни вели Сања.

И Марија потврдува дека работата е многу тешка .

„Затоа сме и во толку мал број на жени вклучени во оваа професија. Јас ја сакам оваа работа и искрено уживам во неа. Дискриминацијата е сведена на минимум и веќе постои рамноправност меѓу половите“, искрена е Цветковска.

На Сања и се има случено со сопствено возило да застане на постојка за да качи патници...

Како реагираат патниците кога ќе видат дека дама ги вози ?

Патниците реагираат позитивно. Имаме поддршка особено од жените, посочи Богдановска и ни откри една анегдота од нејзиното секојдневие:

„Возам на линија број 3 цела недела, следната сум на 50 ка, ме гледа патник влегува, ме поздравува и си седнува, вртам лево накај трговски центар патникот доаѓа и ми вели девојче каде одиш кој број е ова? Ме замисли и мене (се смее). Оф, извини јас не ја видов бројката ве видов вас и си влегов, цела недела се возев со вас мислев дека е 3 ка“, раскажува Сања не срамејќи се да ни признае дека и се случило и со својот автомобил да застане на постојка за да качи патници.

Патниците се караат со нас, но не изостануваат ни пофалбите

Реакцијата на граѓаните е многу интересна. Има најразлични ситуации. Застануваат на пешачки да ме видат , да ме поздрават, ме сликаат со телефони, ми мафтаат...

Има многу интересни случки , а исто така и непријатни ситуации. Непријатности најчесто се појавуваат кога заради метеж во сообраќајот најчесто кога има протести не можеме да го запазиме времето на тргнување и доцниме, па патниците се караат со нас мислејки дека ние некаде стоиме одмараме и си пиеме кафе. Интересна е недовербата на патниците кога треба да се возат со нас како жени, но по завршување на патувањето секогаш наидувам на пофалби и пријатна изненаденот кај патниците-вели од друга страна Марија.

А што ги вади од такт, дамите возачки на автобус? Што ги мотивира, и колку пријателства може да се стекнат меѓу возач-патник...

Марија Цветковска со семејството

Во оваа работа најмногу ме нервира непочитувањето на сообраќајната сигнализација, непочитување на сообраќајните правила и прописи , недостатокот на сообраќајна култура ,а најмногу од се непропуштање на автобусот да се вклучи во сообраќај од постојка што е пропишано во Законот за безбедноста на сообраќајот во член 22 точка 1.

Ме мотивира динамичноста на професијата и средбата со најразлични луѓе. Пред пандемијата се стекнуваа многу нови пријателства, а сега ситуацијата е малку променета, изолирани сме и избегнуваме директни контакти, потенцира Цветковска.

Сања, најмногу од такт ја вадат младите возачи кои ги нарекува фраери.

„Па има и такви ситуации кога можат да ме извадат од такт особено младите возачи (фраери) стоиш во колона тие одат во спротивен правец и кога ќе наиде возило од другата страна веднаш го сече автобусот да влезе во лентата притоа не размислувајќи дека со тоа го загрозува неговиот и животот на патниците. 

Да , се стекнуваат пријателства при возење но сега поради ситуацијата со вирусот ковид 19 затворена сум во кабина и немам контакт со патниците. Работата ја сакам и ме исполнува, среќна сум и ќе останам зад воланот се додека ме служи моето здравје“, искрена е Сања.

Колку жената може да биде успешна во машка професија

-Според моето мислење не постои женска и машка професија. Оваа професија е исклучително тешка и одговорна, бара многу концентрација и добра кондиција. Со оглед на сите обврски што ги има жената во домот и семејството работава е многу напорна. Мислам дека со текот на времето мажите не прифатија како дел од тимот (се смее).  Жената може да успее во секоја професија доколку е одлучна и точно знае што сака, вели Марија

-Мислам дека жените можат да се снајдат во секој поглед во работата, не е потребно сила потребно е памет, жените се повеќе, внимателни по културни и повеќе внимаваат на сообраќајните правила, вели Сања.

Сања Богдановска со семејството

НАЈТЕШКИОТ ПАТ НА МАРИЈА И САЊА...

-Најтежок беше почетокот кога искуството беше мало , но имав одличен тим на колеги меѓу кои и татко ми и ме научија да работам онака како што треба , а никогаш не ми паднало на памет да се откажам. Краток период имав промена на работно место. Бев заменик сменоводител во автобаза меѓутоа не се пронајдов таму-истакнува Марија.

Лесно од поставените цели не се откажува ниту Сања.

-Не се откажувамтака лесно (секо гаш си велам можеш ти ). Животот носи се и лошо и добро но мора да се гледа само напред и храбро-посочува Богдановска.

Деновите кога не сум на работа , најмногу ги поминувам со семејство а најголемо внимание и посветувам на малата принцеза Јана, вели Сања.

Максимално времето со семејството кога е слободна го поминува и Марија.

„Кога не сум на работа времето гледам максимално да го поминам со моите деца и со сопругот. Си играме, се шетаме, се забавуваме, а секогаш наоѓам време и да прочитам нешто“, ни открива Марија.

Пораки до женскиот пол од дамите возачки на автобус

Рецепт за успех е ХРАБРОСТ. Поздрав до сите жени и да го надминат стравот од возење. Само слободни и без страв ќе можат да владеат со возилото, вели Марија.

До сите жени: Бидете здрави, живи и упорни и за крај да бидеме побројни жени возачи на автобус – порачува пак Сања.

Ирена Ставрова