Илина Арсова: Да знаев дека олку популарен се станувало со вљубување во јавна личност, не ќе се мачев толку со планините
Девојката што ги искачи сите највисоки
врвови на седум континенти, деновиве се најде во врвот на јавниот интерес, исто
како и при секој новоосвоен планински врв во годиниве зад нас. Исто, ама малку поинаку.
Заедничките фотографии на најуспешната алпинистка, сликарка и еко-активистка
Илина Арсова и на најголемиот шоумен, актер и музичар Игор Џамбазов, снимени деновиве
крај Дојранското Езеро, кренаа планина од љубопитство, висока колку Монт
Еверест, околу нивната релација. Вљубени ли се?
- Да знаев дека олкава популарност се добивала со вљубување во јавна личност, ич немаше да се мачам толку години наназад да ги качувам светските врвови, доведувајќи се себеси во високоризични ситуации со кои многукратно сум си го загрозила животот и здравјето.Толку не ме пишувало по весници дури и кога станав прва дама од нашата земја што стапна на врвот на светот пред 7 години. Се надевам разбирате дека се шегувам, планините се моја страст и пасија кои некако имаа приоритет во мојот живот – вели Илина, оправдано критикувајќи го општото љубопитство.
Мај беше и пред седум години, кога Илина стана првата Македонка што го освои највисокиот врв на светот Монт Еверест (8848 м.) во циклусот искачувања на седумте највисоки светски врвови. Дали овој мај од дома, среде полукарантинските околности, го освојуваше најосамениот врв меѓу слободните мажи на јавната сцена – Игор Џамбазов?
- Тектонските движења околу Дојранското езеро приближија два осамени врвови кои се сплотија во планински венец, со што станаа посилни, посреќни и помалку осамени – одговара Илина.
Чепкањето по туѓите животие крајно индискретно, но нивните заеднички непретенциозни фотографии од Дојран со очигледен фин флуид меѓу Игор, кој не е поврзуван со ниедна жена по неговиот развод, и Илина, која веќе цела деценија е посветена на светските планини, некако логично предизвика љубопитство.
-Моите социјални мрежи секогаш биле отворени и транспарентно го прикажувале мојот креативен, професионален, па и приватен живот. Тоа е одраз на мојата личност, без многу тајни. Немало што да кријам, бидејќи освен повремено прекршување на 7-мата Божја заповед (Не прави прељуба, з.н.), други гревови речиси и да немало или барем јас така чувствувам. Фотографиите кои очигледно побудија толкав интерес во јавноста се најчесто фотографирани околу 5,30 часот наутро, додека уживаме во зраците на изгрејсонцето, без шминки и фотошоп, со бушави коси, но со искрена насмевка и сјај во очите. Му посакувам секому толку пријатно и возвишено да се чувствува, дури и во својата навидум неугледна надворешност.
Илина е најпозната по нејзините респектирачки алпинистички зафати, кои влијаат и врз нејзината сликарска дејност.
- Дипломирав на ФЛУ во 2005 г. и ликовната уметност е моја првична професија. Имам реализирано петнаесетина самостојни и уште многу групни изложби ширум светот: во САД, Канада, Еквадор (Ј. Америка), Сао Томе и Принцип (Африка), Малезија, Турција, Кина, Шведска, Германија и уште многу низ нашите краишта. Идеен реализатор и креативен продуцент сум и на краткометражниот серијал „Ова е нејзината приказна“ во режија на Игор Христов, каде ги овековечивме приказните на неколку балкански хероини од авантуристичките спортови.Изложбата WHITE беше приказ на новосоздадени дела по инспиративниот престој на Антарктикот и комплетирање на мисијата „7 врвови на 7 континенти“ од првата Македонка и една меѓу 60 жени на светот. Пресреќна сум што изложбата се реализираше токму пред избувнувањето на пандемијата.
Мултимедијалната изложба WHITE одржана на 6 март во НЛБ галеријата беше последната изложба, воопшто, пред забраната за јавни собири. Ако е оваа изложба последното нешто што Илина го стори пред карантинот, што ќе биде првото што ќе го планира сега, по неговото укинување и по олеснетата изолација?
-Самоизолацијата мене ми е многу добро позната така што карантинскиот период не ми направи некоја голема разлика. Најбитно беше уште на самиот почеток да ја прифатам ситуацијата како таква, а со тоа и поместувањето или откажувањето на одредени планови во и онака пренатрупаната агенда по која живеам интензивни два-тринаесет години. Се насочив повеќе на себеси, медитација, јога, спорт, уметност, пишување итн. Така, нема многу што да сменам и по завршување на рестрикциите, освен што ќе си ги видам моите драги родители, кои ги немам видено повеќе од два месеци, свесно дистанцирајќи се заради нивна безбедност – раскажува Илина.
Нејзините спортски активности сега се насочени кон домашните планини.
-Спортскиот предизвик моментално е насочен на искачување што потешки насоки на карпите во Демир Капија, каде во согласност со препораките можев непрекинато да тренирам и за време на рестрикциите. Не би ми дошла лошо уште некоја висока планина, од оние омилените на Хималаите или Андите, но доколку за тоа нема услови успевам да се задоволам и со други достапни задоволства како што е пливање во езерските води, креативна работа, љубов...
Од љубовта почнавме и со љубов и ја завршуваме оваа приказна на Илина. За сите нејзини предизвици е потребна, покрај љубов, и храброст, која очигледно не и недостасува, дури и во ова време наактуелната пандемија, која глобално отвори многу колективни стравови од различна природа.
- Медитацијата и вежбите за дишење, кои се обидувам редовно да ги правам во нашата „он лајн“ група беа клучни за контролирање на стравовите, грижата за себеси и особено за загрозените групи. Секако, практикував и препорачувам спортска активност која освен што го зајакнува телото, го зајакнува умот и менталното здравје. Во сета мака што му се случи на светот, благодарна сум на периодот кој претходеше бидејќи никогаш порано не сум имала време да си посветам себеси и на моите лични потреби.
Во нејзините храбри зафати беше и „Дневникот на моите височини“ , како што ги наслови своите алпинистички белешки, ликовни и запишани.
- Неодамна издадов пакетче разгледници со наслов „Дневник на моите височини“, направени од репродукции на мои дела инспирирани од планините, со кратко објаснување за нивното потекло. Токму пандемијата и карантинот ги насочив кон пишување на новото четиво автобиографски патеписи и се надевам наскоро ќе може да го прочитате – најавува Илина.
Јасна Франговска