Идејата е секој да учевствува. И тој што вежбал и тој што никогаш не пробал: Сања Стојковска за настанот кој ќе собере повеќе Зумба студија на едно место
Не постои човек кој не сака музика, а не бадијала се рекло дека музиката е лек за многу работи. Па најчесто кога сме тажни, или пак не ни е денот си пуштаме музика, а особено ако ни се погоди песната или ритамот можеме дури и да затанцуваме.
Секако и кога е најубав денот, музиката е тука да ни го направи уште поубав, еден таков вид на музика се и латино песните кои најчесто се пуштат кога се вежба Зумба.
Зумбата е дисциплина која е се‘ побарана и не само кај нас, туку насекаде во светот. А за сите оние кои се‘ уште се мислат дали зумбата е вештина за нив, дали ќе може да се снајдат со вежбите, односно танцувањето тоа може да го направат утре доколку го посетат настанот кој ќе собере неколку студија и инструктори кои повеќе години се занимаваат токму со Зумба, на едно место.
Организатор на настанот е Сања Стојковска, која на јавноста и е позната како водителката од Сити радио но и инструкторка по Зумба која повеќе од една деценија се занимава со оваа дисциплина.
Повеќето се интересираат кој се може да вежба Зумба, дали се потребни посебни вештини за неа, дали е само за дами, а на овие прашања и други одговор ни даде токму инструкторката и организаторката на настанот Сања:
„Искрено, зумба може да вежба секој. Секој еден што го интересира таков тип на вежбање, музика, ритам, динамичен тренинг. Не Ви требаат посебни вештини, затоа е тука инструкторот. (се смее). А една од најголемите заблуди е дека зумба е само за дами. Зумба можат да вежбаат и мажи, а секако постои и зумба кидс за најмалите.
* Колку луѓето ја препознаваат зумбата?
„Вообичаено сите знаат, некои повеќе, некои помалку. Оние кои можеби само слушнале, знаат да речат: Тоа нешто со танцување беше така? Во глобала ја препознаваат луѓето зумбата, бидејќи е различна на повеќе полиња.
* За два дена ќе има настан за Зумба може ли малку повеќе детали околу настанот?
„You can dance – зумба со Сања настанот е смислен да биде време за забава, дружба и вежбање. Настанот ќе почне од 20:00 часот па се до 23:00. Ќе има 6 студија и инструктори. Ќе има награди и подароци и многу забава.
* Кој се може да учествува?
„Идејата е секој да учевствува. И оној кој вежбал, вежба или пак никогаш нема пробано. Сите оние кои сакаат да видат како изгледа еден зумба тренинг, тоа ќе можат да го направат на 23.03. Затоа ги канам сите кои сакаат добра забава и динамичен тренинг, да ни се придружат. Секако, може и само да гледаат и да испијат по некој пијалак (се смее).
* Дали влезот е слободен?
„Влезот е симболичен, 100 денари“.
Н.Миланова