И најубавиот човек без харизма е само предмет: Искрено со Марија Лозаноска
За својот блог „Писателката од Лозана“ вели дека нејзиното алтер-его. Инспиративните текстови од блогот жените често ги споделуваат и во нив се пронаѓаат. Марија Лозаноска е горда на целата уметност што ја носи во себе, горда е на своите два романа „Големото Л“ и „Другата“, на рачниот накит којшто го изработува а горда е и на својот постар брат, Влатко Лозаноски- Лозано. Следејќи ја Инстаграм, за оваа убава дама ќе откриете многу нешта, од лични приказни до мотивирачки мисли, напишани на читлив јазик и на примамлив начин. Во една објава, писателката раскажува за тоа како сосема неочекувано била поканета да биде модел на познат бренд на долна облека иако како што и самата вели, целиот живот се бори со вишокот на килограми. Во друга пак зборува за денот во кој лекарите ѝ го спасиле здравјето го слави како втор роденден. Дел од својата душа, Марија Лозаноска откри за „Женски магазин“.
* Кога започна да пишуваш, кои се првите стихови и првата проза која ја имаш напишано?
- За своите таленти бев
свесна уште од најраните училишни денови и гледав уште оттогаш да ги негувам.
Нескромно морам да кажам дека поседувам неколку таленти, но секогаш пишаниот
збор победувал над сите и тој е оној кој ме дефинира најдобро. Сум учествувала
на секакви натпревари и апсолутно секој ден сум пишувала низ тетратки поезија,
мојата прва љубов. Токму поради љубовта кон пишувањето и македонскиот јазик,
дипломирав како македонист и книжевник и факултетот беше тој кој ми помогна за
пишувањето романи. Тоа следно ниво ме внесе во тој свет на сериозното пишување
наречено роман кое не е воопшто лесно. Првите стихови и прози биле кога сум
научила да пишувам и јасно се сеќавам дека на тогашната учителка ѝ кажував дека
сакам да бидам писателка, што ми се оствари во возрасниот свет со два објавени романа
и како текстописец на неколку хита.
* Твоите дела можат да се најдат на блогот „Писателката од Лозана“, колку често пишуваш, што најмногу те инспирира?
- „Писателката од Лозана“ се роди во 2013 година и морам да кажам дека уште расте. Таа е моето алтер-его и е онаа Марија која е слободна и шета низ секакви искуства. Низ овие години пишувам онака како што чувствувам и колку што можам, но гледајќи наназад мило ми е што сум го зачувала истиот стил на пишување кое ми е многу битно да го разберат сите, не само познавачите на книжевноста, и тоа дека сум останала и покрај сè нерасипана личност која длабоко гледа на работите и е на страната од вистинските вредности на животот. А, животот е тој што ме инспирира. Животот составен од среќа, тага, патешествиија, љубов.
* Текстот со наслов „Те изгубив, така и ми треба“ беше доста споделуван од страна на женската публика. Дали твоја лична приказна е поврзана да го напишеш, како настана оваа приказна?
- Тоа е еден постар наслов од мојот блог кој е пишуван во машки род. Се работи за оној ранлив машки глас кој скоро никогаш не излегува гласно поради нивната природа да се покажат секогаш силни, но и поради машкото его кое секој од нив го поседува. Всушност, тука раскажувам од страна на една машка личност која се исповедува во себе дека му е тешко што ја изгубил саканата личност, но дека тоа никогаш нема да го каже на глас туку напротив, ќе се однесува како ништо да не му е. Читан, споделуван и повторно препрочитуван е затоа што тие зборови скоро и никогаш не ги слушаме од страна на машкиот род затоа што тие карактерно не се како нас, односно не ја споделуваат емотивната страна од себе која честопати ние, како жени, сакаме да ја слушнеме. Емотивната страна постои кај секој човек, без разлика од кој пол е, само поинаку реагираме на работите. Сите мои текстови, статуси и слично, кои ги објавувам, се спој од мое и туѓо искуство, создавам приказни и ликови и преку нив го споделувам моето мислење околу таа тема. Моите проблеми никогаш не ги споделувам јавно, така што уметничките текстови се само дел од моето творештво, а кога сакам јавно да зборувам за некој актуелен проблем, тогаш пишувам конкретно и прецизно. Јас сум човек којшто дискутира за проблеми, не за лица со име и презиме затоа што секој може да се подобри и нема потреба од посочување.
* На твојот Инстаграм профил објави фотографии на кои рекламираш пижами, и искрено велиш дека никогаш не си сонувала дека ќе станеш модел затоа што целиот живот се бориш со вишокот на килограми... Како дојде до тоа да станеш модел?
- Никогаш сум немала амбиции да бидам модел, туку повеќе сум лик кој сака да се изрази на што поуметнички начин. Во овој случај, бев повикана од една позната компанија за долна облека и пижами за да изрекламирам една нивна тогашна колекција за пижами со поголеми броеви. Во тие моменти бев поласкана, но од друга страна бев со двојбата дали јас прифаќам дека сум девојка со повеќе килограми. Но, сфатив дека сепак тоа е дел од мојот живот и зошто да не пренесам порака со тој проект кој се случи само тогаш. Сепак во мене препознале доволно убава жена да ги краси нивните страници, па зошто да не го прифатам нивниот комплимент како што е и етички исправно. Со овој проект сакав да си покажам најпрво на себеси, па на другите, дека треба да ја гушнеш секоја своја состојба и форма за да продолжиш напред. Јас сум уметник и не сум никаков модел, но сум човек кој смета дека треба да се изградиме премногу духовно и умствено затоа што сè може да ни се случи, не само вишокот килограми, и токму тој силен карактер е оној кој ќе нè преброди до подоброто утре.
* Ти си успешна во твојата професија, реализирана личност, дали борбата со килограмите за која зборуваш те попречила во успесите, дали си имала проблеми или неприфаќање од околината поради нив?
- Би излажала ако кажам дека тој проблем со кој се соочува секој втор не ме попречил. Можам да кажам дека тоа е условно кажано единствената мана која си ја наоѓам на себе затоа што постојано низ годините таа борба ме победува. Секако, не е изгубена. Сепак, човекот е суштество кое најпрво гледа со очите, па слуша, па на крај разбира. Живееме во свет на естетика и сметам дека кај апсолутно секој човек, барем за момент, стои една предрасуда кон оној кој има некаква физичка несовршеност. Да, знаат луѓето да те гледаат попреку, но на крајот од краиштата, постои една магија кај човекот наречена харизма која и најубавиот човек знае да го претвори во предмет ако ја нема. Физичката убавина знае да отвори многу врати, но вистинскиот успех бара и макотрпна работа зад затворени врати. Убавината е само шлаг на тортата, но има многу шеќери во него, па некогаш и не мора да стои задолжително. Овој мој проблем има врска со генетика измешано со брзи диети и изгладнување од рана возраст, па јо-јо ефекти и мораше на полош начин да сфатам дека решението е само во здравата исхрана, здравите навики и физичката активност за да бидеш здрав и здраво да изгледаш .
* Во една твоја објава на Инстаграм зборуваш дека преклани во декември лекарите едвај ти го спасиле животот. Ќе те цитирам:„Лани, на овој ден, иако беше сончево, мене светот ми се сруши. Посетив некои ѕидови кои не беа домашни, а беа составени од кревети, но не беа вака декорирани. Луѓето таму ме спасија, денес се чувствувам како да ми е втор роденден“. Што се случи тогаш, и како си сега, по овој неубав настан?
- Скоро пред две години ми се појави еден здравствен проблем кој не беше ризичен по живот, но кој поради спој на околности ескалираше до тоа да стигнам до лежење во болница. И покрај редовни контроли, сепак дојдов до таа ситуација и не се обвинувам ниту јас ниту лекарите, туку тоа го гледам како нешто кое морало да се случи. Проблемот се реши тогаш и повеќе не постои. На тој ден можам да кажам дека Господ ме чувал и ми дал една голема лекција. Фала му на Бога совршено сум здрава и камо да не се повтори никому болница освен за убави работи.
* Влатко Лозаноски е твој брат. Тој е една од нашите најголеми музички ѕвезди, миленик на сите генерации, а каков е Влатко по дома, кога не е оној Лозано што го гледаме на сцената?
- Влатко е мојот постар брат на кој премногу сум горда, Тој е човек кој е растен со музиката и знам колку се дава за неа. Можам да кажам дека приватно е онаков каков што е на телевизија: скромен и емотивен. Од него имам научено многу и можам да кажам дека взаемно се поддржуваме во сè што правиме.
* Имаш ли најдраг спомен или смешна случка поврзана со твојот брат од детството?
- Ние сме две години разлика и буквално израснавме заедно во Кичево. Дури и шест години бевме иста смена во основното училиште така што колку што го гледав дома, толку го гледав и таму. Сме играле секакви игри од тоа време, сме биле креативни дома. Она на кое најмногу се сеќавам е дека, поучени од нашиот музикален татко, следевме многу музички настани меѓу кои и Евровизија. Во тоа време не ни беа достапни веднаш хитовите од фестивалот, па затоа чекавме реприза на настанот, го земавме касетофонот и ги преснимувавме од телевизор на касета песните, па ги преслушувавме. Сметам дека оттогаш научивме како да ја сакаме и почитуваме музиката, но и да бидеме културни и воспитани растејќи и со мајка наставничка.
* Освен што пишуваш поезија и романи изработуваш и убав накит. На кого го имаш подарено најуникатното парче?
- Дизајнот и изработката на накит е приказна која трае веќе пет години. Како еден креативен човек кој има дарба и за изработка на предмети, накитот и општо деталите, се една моја голема љубов која мораше да прерасне во една од моите професии. Морам да кажам дека низ годините имам направено толку многу уникатни парчиња што навистина не ми прави разлика за кого е направено затоа што секој се радува на нив на подеднаков начин. Моите техники дозволуваат да се изработат секакви додатоци, не само женски накит, така што благодарноста која ми ја укажуваат е подеднакво голема како да сум направила накит за една кралица.
* Што те окупира професионално и приватно во ова време додека трае пандемијата, и колку си емотивно среќна, вљубена и исполнета?
- Ова време нè погоди сите без разлика кои сме и што работиме. Притисокот од медиумите, негативната енергија која се шири наоколу и многу тажни вести си го прават своето. Пробувам да останам во својот среќен свет на творењето колку што можам иако ни јас не сум имуна на сè што се случува. Најтешко ми паѓа отуѓувањето меѓу луѓето и таа осаменост која ни се наметна. Пробувам да ги следам моите сништа и планови колку што може во овие услови. И гледам да сум секој ден заљубена затоа што, на крајот од краиштата, љубовта е таа која го спасува светот.
Милица Џаровска