Тања Кочовска: Имам оштетен слух и засекогаш уништен сон
„ Имав 16 години кога бев во зенитот на мојата спортска кариера. Бев несопирлива и нижев успеси, награди, на државно ниво. Две години подоцна, го запознав него. Бевме млади, среќни и во голема љубов. Сѐ додека не го видов неговото вистинско лице. Одеднаш стана брутален“, е дел од приказната која ја сподели актерката Тања Кочовска.
Во видеото, кое е објавено на социјалните мрежи, таа понатаму вели:
„ Денес, денес имам 25 години, дете, оштетен слух и засекогаш уништен сон за учество на Олимпијада. Ја слушнавте вистинската животна приказна на Јана. Но, во темница останаа уште илјадници нераскажани приказни за жени и девојки кои претрпеле родово базирано насилство. Нивниот глас, и нивната приказна треба да се чуе. Затоа „Слушни ја“ и приклучи се во кампањата против насилството врз жени и девочиња“, рече популарната актерка.
Тања, заедно со Анета Кочишки, Амернис Нокшиќи и други познати жени ја поддржа кампањата „Слушни ја - 16 дена активизам против насилство врз жени и девојчиња.“