Има време за празнување, верувам дека со вакцината ќе се смени сликата со пандемијата: Интервју со Венко Филипче

Добивај вести на Viber

Ретко кој политичар успеал во период од нецела година да ги искуси сите  спротивставени крајности на судот на граѓаните. Периодите во кои министерот за здравство, Венко Филипче беше доживуван како единствена успешна приказна во здравствениот колапс, наизменично се менуваа со нови, во кои улогите набрзина се менуваа, а главниот негативен лик беше резервиран за него. Во месеците кога утрата почнуваа со исчитување на бројот на новозаразени и починати од коронавирусот, јавноста внимателно го следеше секој негов чекор, а под лупа се ставаа сите одлуки. Истрајноста со која Филипче ги бранеше своите здравствени политики беше еквивалентна со жестината на нападите на опозицијата која недвосмислено го посочи како одговорен за големата смртност од овој вирус. Последните неколку денови министерот Филипче може да здивне. Намалениот број новозаразени и починати му даваат причина за оптимизам дека најлошото е зад нас. Успехот на науката, на повеќе светски фармацевтски гиганти кои го развија „лекот“ против Ковид-19 уште повеќе го надополнува неговиот позитивистички став во целогодишната Ковид-приказна, па со огромна доза на смиреност очекува во годината што е пред нас, вакцината да ги промени правилата на игра. Верува дека науката конечно ќе даде одговори на една од најголемите мистерии со кој се соочува современиот свет и дека во одреден датум, во одреден месец ќе кажеме збогум на корона вирусот. Инаку, препознатлив во својата сталоженост и резервираност во јавните настапи, министерот Филипче сепак во интервјуто за Фактор ја открива и неговата приватна новогодишна желба.

Дали со прифаќањето на функцијата министер за здравство некогаш помисливте дека ќе се соочите со еден од најголемите предизвици (пандемијата на корона вирусот) со кој речиси цела година човештвото буквално се бори?

Филипче: Мислам дека никој во светот не можеше да го предвиди ова, дека ќе се соочиме со нешто сосема непознато за науката, за човештвото воопшто. Оттаму, лично сметам дека пандемијата истовремено истовремено е огромен предизвик, предизвик кој што бара неверојатна енергија, посветеност и истрајност. Ваков предизвик, како што е Ковид-19  бара реорганизација на целокупниот здравствен систем во сите сегменти. Во делот на работата, односно во делот на поставеноста на функционирањето на јавните здравствени институции. Станува збор за реорганизација посебно во делот на практичната, апликативната работа на кадарот, пренамена на сериозно голем број болнички кревети и одделенија целосно за ковид. Конкретно, за Ковид-19 како болест, би рекол, сè уште е непозната, посебно на почетокот. Во таа смисла, се користеа алгоритмите за болести кои што беа во сличната група на предизвикувчи како и овој вирус SARS-CoV 2, a тоа беа протоколи и алгоритми правени за грипот, за ебола и така натаму. Па со тек на време се увиде дека се потребни одредени модификации и во делот на клиничката манифестација и секако во пристапот во однос на лекувањето. Така што, оваа епидемија во Македонија и воопшто, пандемијата во светот е предизвик кој што бараше и се уште бара прво честа и интензивна координација и комуникација со сите чинители во рамките на здравствениот систем, со сите чинители и надвор од здравствениот систем, посебно во делот на имплементирање на различни мерки за време на вонредната состојба, но и сега во кризнава состојба меѓу различни институции, што секогаш и само по себе е предизвик, дури и во ситуации кога нема ваква пандемија. Во оваа насока сметам дека нашиот здравствен систем за прилично брзо време се прилагоди, но и сите останати институции добро одговорија. Пред сè зошто беа добро координирани, зошто имаше чести координации и комуникација во рамките на Кризниот штаб кој што сè уште функционира, а тоа е нешто што направи да можеме да излеземе навистина со многу брзи решенија за проблеми кој што се јавуваа секојдневно.

Како во моментов го оценувате нашиот здравствен систем, успева ли да одговори на актуелната ситуација, или како секој човек со повисоки амбиции би рекле, „па може и подобро“ ?

Филипче: Не би рекол дека во овој момент нешто недостасува или не е како што треба. Напротив, сметам дека сите кои што се вклучија од почетокот во процесот, понатаму, сите останати луѓе кои што се вклучија подоцна во процесот заради тоа што се наметна потребата од проширување на капацитетите, тие го даваат својот максимум. И ние многу добро знаеме што значеше секојдневната работа. Како се пренаменуваа одделенијата за да бидат ковид болници, за колку брзо време се инсталираше кислород таму каде што беше потребно, колку пожртвувано здравствените работници, пред сè директорите на одредени клиники кои што се вклучени во овој процес и директорите на сите општи клинички болници во кои се лекуваат пациентите болни од ковид, без да се штедат, посветено работат секојдневно. Сметам дека и покрај тоа што сериозно долго трае оваа криза ентузијазмот не е намален. Напротив, и на секојдневните консултации и координативни состаноци кои ги одржуваме еднаш неделно, навистина тој степен на ентузијазам кај здравствените работници е многу голем. Иако сега имаме податоци, односно бројки кои покажуваат дека кризата полека спласнува, а ние тоа го чувствуваме и по бројот на приеми во болниците, сепак таа координација интензивно трае и понатаму. Се спремаме за предновогодишниот период, периодот на празниците кога и традиционално наназад се правеле распореди за дежурства, за сменска работа во текот на целиот овој период, така да мислам дека навистина одлично одговорија здравствените работници. Владата го цени тоа, ја цени нивната пожртвуваност, нивната енергија да го издржат притисокот, да ја издржат борбата докрај, задари што и се одреди една сума за околу 7.600 здравствени и нездравствени работници и тие заслужено ќе бидат наградени сега пред Нова година.

Во почетокот на епидемијата во Македонија бевте омилен меѓу граѓаните иако постоеја дури и оние непопуларни карантински мерки, но подоцна, со зголемување на бројот на заразени, посебно со големиот број починати лица на дневна основа, сликата се смени и често сте подложен на критики? Дали грешиме во некои чекори како држава во справување со кризнава ситуација?

Филипче: Критики имаше и од почетокот на кризата, посебно од страна на опизицијата која што секогаш имаше критика за кој било наш предлог или препорака или сугестија. И смртноста е нешто што е често предмет за критики. Меѓутоа, реалноста воопшто не е таква дека ние имаме огромнна смртност која не може да се спореди со некои други земји. Напротив, многу сличен степен на леталитет имаат и многу други поразвиени европски земји со многу поразвиени здравствени системи. Од соседството Бугарија, Грција, Босна, Словенија. Имаме и многу специфичен начин на пресметување на леталитетот. Никогаш не ги исклучивме постмортем брисевите со цел да ги заштитиме семејствата на починатите. Во таа смисла сметам дека сè што се аплицира во нашите здравствени установи како методологија на лекување на пациенти е секогаш врз основа на медицината базирана на докази, внимавајте, станува збор за болест за која што нема специфичен лек и за која што дури и еден лек кај двајца исти пациенти не се дава со иста доза секогаш. Значи има доста разлики, модификации кои што исклучиво зависат од клиничката слика, односно состојба на пациентот и затоа секогаш инсистиравме на тоа да е докторот тој кој што мора да направи проценка, прегледи за да се препише соодветна терапија.

Целото интервју на министерот за здравство Венко Филипче прочитајте го на Факто.мк