Имаат рајски плажи, а немаат болници, за дечињата кроасанот е неостварена желба, а сите се среќни: д-р Жанина Петрова Грајиќ за искуството во Занзибар
Занзибар е позната туристичка дестинација каде секоја година доаѓаат милиони туристи од целиот свет. Привлечен е поради егзотичното овошје, белиот песок, тиркизната вода, но и различните зачини, како и производството на каранфилче, цимет и бибер. Го нарекуваат и остров на зачините. Кога некој ќе каже Занзибар, пред нашите очи се појавува тиркизно море. И песок. И палми. И во право е,вели д-р Жанина Петрова Грајиќ која неодамна ја посети оваа чудесна земја.
Занзибар е сето тоа. И километарски плажи. И бранови кои се пенат додека се судираат со гребенот. И морето кое едноставно си оди. За да се врати. И алги. И школки. И ракови кои оставаат траги таму кадешто беше морето. И стапалата ви тонат во песок којшто е мек како пудра. Плажите и природните богатства се рај за посетителите. Но, тие се соочуваат и со другата, многу поинаква страна.
- Се стемнува многу рано, во 18 часот, а се разденува вообичаено во 5 часот. Со оглед дека струја по домаќинствата нема веќе од 18 часот, островот е потонат во мрак како да е во длабока ноќ, а светка само по некое улично светло. Куќите се без прозорци и врати, трошни и многу мали. Главен град е Стоун Таун и е во стилот на амбиентот на островот, трошен. Нема продавници и трговски центри, има пазари со речиси иста роба, но многу несредени и генерално нечисти. Немаат болници, ретко да се види амбуланта низ целиот остров. Се лекуваат со тревки и чаеви, а аптеките се со оскудни рафтови, со по 2-3 кутии на нив. – открива лекарката.
Во текот на целата година температурата е од 23 до 27 степени, а преку пролетта има доста врнежи од дожд.
- Генерално се сите среќни и не би го менувале овој начин на живот. Често од мештаните ќе слушнете „Хакуна Матата" или „Сѐ е добро" и ,Џамбо, Џамбо" или ,Здраво.“ Живеат здрав животбез стресови, без амбиции, задоволни се сомногу малку. Генерално, среќен, спокоен и сиромашен народ. Скромни се и не посакуваат повеќе од тоа што го имаат.Јадат органско овошје и зеленчук и дишат чист воздух. Не возат автомобили. Се среќаваат само туристичките комбиња. Нема фабрики и индустрија. Вкусот на мангото, ананасот, маракујата, авокадото, бананите таму е поинаков од тој што го знаеме, многу се посочни и повкусни. – вели Петрова Грајиќ, која Занзибар го доживеала како еден сосема поинаков свет.
- Свет на чисти и скромни души. Дечиња кои се радуваат на шарен молив и розева гума. Дечиња за кои кроасанот купен од продавница е неостварена желба. Дечиња со толку позитивна енергија што ќе сакате бескрајно да ги гушкате и да им дадете барем едно парче од нашиот свет, за кој тие ниту во соништата не можат да го доловат. И едно е сигурно, среќата е во нешто сосема друго, среќата е во нас самите, среќата и добрината кои во овој наш свет сѐ помалку ги среќаваме. Имаат во изобилие овошје и зеленчук. Ќе го вкуситеЏек со најголем плод од сите овошја. Вкус меѓу банана и ананас. Имаат фарма за зачини, дрва и плод од сите 4 врсти на бибер, куркума, ѓумбир, ванила, какао, цимет, лимунова трева, мускатно оревче,
каранфилче.Куќите на жителите од племето Масаи се изградени од кал. Кај нив постои обичај кога семејството на момчето ќе ја запроси девојката, должно е да плати пари за неа. Законски, разводот е забранет иако е дозволено еден маж да има повеќе жени. Не сакаат да се селат надвор од островот, многу си помагаат меѓу себе. Живеат во просек 70 години. – открива лекарката..
Занзибар во 19-от век бил главно место од каде се купувале робови, кои биле разнесувани низ цела Африка, па и Америка. Најголем дел од населението заработуваат 150 долари,побогатите заработуваат 700 долари, а политичарите до 3000 долари.Муслимани се по вероисповест.
- Учениците носат униформи,девојчињата се забрадени со марами од прво одделение.Занзибар е познат и по тоа што тука е роден Фреди Меркјури, кој првите неколку години од животот ги поминал во Стоун Таун. Неговото име било Фарок Булсара, а куќата во која е роден е претворена во музеј. Деновите на туристите се исполнети со забава, традиционална вечера со нивни специјалитети, сино(„blue“) сафари со нуркање и уживање во богатиот морски свет. – завршува Петрова.
С.А.Н