In Memoriam, интервју со Исидора Бјелица за Женски Магазин: Мое е да станам, останатото е на Господ

Добивај вести на Viber

Се потсетуваме на интервјуто, направено во 2018-та година со прерано починатата Исидора Бјелица, српска писателка, ТВ водителка и моден диктатор. Таа важеше за една од најелегантните, модерни, софистицирани, дами со стил. Нејзиниот стајлинг не може да се замисли без нејзиниот заштитен знак, односно нејзините шешири, а нејзиниот лик не може да се замисли без нејзината позитивна енергија и позитивен дух.

Жена – борец, жена – професионалец, жена – дама. Дали дамата се раѓа или се гради, дали треба да носите брендирана облека, како да се изборите во најтешките моменти, што ја инспирира да пишува, на овие и други теми, тогаш поразговаравме со жената – хероина.

* Вие важите за интелигентна, храбра, паметна, позитивна личност, дама со стил. Како би го опишале вашиот стил, што е она што најмногу ве дефинира како дама?

- Ви благодарам. За мене прашањето за стилот е прашање на животот. Јас сакам елегантен данди стил. Мои идоли отсекогаш беа жените кои се вистински дами како што се Одри Хепберн, Џеки Кенеди која се дружеше со мојата мајка. Принцезата Дијана која имав прилика лично да ја запознаам. Откако го открив гардероберот на мојата баба и прабаба кои таму ги чуваа нивните предвоени шешири одлучив засекогаш да ги носам…како што вели Шанел Коко мислите на жената треба да се совпаѓаат со нејзината гардероба. И прашањето на стилот е прашање на префинетоста, елеганцијата и естетиката која ја зголемува вибрацијата.

Мислите ли дека дамата се раѓа или се гради?

- Мислам дека се раѓа, но мора перманентно да работи на себе за да се одржува. Надворешната елеганција мора да биде проследена со висока свест и добра душа инаку се е напразно. Начинот на кој се облекуваме е наша порака за тоа како размислуваме, што сакаме, тоа е прв знак за препознавање.

* Покрај отменоста, стилот, најмногу сте познати по шеширите. Што е тоа што најмногу ви е привлчено кај овој моден додаток без кој не може да се замисли вашиот стајлинг?

 - „Шеширите се машина за фантазирање“ изјавил Салвадор Дали. Тие внесуваат неверојатна радост во животот, ја естетизираат реалноста. Јас сум заљубена во шеширите, ги правам и старите ги поправам. Едноставно, елеганцијата е потполна со шеширите, се радувам што преку Кејт Мидлтон шеширите се вратија во мода и кај младите девојки.

Шешири сигурно имате, што друго може да се најде во вашиот гардеробер?

- Отсекогаш ја сакам модата и имам одредени фетиши, лепеза од шпанска чипка, сакам бисери и мислим дека чевлите на Салваторе Ферагамо се најдобри и како што опишав во романот „Мојот дедо Луј Витон“, мислам дека Витон ташните се најдобри.

* Доколку треба да седите дома и немате обврски, како се облекувате, некое лежеренo издание или сакате да бидете средени и во домашна атмосфера?

- Кога сум дома сакам да ги носам „кафтаните“ кои ги купив во Мароко и Египет. Тие се прекрасно естетички, а опуштени. Никогаш не носам тренерки и слични работи. Кога не сум во кафтаните, тогаш сум во свилена облека за спиење и пењоар, затоа што моето работно место е во кревет- таму пишувам (се смее).

* Кои креации сметате дека се најдобри?
- Кога станува збор за облеката, мојата италијанска пријателка ми го откри брендот Луиса Спањоли и оттогаш сум верна на овој бренд. Ја обожавам Луиса, затоа што е елегантна како Шанел.

* Според Вас, од јавните личности (освен Вие) кој друг најдобро се облекува?

- Голем број од јавните личности имаат нота на сценски гламур, а јас тоа не го сакам. Јас сакам софистицирана елеганција. Искрено, личност која најмногу ме импонира со својот стил е од Македонија, вашата успешна бизнис жена Јана Марин, таа ја има елеганцијата како Грејс Кели, тоа е она што најмногу го сакам.

* Што мислите дали облеката треба да биде брендирана и скапа за една жена да изгледа убаво?

- Мислам дека нема потреба да фрлате пари на парчиња бидејќи денес е многу тешко да видите разлика меѓу Зара и Гучи фустаните. А кога се во прашање обувките и чевлите мислам дека тогаш брендот има смисла бидејќи трае затоа што тоа е инвестиција. Пред сѐ, јас собирав пари од книгите за добра ташна и обувки и тоа ви е како да вложувате во злато. Подобро е да купите една добра ташна посебно на овие брендови кои никогаш немаат распоред Хермес Витон Шанел и Диор, за кои пишував во својот роман „Мирисот на небото“, кој се случува во Ница во продавницата Шанел и модната антикварница на мојата пријателка.

* Некако во последно време се повеќе е сведено на вештачкото, премногу шминка, вештачки додатоци, пластични операции. Што мислите вие за тоа?

- Тоа не е мојата шолја чај, тоа е за бизнисот на старлетите.

* Што ѝ треба на една жена да биде среќна?

- Пред сѐ, треба да изгледа автентично, да работи и живее онака како се чувствува. Автентичноста е тајната на среќата, а не другите да ни диктираат што да правиме и како да изгледаме.

* Важите и за една од најуспешните писателки, што ве инспирира да пишувате?

- Патувања, духовност, мода, тајната на женската историја, но и рушењето на табуата секогаш е инспиративно.

* Ако ја оставиме модата и пишувањето на страна, каде дефинитивно се докажавте, за вас кој е најголем успех. Што ве прави горди?

- Успех е да останете свои, да го задржите девојчето во себе.

* Како започнува денот на Исидора Бјелица?

- Кога ќе ги отворам очите прво ќе се насмеам на себе и светот и ќе ја пуштам Марија Калас, која ја обожавам, па пијам топла вода со лимон.

* Кое е најубаво место каде што може да се релаксирате и да се одморите?

- Јас најмногу го сакам морето и сонцето. Многу време поминувам во куќата во Херцег Нови, каде среде собата направив када со поглед на морето.

* Успеавте да се изборите со карцином. Во најтешките моменти и битки, кое ви беше најсилно оружје. Што ви даваше сила да се борите?

- Благодарение на Господ и на вашата најдобра болница Систина. Секогаш верувам во невозможното и знам дека секогаш кога ќе паднам треба да станам. Колку и да ме удира животот, јас ќе го ставам најдобриот шешир, ќе соберам сила и ќе станам. Мое е да станам, останатото е на Господ.

* Денес, секој втор човек е болен од оваа опасна болест, кои се вашите препораки?

- Стресот е голем проблем, секој животен предизвик, па и болеста треба да ја сфатите како повик да работите на себе. Тоа е повик на промена не само на стилот на живот туку и да научите да живеете во сегашноста.

* Која е најпоучната лекција која сте ја научиле во животот?

- Нашите мисли се извор на нашата среќа и болка. Среќен е оној човек кој секогаш има добри и позитивни мисли кои во се гледаат добро.

* Вие сте личност со позитивен дух и истрајност, од каде ја црпите енергијата?

- Целата добра енергија, љубов и радост се од еден боженствен извор. Кога човекот е депресивен тогаш гледа се црно, едноставно се исклучил од тој боженствен извор. Затоа е алармот, да му се вратиме. Тука сме за да се учиме на љубов. Луѓето дозволуваат да бидат жртви на надворешни влијанија, но суштината е дека надворешните работи не можат да влијаат на нашата радост, хумор, убавина. Често да бидеме на висока вибрација на љубов.

* Дали некогаш сте размислувале да станете мотивациски говорник?

- Гледам дека многу луѓе го бараат тоа од мене. По сите писма кои ги добив, јас мислам дека моите книги се доволен начин да им помогнам на луѓето да излезат од лавиринтите и од мракот. Го сакам пишуваниот збор, но мислам дека и преку интернет може да ја кренеме вибрацијата и љубовта.

* Ви благодариме на времето и вниманието. Кои се вашите идни планови?

- Вложив премногу енергија за да научам да живеам во сегашноста за да би мислела на иднината (се смее)!


Христина Ѓоргиевска