Идеи кои ја поттикнуваат креативноста на децата: Училиштето „Вера Циривири Трена“ доби нов двор

Не само во училница - образовниот процес е комлексен, а е многу важен за развојот на младите. Учениците таму го создаваат карактерот, учат, но и се дружат. Вработените во скопското основно училиште „Вера Цириври Трена“ се уште една светла точка во нашиот образовен процес. Меѓу првите ја промовираа важноста од зголемување на активностите на децата и меѓу часовите со јакнење на нивната креативност, желбата за игра, развивање на вештините.


Под мотото „Занимација и рекреација за секоја генерација“ вработените, родителите и учениците од ова училиште дадоа нов изглед на еден дел од училишниот двор. Сега тој е опремен со нови реквизити кои нудат нови можности за сите во училиштето. Од ООУ „Вера Циривири Трена“ велат дека со активна работа во која се вклучиле наставниците, учениците, но и родителите се потрудиле учењето на децата да добие нова димензија, развој на секојдневните вештини, а притоа да биде интересно, забавно и водено од детските потреби, желби и фантазии. 

“Инспирирани од современиот начин на учење и изразување на креативноста преку игра се трудиме учениците да ги насочиме кон вистинскиот пат на кој ќе напредуваат, и ќе се развиваат во вистинска личност. За таа цел е дизајнирана сензомоторна патека од природни материјали погодна за деца на сите возрасти. Улогата на сензомоторната патека го помага физичкиот како и менталниот развој на децата. Оваа патека ги забавува децата, а воедно го јакне и балансот користејќи ги сензациите што ги добиваат преку стапалата, велат за Фактор од училиштето.

Но, не само тоа, во училиштето се играат традиционални игри како „Плочка“ и „Не лути се човече“ кои ја поттикнуваат истрајноста и трпеливоста кај децата но и важноста да научат да играат по претходно поставени правила.

Наставниците велат дека преку тие игри децата полесно ги усвојуваат броевите и нивната количина на вредност. 

А.Т.