И официјално: Македонецот со потврда дека е помеѓу 50-те најдобри наставници во светот

Наставникот од Свети Николе, Иле Михајловски кој беше номиниран во првите 50-те најдобри наставници во светот за престижната Глобална награда за наставници за 2025 година, сега официјално го доби признанието.
Со статус на Фејсбук се огласи и се заблагодари за признанието, кое го смета пред се за личен успех, но и за сите оние кои веруваа во него.
„Ова ќе ми биде потсетник дека вреди да веруваш во себе и во своите способности, потсетник дека вреди и кога другите не веруваат во тебе, ќе биде мотиватор за уште повеќе верување во себе, дека невозможното станува возможно, кога знаеш дека можеш, кога знаеш дека можеш да ги поместиш своите граници со труд, чесна работа и секогаш за доброто на децата. Потсетник дека сам можеш многу, дека упорноста , страста и верувањето ќе биде препознаена и кога најмалку се надеваш“, напиша Михајловски.
Тој во интервју за Женски магазин зборуваше за предизвикот да се биде наставник во модерното време.
- Предизвици има многу и некако оние образовните можеби и не ме плашат многу, веројатно поради мојата способност лесно да се адаптирам во се што значи работна задача. Најголемиот предизвик е што фокусот како наставник се повеќе не е знаењето, учењето и стекнување знаења. Фокусот е на големиот број на деца кои тивко врескаат за помош, ги мачи анксиозност, депресија, агресивност, врсничкото насилство станува секојдневие, отсуство на родителска грижа, отсуство на втемелени морални вредности. Многу ме боли кога гледам како некое добро воспитано дете и солиден ученик е жртва на потсмев од соучениците, кое тешко е прифатено од другите. И како наставник, колку и да останеш нем на она што го гледаш, го даваш секој атом сила да детектираш на кое дете каков вид на помош му е потребно, да помогнеш и им ја вратиш вербата, особено на оние кои ништо не кажуваат, а им се гледа во очите.
Во продолжение ви го пренесуваме Фејсбук статусот на Михајловски за добиеното признание со кое секој еден во нашата земја го направи горд.